Грбовите на Македонија

Со грбовите на Македонија, од­носно со земскиот грб, се занимавал само Алек­сандар Матковски. Неговите истражувања, кои се фокусирани на македонскиот земски грб во илирските грбовници, се објавени во книгата „Грбовите на Македонија, (прилог кон ма­ке­донската хералдика)“, 1970 го­д­­ина, во Скопје. За жал, како и дру­гите истражувачи од соседството кои го проучуваат грбот на својата земја (Александар Соловјев – срп­скиот, Хрис­то Дерменџиев и Иван Иванов, бугарскиот, а Ѓин Варфи албанскиот), и Матковски повеќе каталогизира, наместо грбот хералдички да го анализа.

Оваа книга ја популаризира хералдиката во Македонија и, практично, ги поставува нејзините основи.

Од објавувањето на книгата на Матковски (1970)1, има нови откритија и сознанија за илир­ската хералдика. Освен во илир­ската хералдика, грбовите на Македонија се наоѓаат и во други, вонилирски извори, кои целосно се непознати на македонската јавност, вклучително на научната и стручната.

Во вонилирските хералдички гр­­бови, најчесто станува збор за „Кралот на Македонија“, форму­лација соод­ветна на средно­веков­ните идеи дека земјата му припаѓа на кралот како наследена сопственост, формулација која, редовно, се среќава и за другите земји.

Посебна група на грбови прет­ставува и припишаниот грб на Алек­­сандар Македонски, кој е чест мотив во грбовниците и аплициран надвор од нив, како дел од славниот англо­саксонски еп „Деветте досто­ин­ствени“.2

Вонилирска хералдика

Најстара хералдичка претстава, поврзана со Македонија што  досега е откриена, односно што преживеала до денес е претставата на банер3 на Скопје од мапата на Анџелино Дулчерто од 1339 г., со блазон: злато (на златно поле), црвен двоглав орел. Над името на градот „Скопи”, пишува и „Сервиа”. Сепак треба да се истакне дека оваа претстава е различна од традиционалната за Србија, која речиси секогаш е црвено, бел двоглав орел.

Македонскиот грб, опишан како грбот на „Кралот на Македонија“,  се јавува во повеќе извори. Џон А. Гудал4 споменува три грбовници во кои се наоѓаат грбови со следниве блазони:

1. Сино (на син штит), три златни круни со црвени капи, челенка: од златна круна сребрена конусна капа, на врвот топче. Мантија: сино.5

2. Злато, четири црвени отсечени ремени двојно градобрански. Сепак според цртежот, кој го прави самиот Гудал, ремените се орамени.6

3. Верверица црвено и среберо, на сребрен појас три полумесечини златни, челенка: од златна круна сино крило со три полумесечини злато7.

Во грбовникот од Баварската библиотека8 од 1530 г. се претставени два грба:

1. Црвено, три сребрени ремени двојно градобрански, орамени златно (иако тука блазонот е даден поинаку, сепак станува збор за слична шара како онаа под број 2, од погоре).

2. На злато, три црни лакови од самострел во столб (еден под друг). Тука самиот изглед на фигурите е нејасен, па така можно е да станува збор и за три јареми.

Павле Ритер Витезовиќ, во вто­риот дел од својата стематографија, спомнува дека Македонија има два други грба, едниот со блазон:9 големо куче, а другиот: исправена тојага меѓу два воловски рога. Овие мотиви можат да се видат на картата на Винченцо Коронели од 1692 г. И во двата извора боите не се наведени.

Фра Фрањо Милетиќ, коментаторот на Фојничкиот грбовник,10 наведува дека грбот на Мaкедонија: црвено, златен кру­нисан лав, се наоѓа кај Виргил Солис11 од каде што влегува во илирските грбовници. Испитувајќи го фототипното издание од 1882 година јас не успеав да го потврдам ова.

Од досега кажаното може да се ви­ди де­ка грбот на „Кралот на Маке­до­ни­ја“, освен претставата со двојно градобранските ремени не е конзистентен, поради тоа што, веројатно, авторите на овие грбовници не се служеле со конкретни ликови, туку правеле свои презентации, што е случај со другите балкански, како и со поегзотичните земји. Без сомнение, пона­тамошното проучување и на други грбовници, ќе открие и други вонилирски грбови.

