20.5.2020

УКАЖУВАЊЕ НА НЕПРАВИЛНОСТИ при избор на нов општински грб и знаме на Општина Свети Николе

До

Совет на Општина Свети Николе

Плоштад Илинден бб,

2220 Свети Николе

 

Скопје, 20.5.2020

 

 

Предмет:

 

УКАЖУВАЊЕ НА НЕПРАВИЛНОСТИ

при избор на нов општински грб и знаме

 

Почитувани,

 

Претседателелството на Македонското Грбословно Друштво (МГД) како стручно здружение кое се занимава со проучување на хералдиката и вексилологијата остро ја осудува промената на грбот и знамето на Општина Свети Николе. Имено, на 50 седница на Советот на општина Свети Николе одржана на 18 мај 2020 година е донесена одлука за промена на грбт и знамето на општината. Со одлуката практично се враќа амблемот на општината кој беше променет во 2014 година.

 

Проблематични се самото менување на симболите, како и процедурата за нивно менување.

 

Прво, сегашниот грб е добиен со спроведување на конкурс во Советот на општина Свети Николе на 25.7.2014 година, со акламација го усвои новиот грб на општината. Во официјална употреба грбот се користат од 27.2.2015 година. Овој грб е дел од Македонскиот месно-хералдички систем на кого припаѓаат и други општински грбови и знамиња.

 

Грбот беше донесен во демократска постапка, а беше изработен од Стојанче Величковски, хералдичар со големо искуство. Блазонот на грбот гласеше: на лево закосен зелено и златно, крст од пастирски стапови обратно обоен. Авторот на грбот неговата симболика ја предава преку надежта дека Овчеполието ќе биде дарежливо и на светиниколчани ќе им подари богата реколта од којашто е преземен колоритот на боите, според нивното хералдичко значење: зелената – боја на надеж и златно – жолтата – боја на дарежливост, што во потполност одговара на најпрепознатливата карактерна особина на св. Никола. Светиниколскиот крст е составен од по два паралено поставени пастирски стапа (крљуга) коишто се поставени така што на сите четири страни, крстот наликува на рогови на овен, што го симблизира и визуелно го лоцира Свети Николе како центар на Овчеполието. Овие симболи не носат никакви скриени идеолошки или политички пораки кои би биле во спротивност со каков било закон или би биле навредливи за некого.

 

Овој грб истотака е регистриран во Регистерот на грбови на Македонското Хералдичко Здружение под број 7/2014 на 31.12.2014 година, регистер кој сега е во надлежност на Македонското Грбословно Друштво.

 

Второ, „грбот“ усвоен на 50 седница на Советот на општина Свети Николе одржана на 18 мај 2020 година не ги испоплнува барањата на конкурсот по два основа:

  • Конкурсно барање е да се почитуваат хералдичките и вексилолошките стандарди при изработка на новиот грб, нешто што не е испочитувано и затоа се доби продукт кој воопшто не е грб туку штитовидно лого, што не е барано на конкурсот.
  • Понатаму избраното лого е чист плагијат, копија на грбот на општината користен до 2015 година и е во спротивност со сите хералдички правила, а со тоа е нехералдички. Имено усвоениот „грб“ ги содржи сите елементи во форма и содржина на претходниот грб, со мала измена, при што авторот со изјава (барана од конкурсот) тврди дека е тој автор на веќе постоечки грб, што претставува плагијат, што може да биде и кривична одговорност.

Тоа сигурно ќе биде пречка во процесот на регистрација на грбот и знамето во Регистерот на грбови и знамиња на единиците на локална самоуправа во Министерсатово за локална самоуправа од каде се бара мислење и од Бирото за заштита на индустриска сопственост за уникатност на понудените решенија.

 

Тој содржи генерички ознаки кои не се препознатливи и можат да имаат многу значења кои незадолжително се поврзани со Свети Николе. Воедно истото е во спротивност на македонскиот месно – хералдички систем, а неговата уметничка вредност мала.

 

МГД смета дека со промената на симболите на општината се врши трајна штета на угледот и достоинството на истата. Воедно се воведува дополнителен хаос во општински симболи во Македонија. Токму затоа МГД очекува Советот на општина Свети Николе да ја промени својата одлука и да го врати грбот и знамето на општината усвоени на 25.7.2014 година.

 

 

Д-р Јован Јоновски

Претседател и главен хералд

Македонско грбословно друштво