Општина Охрид
Грб на урбана општина

Заведен под број 5/2013 на 31.12.2014 година

Блазон

Штит
Сино, на зелен брег сребрена ѕидина со порта меѓу две кули. Во подножјето вода. Над сѐ златен едреник со сребрено едро, снижен.

Круна
Златна бедемска круна со три кули ѕидана златно, на средишната кула порта, сета украсена со рубини и бисери.

Венец
Две зелени дабови гранки со златни желади, соединети со црвена лента.

Блазон
Коста Стаматовски

Емблазон
Коста Стаматовски

Симболика

Симболите искористени за блазонот и емблазонот на грбот на Општина Охрид се засновани на претходно постоечкиот амблем на општината. Тоа, пред сѐ, се должи на историското значење на амблемот како еден од најстарите месни грбови во Република Македонија. Потекнува од 1950-тите години, а регистриран е во Регистарот на локални знаци во Обединетите нации како официјален општински симбол во 1967 година, што претставува вистинска реткост за еден македонски општински грб.

Ѕидината ја претставува Самоиловата тврдина, која е еден безвеменски и препознатлив дел од охридското и македонското културно-историско наследство. Таа не може да се поврзе со ниту еден друг град. Дополнително, со неа се нагласува битот на средновековната македонска држава.

Езерото како природно богатство е уникатно и препознатливо во светски рамки. Неговата старост и изобилството со ендемски видови го прават неодминливо како симбол.

Едреникот е асоцијација за туризмот кој е и основната економска гранка на општината. Но, едреникот е и асоцијација на крстопат од огромно значење. Имено, преку него се потенцира положбата на Охрид на Виа Игнација. Секако, не помалку важна е и неговата симболика како средство за распространување на просветата и верата, две основни нешта по кои Охрид се издига високо над останатите градови.

Како историска македонска престолнина, според месно-хералдичкиот систем круната на Општина Охрид е украсена со македонски рубини и охридски бисери, додека венецот е дабов.

Круната треба да послужи како симбол кој го истакнува и слави Самоиловото царство, а воедно треба дополнително да ја вреже Општина Охрид во нашата свест како меѓник на македонската душа и свест. Рубинот е најскапоцениот македонски камен и практично национален камен. Охридскиот бисер е уште еден типичен симбол по кој Охрид е надалеку познат.

Дабот е недвосмислен и незаменлив македонски симбол од памтивек. Имено, еден цел вид од родот даб носи назив Quercus macedonica т.е. Македонски даб. Тука треба да се напомене и дека древномакедонските владетели се окитувале со венци направени од златни дабови ливчиња, наспроти грчките примери од маслинови, палмови или ловорови. Ова е непобитно посведочено и со наодите во гробницата на Филип II. Фактот што Охрид е еден од неколкуте македонски градови кои непрестано живееат од своето основање па сѐ до денешен ден, а воедно е и град каде што древномакедонските артефакти се во изобилство, само го поддржува погорното становиште. Поточно, престолнината на македонскиот дух и непрегор заслужува чист и непобивлив македонски симбол како дабот.