Грбовите на Александар Македонски

Посебно интересна тема е при­пишаниот грб на Александар Македонски како дел од „деветте достојни“, кој покрај грбовниците, се јавува аплициран и на разни таписерии, камени релјефи, и.т.н.  Најстарата претстава, каде што Александар е изобразен како витез што во раката држи штит на кој е насликан грбот, е онаа од 1394 г. со блазон: црвено, златен лав кој со двете раце држи златна секира.12  Иако во дел од другите претстави, грбовите се измешани помеѓу овие достоинственици, сепак претставата за лав е најраспространета. Другите претстави според Францис Велде13 се:

1. Сино, цар во своето велелепие седнат на трон, сè златно.14 Во другите претстави обично лав седи на тронот а не цар, како на пример во претставата од 1394 г.

2. Злато, црвен лав вооружен сино.15

3. Црвено, два златни лава во пресрет.16

4. Црно, златен грифон.17

Истиот блазон: црно, златен грифон  се наоѓа и на грбовникот од Аугсбург од 1530 г.

Во претставата на деветте достојни од 1483 г. на Антон Сорг, од Аугсбург, грбот на Александар Македонски  е: црвено, три златни круни. Во овој грбовник се измешани најголемиот дел од грбовите. Така грбот со три круни кој е доста конзистентен и во другите претстави му е атрибуиран на кралот Артур. Тука и други постојани грбови, како оној со ерусалимскиот крст, наместо на Годфрид од Бујон, му е припишан на Кралот Артур.

Џон Ферн18 го дава грбот на принцот Македон од Ематија19: црно, сребрен волк.

Илирска хералдика

Под илирска хералдика се подразбира хералдиката на еден грбовник за кој се тврди дека бил составен од Станислав Рупчич, Бан на цимери20 на Цар Душан, во 1340 година. За овој грбовник знаеме само по неговите преписи, во кои се наведува дека оригиналниот грбовник се чувал на Атос. Александар Соловјев тврди дека овој грбовник не можел да постои,21 туку дека постоел од некој протоилирски грбовник, од втората половина на 16 век, од кого се препишани сите други илирски грбовници, од кои за најстар долго време се сметал грбовникот на Коренич- Неорич22 од 1595 г. Според Соловјев, овој протоилирски грбовник,  всушност, е фалсификат, направен по нарачка од дон Педро Охмучевич (кој починал 1599), за да го докаже своето наследство од Релја Kрилатиот, гроф од Костур и други места од Македонија, во времето на Цар Душан. Анализа на историчноста на грбовникот на Станислав Рупчич е посебна тема со која тука нема да се занимаваме.

Матковски ја прифаќа оваа хипо­теза и низ целото свое дело ја упо­требува, со тоа што, сепак, оста­ва простор дека оригиналниот грбовник на Станислав Рупчич би можел да постои.23 Новите откритија и сознанија, особено преку најдените материјални докази,  веќе неспорно покажуваат големо совпаѓање со грбовите од илирскиот грбовник, што укажува дека оној што го работел грбовникот на Коренич – Неорич навистина имал извонредни поз­навања на хералдиката, симболите и претставите на средновековното благородништво или, пред себе имал, некој  вистински грбовник.

Македонскиот грб во Илирската хералдика

Според  Џон А. Гудал24, од ориги­налниот грбовник на Рупчич има две линии на рецензија. Лондонскиот Грбовник се смета за најстариот грбовник од првата рецензија. Овој грбовник не му бил достапен на Матковски а, веројатно, ни на Соловјев. Грбовникот нема точен датум, но се датира пред Коренич-Неорич кој пак е датиран 1595 година. Во него Македонскиот грб е прикажан како: (на) црвено, лав (рампант), наоружан црвено, над главата круна, двете златни, штитот окрунет со древна круна. Круната на штитот е над главата на лавот, но ја следи линијата на главата, што практично покажува дека намерата на оваа круна е да е го крунисува лавот, а не да е посебен амблем. Во тој случај блазонот треба да биде: црвено, златен крунисан лав наоружан црвено, штитот крунисан со древна круна. Тука лавот е прикажан со обид за тродимензионална зооморфност, со канџи и со крзно, со употреба на нијанси и сенки. Штитот е од германски тип,25 а круната е древна со пет краци и е украсена со скапоцени камења.

