Правила на хералдика

Хералдиката претставува и систем на правила што го регулираат создавањето, блазонирањето (опишувањето), пренесувањето и наследувањето, употребата и менувањето на грбот. Со други зборови грбот е центарот на хералдиката, иако таа се занимава и со знамиња и беџови.

Општа дефиниција на грбот би била: „Потрајна наследна ознака за идентификација на одделни личности, фамилии, корпорации, политички и црковни установи, организации и држави, функции, територии и населени места, изразени со ликовни средства (знакови и бои) според хералдичките правила, при што грбот е „основен елемент на хералдиката“.

Оваа дефиниција дава пет моменти во дефинирањето на грбот: 1. траен карактер; 2. ознака за идентификација; 3. има носител односно титулар на грбот; 4. изразен со ликовни средства; 5. по одредени правила.

Прво, траен карактер. За еден амблем да биде грб, тој мора да е трајна ознака, што се обезбедува преку наследност, кога станува збор за лични и семејни грбови, а доколку станува збор за неличен носител, грбот треба да е потраен, во смисла да не се менува низ времето со промена на носителот на власта, управата итн. Токму од наследноста, на македонски, како и другите словенски јазици го добиваме и самиот збор „грб“, од германскиот збор „ербе“ кој значи наследно.

Второ, ознака за идентификација. Главната улога на грбот е визуелната идентификација на носителот на грбот. Со него се идентификуваат армигерот (грбоносец) неговата позиција, достоинство, неговиот имот, предмети и друго врз кое армигерот полага право. Станува збор за визуелна симболична идентификација. Идентификацијата може да биде остварена и со други средства, како текст, пишано име, но не е потребно да се удвои идентификацијата, и со грб и со пишано име на армигерот. Затоа, името не се става на грбот, ниту пак одат заедно. Исклучок се грбовниците, каде што името на армигерот се јавува исклучиво само како легенда.

Трето, грбоносец, односно титулар или армигер. Грбоносец може да биде само физичко или правно лице. Под физичко лице се подразбира поединец или поединци поврзани во семејство. Од друга страна, правно лице, во хералдичка смисла, се корпорации што може да бидат фирми и разни здруженија, вклучувајќи и универзитети и цркви. Понатаму, армигери можат да бидат територијални единици како региони, области, општини, градови и населени места, кои мораат да имаат некаков правен стаус. Земјата неопределена од некаква конкретна администрација не може да биде армигер. Земските грбови не можат да се сметаат за вистински грбови, но поради историската важност, понекогаш преминуваат во вистински територијални грбови. Понатаму, одделни функции/позиции може да бидат армигер. Грбот не го преставуваат оној што ја држи таа функција, туку самата функција, како, на пример, претседателскиот грб. Народи и настани не можат да имаат правен статус, а со тоа да имаат грб.

Четврто, изразен со ликовни средства. Грбот е визуелен ликовен симбол што се состои од штит со едно или повеќе полиња и амблеми. Во хералдиката, елементите и боите на штитот, мора да можат строго да се опишат со блазон и според него некој може да го репродуцира истиот грб иако претходно го нема видено. Доколу ова не е исполнето станува збор за штитовиден амблем.

Иако грбот може да биде прикажан и на друг начин каде што не се употребуваат бои, како резба, гравура, интарзија и слично, сепак тие разни шари прикажуваат конкретни бои. Хералдиката познава само полни бои и од нив изведени хералдички шари. Боите можат да бидат метали: злато и сребро, често преставени преку жолта и бела боја и бои: црвена, зелена, сина, пурпурна и црна. Одредени хералдички животни и предмети можат да бидат природно обоени, имајќи и други бои и нијанси. Шарите пак се хералдичките крзна како и шари што се добиваат со хералдичките делења и посејувања.

Петто, хералдички правила. Најважниот момент за една композиција да биде грб е при неговото создавање да се почитуваат правилата на хералдиката. Правилата на хералдиката се развивале во текот на многу векови и не постои конкретна листа со одреден број правила. Тука за илустрација ќе изнесеме само неколку:

  1. Грбот мора да има јасно дефиниран штит. Иако видот на штитот може да биде разновиден, сепак мора да има претпознатлив штит со некоја од хералдичките форми.
  2. Грбот се состои од штит со едно или повеќе полиња и амблеми во хералдички позиции. Меѓусебниот однос на полињата треба да биде според дефинираните хералдички правила. Истото важи и за амблемите, кои мора да се во одредените позиции на штитот, во зависност од бројот и видот на амблемите.
  3. Полињата и амблемите се сметаат како слоеви на штитот. Ова игра најбитна улога при блазонирањето на грбот.
  4. Правило на боите. Основно правило вели дека метал не се става на метал и боја на боја.
  5. Најглавни фигури се чесните фигури односно ординариите. Главни хералдички амблеми се ординариите: појас, столб, крст, превез, лев превез, стропило, чело и основа. Тие се основни фигури, кои имаат и свои деминутиви или субординарии.
  6. Страните на штитот се определуваат од страна на штитоносецот. Односно, хералдички лево е десно, а хералдички лево е десно.
  7. Животните се свртени надесно. Основната положба на животните е надесно. Доколку е поинаку, тоа треба да се нагласи посебно.
  8. Животните и предметите се прикажуваат во стилизирана хералдичка форма. Често, хералдичката претстава на животните и предметите е дефинирана низ вековите и понекогаш нема многу сличност со биолошкиот изглед. Па така морско коњче е половина коњ половина риба. А, пак, морското коњче какво што се среќава во морињата се вика биолошко морско коњче.
  9. Грбот има три претстави. Грбот може да се прикаже на три начини: мал, каде што се прикажува само штитот; среден каде што се прикажува штитот со челенка и девиза, доколку има; и голем грб, кадешто се преставува целосното хералдичко достигнување, со шлем и мантија, и дополнителни незадолжителни елементи како: подножје, штитодржачи, ордени, елементи на функција и голема мантија.
  10. Грбот може да има мантија само доколу има шлем со челенка. Мантијата е составен дел на шлемот и челенката.
  11. Мантијата е со боите од штитот. По правило, мантијата е во главната боја од штитот, а нејзината постава од главниот метал.

Ова е само еден мал дел од правилата за блазонирање, составување и читање на грбот. Постојат цела низа други правила врзани за употребата и изменувањето на грбот.