16.7.2010

Од историјата: Хералдичка визитација во Македонија

Нова Македонија, Јуни 1993
Деновиве во Скопје престојуваше господин Гинтер Клајнеџ, меѓународен експерт за хералдика, сопственик на Институтот за хералдика и генеалогија во Салцбург – Австрија. Воедно, тој е и професор на универзитетот „Алберт Ајнштајн“ во Даблин – Ирска. Моментално работи на проблематиката околу грбовите во Европа и нивна класификација по азбучен ред.

Својот престој во Скопје, меѓу другото го искористи и за контакти (кои не датираат од сега) со нашите стручњаци од Институтот за национална историја во Скопје, околу можноста, во еден од наредните месеци, во СКопје, да одржи предавање за хералдиката со посебен осврт на хералдичките знаци во Македонија.

Бидејќи во овој момент нашата држава доби ново знаме, а за грбот се уште се бие битка, сакавме да го слушнеме и неговото мислење како стручњак од оваа област, кој веќе подогло време се занимава и со грбот на Македонија.

– Ако гледаме историски, Македонија во својот државно-правен континуитет, единствено го има социјалистичкиот тип на грб – со класја, сонце, вода, официјализиран уште од 1946 година, вели проф. Клајнхенц. Но, што е уште поважно, Македонија има свој земски грб уште од 1595 година – жолт лав на црвен штит, со круна на главата и исто така круна на штитот. Се до одреден период кога македонскиот земски грб бил истиснат од бугарскиот! Па, така, се до дваесеттиот век вековната грешка била исправена, бидејќи црвен лав на жолт штит се наоѓал повеќе од двеста години на македонските симболи9. Уште пред 450 години, Петар Омучевиќ го запишал грбот на Македонија, како еден од најважните од Европа и уште тогаш бил регистриран во Италија и Австрија. Македонија има своја вековна традиција, која се однесува на нејзиниот грб.

Значи вашиот став е дека Македонија треба да го задржи својот земски грб?

Токму така. Едноставно Македонија не е нова земја. Само нова држава може да изгласува и да изнаоѓа нов грб! Таа веќе има свој земски грб со огромна традиција.

Дали би имало негативни ефекти, што лавот е употребен и за другите грбови во Европа?

– Вистина е дека и другите земји го имаат лавот на своите грбови, но хералдиката не знае за посилно запечатена грешка, отколку во вашиот случај! Факт е дека вашиот земски грб, сега е државен грб на вашиот сосед Бугарија!

Лавот е земски симбол, но и одлика и белег на некои политички партии кај нас. Што мислите за тоа?

– Изнаоѓањето на грбот, јас го гледам од хералдички аспект, од она што значи историја, традиција, дури и естетика, а се ми се чини дека во вашиот случај, сепак се работи за политички маркетинг. Сепак е најважно да се определите за нешто што најдобро ќе соодветствува на вашиот сопствен идентитет зошто грбот ја претставува земјата. Политичките партии не ме интересираат.