На грбот на Стефан Немања26, кој е сложен грб во кој се наоѓаат сите грбови на илирските земји, го прикажува грбот на Македонија во првото поле. Тука, поради размерите на полето, лавот е прикажан наведнат, а двете задни нозе му се на иста површина, што хералдички, позата на лавот а не рампант, како што е на самостојниот грб. На лавот на бугарското поле нозете на лавот не се на иста површина, така тој и тука е прикажан рампант. И овде круната над главата на лавот е издигната, што се повторува и кај Бугарскиот грб. Промената на позата на лавот е резултат на мало невнимание на хералдичкиот уметник, а не промена на позата на лавот.

Грбовникот Коренич-Неорич, кој долго бил сметан за најстара копија од 1595 година, кој се чува во универзитетската библиотека во Загреб, е втор во низата на првата рецензија. Тој го дава Македонскиот грб самостојно, и го претставува истиот стил на претстава на грбот како и во Лондонскиот грбовник, само што тука лавот е наоружан златно. И тука круната е претставена подигната. На грбот на Стефан Немања, лавот е прикажан со три нозе на иста површина што ја претставува позата пасант.

Во третиот грбовник на ова ре­­цен­­­­зија: Алт­хановиот (Болоњски) гр­бов­ник од 1614 година, – Маке­дон­скиот грб е прикажан самостојно. Тука круната е на главата на лавот, што е хералдички исправно. Основна разлика е што тука опашката на лавот е одвоена (форше). Штитот е готички,27 додека круната е јагодова со три крака, понекогаш нарекувана војводска.

Грбот на Марко Скоројевиќ 1636-1686 година, има иста презентација на самостојниот грб. Слична има и Белградскиот грбовник 2, од 1620 година, со таа разлика што штитот тука е ренесансен.28 Во грбот на Стефан Немања, во двата грбовника, македонскиот лав е прикажан во позата рампант.

Претставник на втората рецен­зија е Фојничкиот грбовник каде што Македонскиот грб е прикажан со помала артистичност, но по своите атрибути е идентичен на Лондонскиот. Во грбот на Стефан Немања, маке­дон­скиот лав е при­кажан во поза салиант, со задните нозе исфрлени наназад.

Критичен пресврт се јавува со грбовникот на Павле Ритер Витезович,1694 (печатен 1701), кој го изменува блазонот на Маке­донскиот грб во: злато, црвен лав. Мора да се забележи дека лавот не е крунисан. Текстот на латински вели: „турчинот ја однесе круната“. Матковски смета дека причина за оваа замена е невниманието на Витезовиќ поради сличноста со бугарскиот грб.29 Ова е апсолутно исклучено, бидејќи самиот Витезовиќ, во вториот дел на стематографијата пишува дека грбот на Бугарија е: црвено, златен крунисан лав, и дека некои по грешка сметаат дека тоа е грбот на Македонија.30 Тука се гледа дека самиот Витезовиќ, поради некои свои причини свесно и намерно извршил редакција на некој поранешен грбовник кој го користел. Можеби тоа е презентацијата на грбот на Алек­сандар Македонски од Џером де Бара од 1581 г. со целосно истиот блазон. Со ова е прекинат низот на претстави на Македонскиот грб со блазон: црвено, златен крунисан лав.

Стематографијата 1741 година ја преведува Христофор Жефа­рович на словенски со српска редакција. Многубројните нејзини изданија вршат популаризација на хералдиката, за жал, со оваа нова ситуација на приказ на Маке­донскиот грб, е прекината повеќевековната традиција. Бугарската држава, со Трновскиот устав од 1879 г., за грб на својата држава го прогласува грбот на Бугарија од Стематографијата на Жефарович, па така ја потврдува забуната која ја вовел Витезовиќ.

Македонскиот земски грб може да се најде и надвор од грбовниците, аплициран на знамиња, во цркви и на други предмети.

Грбот на Народна Република Македонија

При составување на грбот на НРМ, за разлика од повеќето социјалистички држави и репу­блики, историскиот грб не го најде своето место во новиот социјалистички амблем, создаден по урнек на „грбот“ на СССР. Наместо историскиот и земски грб, новиот грб на Н.Р. Македонија поприма чисто пејзажна композиција, и со тоа влегува во иста категорија со Романија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Авторството на грбот му се припишува на Василије Поповиќ – Цицо, кој веројатно е  авторот на ликовното решение на преtставата на грбот од законот, кој се употребувал до крајот на истата година. Тој знаел за земскиот грб на Македонија.31 Има мислење дека автор на денешниот грб е Ѓорѓе Андреевиќ – Кун кому му се  припишува и авторството на грбовите на другите републики на ФНРЈ, кој всушност стилски ги унифицирал.

