9.11.2018

9 години со „нов“ грб

Уставот од 1991 година не го дефинира грбот на Република Македонија, туку предвиде да се донесе закон за грб. Овој закон не беше донесен се до 2009 година кога се утврди грб на Република Македонија. Практично Македонија 17 години беше без грб, иако го користеше поранешниот грб, кој не беше регулиран според Уставот од 1991.

Предлог за отстранување на петокраката најнапред ќе дојде од пратеникот Фаик Абди во 1992 година. Овој предлог неколку пати ќе го актуелизира пратеникот Никола Поповски. На крајот и тогашниот премиер Никола Груевски, во 2007 година, ќе го предложи истото,  а  конечно, на 16.11.2009 година, без јавна и собраниска расправа, беше усвоен новиот Закон за грбот на Република Македонија со старо-новото решение за изгледот на државниот грб. На местото на ѕвездата, ќе се спојат житните класја.

Законот за грбот на Република Македонија го опиша грбот:

(1) Грбот на Република Македонија претставува поле опкружено со житни класје кои се поврзуваат на врвот, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви.

(2) Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река, а зад планината изгрева сонце.

Тука само се избриша реченицата: „Меѓу врвовите на класјата има петокрака ѕвезда“,  а се додаваат зборовите „кои се поврзани на врвот“ за житните класја. За прв пат е даден еталонот на ликовно-графичкото решение што е „составен дел на овој закон“.

Ова отстранување на петокраката беше најавено како времено решение, кое треба да се отвори понатаму и да се додефинира друг грб. Владиниот предлог од 2014 година за грб со лав не помина.