3.4.2019

Химната „Денес над Македонија се раѓа“

„Денес над Македонија се раѓа“, со текст од Владо Малевски, првпат е изведена на пречекот на новата 1942 година, во Струга. Нотно првпат ја дефинирал композиторот Тодор Скаловски, во септември 1944 година. Текстот за првпат е објавен во јуни 1943 година во „Македонски народно-ослободителни песни“.

Првичниот текст бил:

Денес над Македонија се раѓа ново с’нце на слободата,

Македонците се борат за својте правдини!

Не тажи, Македонијо, мајко ле мила, крени глава гордо, високо,

старо, младо, машко и женско на борба се кренало!

Одново сега знамето се веј(е) на Крушевската Република,

на Делчев, Груев и Питу Гули, Сандански, Димитри Влахов!

Горите македонски шумно пејат бојни песни, нови весници:

„Македонија слободна, слободна да живеј!“

Илија Топаловски вели: „Денес над Македонија се раѓа“ уште тогаш стана нешто како симбол на разгорената традиција на македонскиот народ“.

На првиот државотворен настан на Демократска Федерална Македонија, Првото заседание на АСНОМ, 2.9.1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, на свечениот дел од седницата била изведена химната: „Изгреј зора на слободата“. Работниот дел, пак, започнал со химната „Хеј Словени“. Со ова се промовираат две химни, едната на Југословенската Федерација како симбол на заедништвото со „другите“ народи, а другата на Македонија, како симбол кој ја прави разликата помеѓу „нас“ и „другите“.

И „Изгреј зора на слободата“ и „Денес над Македонија се раѓа“ говорат за иста главна тема – зората, изгревањето на сонцето на слободата. Изгрејсонцето, зората, се симбол на нова состојбата, како што ноќта преминува во ден, од ропство во слобода како концепти. Може да се каже дека тука сонцето како дел од зората е симбол и на класната слобода не само на националната. Се споменуваат и окрвавени знамиња, но не се поврзуваат со носител.

Во „Денес над Македонија се раѓа“, нагласокот е ставен на борбата на македонскиот народ. Сонцето на слободата изгрева над Македонија како резултат на борбата на македонскиот народ. Во неа се дава континуитет и симболичка поврзаност со Крушевската Република, преку воскреснатите илинденци: Делчев, Гули, Груев, Сандански. Интересно е што се споменува знамето на Крушевската Република, кое понатаму ќе биде основа и на знамето на Федерална Македонија.

Во славењето на слободата се вклучени и македонските гори кои се радуваат и извикуваат „Македонија слободно живее“. Текстот може да се сфати како национална, класна и секаков друг вид слобода.

Иако „Денес над Македонија се раѓа“ се изведуваше како химна речиси на секоја свеченост низ Македонија, нејзиниот пат до официјализација како химна на СР Македонија беше долг.

Дури во Уставот на СРМ од 25.11.1974 год., член 10, вели „Социјалистичка Република Македонија има химна“, но не дава други детали која е таа химна. Конечно, со уставните амандмани од 14.4.1989, со амандманот XXIV, се заменува членот 10 од Уставот на СРМ со текстот: „Химна на Социјалистичка Република Македонија е ‘Денес над Македонија’. Со што таа добива официјална позиција. Но во Законот не е даден официјален текст.

По осамостојувањето и изгласувањето на новиот устав во ноември 1991, со Уставниот Закон, Законот за грбот, знамето и химната на Република Македонија, кој требаше да се усвои до 20.5.1992.

На конкурсот, кој беше објавен на 25.3.1992 година, се бараше химната, како и грбот и знамето на Република Македонија кои ќе „ги изразат државноста, самостојноста и суверенитетот на Републиката, историските традиции, културното наследство, стремежот за социјален и духовен напредок, природните карактеристики на Републиката, заедништвото и сожителството и современите стремежи за демократско општество и европска и светска интеграција“.

На конкурсот од 36 предлози за химната на Република Македонија, Комисијата одлучи да ги додели прва награда за „Химна“ од Таки Хрисик, втора за „Денес над Македонија“ во музичка обработка на Тодор Скаловски и трета награда за „Да ни бидеш вечна“ од Александар Џамбазов. На анкета сппроведена од „Дневник“, 48% биле за посточеката химна, но со изменет текст, 13% биле за композицијата на Џамбазов, 7,5% за онаа на Хрисик, додека 12,5% не биле задоволни од ниедна од понудените.

 Но набргу се одлучи за предлог за химна да се оди со второнаградената, која е и актуелната химна, без интервенции на текстот. За Предлог-законот за химна имаше само еден амандман од страна на пратеникот Кирил Ковачевски, со кој се бара Никола Карев да се споменува во химната, но амандманот не беше усвоен. На 41 собраниска седница од 11.8.1992 година, без дискусија, со 88 гласови „за“, ја изгласаа дотогашната химна „Денес над Македонија“.