Грбот на Н.Р. Македонија е усвоен на Второто вонредно заседание на народното собрание одржано во Скопје на 26 јули 1946 година, каде што е донесен законот за Грб на Н.Р. Македонија, а членот 1 од овој закон го дава описот (блазонот) на овој грб:

Грбот на Народна Република Македонија е поле опкружено со житно класје испреплетено со плодови афион и листови тутун кои на долната страна се поврзани со лента исшарана со народни мотиви. На лентата е напишано „Н. Р. Македонија“. Меѓу врвовите на класјето се наоѓа ѕвезда петокрака. Во средина на полето се оцртува планина во чие подножје тече река. Зад планината изгрева сонце.32

Весникот „Нова Македонија“, два дена подоцна, го објавува овој закон заедно со прикажан  грб и објаснување:

Грбот на Народна Република Македонија е симбол на слободата и братството на Македонскиот народ и богатството на Македонската земја. Житното класје, плодовите на афионот и листовите тутун го претставуваат богатството на Македонија и разновидноста на нејзината економија. Пето­кра­ката ѕвезда ја симболизира народ­но­ослободителната војна со која Македонскиот народ ја доби слободата. Народниот мотив на лентата го изразува богатството и убавината на народниот бит. Во средината на полето се наоѓа планината Пирин, најголемата македонска планина која била центар на народноосободителните војни во минатото, а реката која тече е реката Вардар, најпознатата Македонска река во Републиката. Пирин и Вардар истовремено ги преставуваат единството на сите делови на Македонија и идеалот на нашиот народ за национално обединување. Сонцето го претставува слободниот и творечки живот во Македонија.33

Интересно е да се забележи дека дизајнот и објаснувањето на грбот е различен од грбот кој се користи подоцна. Во првиот устав на Нардона Република Македонија во член 3 е дефиниран грбот на НРМ:

Државниот грб на Народна Република Македонија претставуе поле опкружено со житни класја испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја кои што се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви. Меѓу врвовите на класјата има петокрака ѕвезда. Среде во полето се оцртуе планина, во подножјето на која што тече река. Зад планината изгрева солнце.34

И во овој опис, како и во прет­ход­ниот, не се споменува ни една боја. Единствената разлика е што во Уставот го нема текстот на лентата. На печатот со кој е оверен овој документ, е прет­ставен грбот на НРМ со првиот дизајн објавен во „Нова Македонија“, додека отпе­чатокот во восок со кој е запечатен емственикот, го содржи новиот дизајн на грбот.

Во член 4 од овој Устав, стои:

Државното знаме на Народна Република Македонија е црвено со петокрака ѕвезда. Звездата е црвена со златен/жолт/ раб, и има правилна петокрака форма. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.35

Со распадот на СФР Југославија, се постави прашањето за грб на Република Македонија. Така, Владата формира комисија за утврдување на грб и знаме на Република Македонија во 1992 г. во состав: Анета Светиева-етнолог, Александар Цветковски- ликовен уметник, Коста Балабан историчар на уметноста, Димитар Кондовски-ликовен уметник. Во комисијата е вклучен и Матковски. На распишаниот конкурс пристигнуваат преку 3000 трудови, од кои најголемиот дел е инспириран од грбот претставен во книгата на Матковски, која е преиздадена во 1990 година. За жал, Матковски умира непосредно пред ставањето на законот во собраниска расправа, но остава своја порака која е прочитана во Собранието, во која Матковски го изразува својот став дека за грб на Република Македонија треба да се прифати историскиот грб. Комисијата не успева да се согласи околу еден предлог кој би го претставил пред Собранието. Прашањето премногу се политизира.

Поради необезбедено мнозинство, овој закон никогаш не влезе на собраниска расправа, и покрај тоа што според уставниот Закон, овој закон требаше да се донесе до крајот на 1992 година. Македонските пасоши се издаваат без грб, со цел тој да биде дополнително втиснат веднаш штом истиот ќе биде донесен. Ова трае до 2006 година, кога се воведени новите пасоши и на нив е втиснат стариот грб на НР Македонија.

Законот, пак, за утврдување на знамето на Република Македонија, поминува лесно на 11 јули 1992 г. со што се утврдува знамето со Сонцето од Кутлеш (Ѕвездата од Вергина) чиј дизајнер е Тодор Петров.36

Првиот обид за решавање на проблемот со државниот грб потекнува од 1992 година, кога е даден предлог државниот грб да биде базиран на знамето, црвено, 16-крако сонце од Кутлеш (Ѕвездата од Вергина), со додаток на стилизирана буква „М“ и со брановидни линии во основата. Овој предлог не доби поддршка во Собранието поради проблемот со Грција која смета дека 16 кракото сонце на Вергина е само грчко, и подоцна, поради грчкиот притисок, 1995 година Република Македонија се откажува од тоа знаме и го прифаќа денешното знаме.37

Следуваат неколку обиди да се стави на расправа закон за грб со истото графичко решение кое го користи ВМРО-ДПМНЕ, како и решението на Мирослав Грчев, кое го емблазонира истиот блазон, но со многу подобро графичко решение. Овие предлози, кои потекнуваат од десниот, наци­онален блок, никогаш не се ставени на расправа во Собранието. Социјал-демократите даваат два предлога: Првиот, отфрлање само на петокраката. Вториот е таканареченото „Словенечко решение“, кое предвидува ста­вање на содржината на грбот на штит. И овие предлози никогаш не стигнуваат на расправа во Собранието.

Последниот предлог доаѓа во 2007 година од премиерот Никола Груевски, најнапред да се извади петокраката, како почетна фаза за решавање на проблемот со грбот, но и овој предлог не наиде на поддршка, и повторно не влезе во собраниска процедура.

Главниот проблем за решавање на кризата со државниот грб на Република Македонија, е држа­вотворната незрелост и целосното непознавање на хералдиката. Социјалдемократите не го прифаќаа земскиот грб, зашто го сметаа за бугарски38и партиски симбол на ВМРО- ДПМНЕ39. Кога, пак, ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и со мнозинство на пратеници, имаше неколку можности, но не се осуди да донесе решение, сметајќи дека за решението за грб треба да има поширок консензус.

Со охридскиот рамковен договор од 2001 година се воведува т.н. Ба­динт­ерово мнозинство, според кое за овој закон е потребно и мно­зинство од пра­тениците Албанци, што уште повеќе ќе го продлабочи и практично ќе го оневозможи воведувањето на земскиот грб.

Албанскиот блок цело време не излезе со свој конкретен предлог за грб, освен барањето тој да биде неутрален, инсистирајќи дека модерната Македонска држава всушност почнува 1991 или дури и 2001 година по граѓанската војна и Охридскиот рамковен договор, со кој Македонија практично станува држава на две големи заедници, па така симболите не треба да укажуваат на историскиот континуитет на државата на македонскиот народ.

Во оваа констелација на политички сили и идеологии, тешко е да се постигне поширок консензус, што би бил некој предлог за грб да се стави на собраниска расправа. Веројатно дека до промена на грбот нема да дојде во догледно време. Сепак, според хералдиката, земскиот грб би бил најдобро решение за грб на Република Македонија, бидејќи тој претставува континуитет од преку 400 години.

 

1 Второто издание е објавено 1990 г.

2 Деветте достојни првпат се јавуваат во англосаксонски еп од 13 век и претставуваат три тријади; трите добри пагани: Хектор, Александар Македонски и Јулиј Цезар; Тројцата добри Евреи: Исус Навин, Цар Давид, Јуда Макавејски; трите добри христијани: Кралот Артур, Карл Велики, и Годфрид Бујонски – кралот Ерусалимски.

3 Хералдичко знаме со квадратна или благо издолжена форма на кое е претставена содржината на штитот.

4 Goodall, John A., „An Illyrian Armorial in the Society’s Collections“ u The Antiquaries Journal, volume 75, London, 1995, 275

5 High Almain Roll c. 1447-55, College of Arms MS 1st M 5,  fol 9;

6 Randle Holm, cf CEMRA, 1448:

7 L`armorial Miltenberg, un armorial de la fin du XV e siecle, Archives Heraldiques Suisses, 313;

8 http://mdz10.bib-bvb.de/~db/bsb00007681/images/ на 9-02-2009

9 Ritter, Pavlo, Stemmatographae Illyricanae, Zagreb, 1702, 63.

10 Fojnički grbovnik, obradio Fra Franjo Miletić, Rabic, Sarajevo, 2005, 58.

11 Solis, Virgil, Libellus scutorum vel signorum publicorum, Vergil Solis, Nurnberg, 1555.

12 Chavalier errant, B.N Paris, 1394, објавено во Ottfried Neubecker, Heraldry, sources, symbols and meaning, Black cat, London, 1998.

13 François R. Velde, “Nine Worthies” Heraldica,  http://www.heraldica.org/topics/worthies.htm посетена на 20 мај 2008.

14 Barthélémy de Chasseneuz: книга, 1586, Frankfurt, цитирано во Heraldica,

15 Jerome de Bara, 1581, цитирано во Heraldica.

16 Barthélémy de Chasseneuz: книга, 1586, Frankfurt, цитирано во Heraldica.

17 Hans Burgkmair (1473-1531), гравер од Аугсбург, гравури на деветте достоинствени 1516, цитирано во Heraldica,

18 Fearn, John, The Glory of Generosite, John Windest, London, 1586, 155.

19 Регионот околу Солун и Верија, кои некои ги сметаат за старото име на Македонија. Македон е митскиот прататко на Македонците. (За грбот на Македон пишувавме во првиот број на „Македонски Хералд“).

20 Цимер е унгарскиот збор за грб, кој се употребува во постарите грбовници

21 Solovjev, Aleksandar, Istorija srpskog grba i drugi heraldički radovi, Pravni fakultet univerziteta u Beogradu, Beograd, 2000, 120.

22 Лондонскиот грбовник, се смета дека настанал пред грбовникот Коренич- Неорич. По долгиот период поминат во библиотеката на Лондонското друштво на Антикваријат, поради грешка во индексирањето, ја здогледа светлината на денот дури во 1992 година кога е претставен како дел од колекцијата на ова друштво.

23 Матковски, Александар, Грбовите на Македонија, прилог кон македонската хералдика, Мисла, Скопје 1990, 78

24 Goodall, John A., „An Illyrian Armorial in the Society’s Collections“ u The Antiquaries Journal, volume 75, London, 1995, 265

25  За самата хералдика типот на штитот не е важен и не влегува во блазонот. Класифицирање на штитовите по национална номенклатура е неоправдано, затоа што типовите на штит се јавуваат во повеќето земји во различни периоди. Поради потребата да се дефинира типот на штитот, овде се користи терминот даден во книгата на Матковски  (стр. 22).

26 Матковски прави систематска грешка и овој грб постојано го нарекува заеднички грб.

27 По класификацијата на Српски терминолошки речник хералдике, Српско друштво за хералдику, генеологију, вексилологију и фалеристику „Бели Орао“, Београд, годиште 1 број 2, фебруар 2001, 2

28 Ibid

29 Матковски, Александар, Грбовите на Македонија, прилог кон македонската хералдика, Мисла, Скопје 1990, 112

30 Ritter, Pavlo, Stemmatographae Illyricanae, Zagreb, 1702, 63

31 Според Никот Този, кој учествувал во креирањето на грбот. 32 Президиум на народното собрание на Народна Република Македонија, Закон за грбот на Народна Република Македонија, бр 559, Скопје 27 Јули 1946.

33 „Нова Македонија“, бр 482, Скопје 28.7.1946

34 Устав на Народна Република Македонија, Президиум на уставотворното собрание на Народна Република Македонија, Скопје, 31.12.1946.

35 Ibid.

36 Службен весник на Република Македонија, 50/92

37 Проектoт на знамето е дело на Мирослав Грчев, но во последен момент се изменети  деталите. Имено, оригиналната димензија 10:16 е заменета со 1:2, и е додаден  црвен обрач околу сонцето кој ги раздвојува зраците од сончевиот диск.

38 Наводната причина за тоа е дека во Втората светска војна Бугарија ја окупира Македонија баш под тој знак. Најголем заговарач на оваа линија беше самиот претседател, Киро Глигоров.

39 Сите други партии кои подоцна излегоа од ВМРО-ДПМНЕ и кои го задржаа префиксот ВМРО, исто така, го задржаа истото графичко решение на грбот како и ВМРО-ДПМНЕ, само со измени на текстот на лентата под или над грбот.

Особена благодарност до БХВО за посочување и за обезбедување на дел од фотографиите од илирските и вон илирските грбовници.