Видови грбови

Пример за семеен грб, автор Радосав Илиев

Грбовите можат да се поделат по повеќе основи. Доколку со својата композиција и избрани фигури укажуваат на името на носителот на грбот, на пример ако на грбот семејството Орлов има орел, или на Ковачев има чекан и наковална, се нарекува говоречки грб.

Низ историјата, на личности, земји, па дури и на појави, кои со сигурност не можеле да имаат грб, како псалмистот Давид, Исус Христос, (кои живееле далеку пред појавата на хералдиката), кралот Артур (митски јунак), па дури и смртта (персонализирана појава), и слично, им бил определен и прифатен од јавноста, наречен припишан грб.

Доколку, пак, станува збор за личности, институции, кои можеле да имаат грб (живееле и работеле во времето на хералдиката), но не користеле таков, а некој автор им припишал грб, тогаш тоа е фантастичен грб.

Доколку грбоносецот има грб со кој алудира на наследство, позиција, имот кој реално не ги поседува, се нарекува грб на претензија.

Според поделбата по видот на грбоносецот, грбот може да биде:

Личен или семеен – грб на поединец или цело семејство на негови наследници.

Корпоративен – грб на група луѓе поврзани преку некој интерес: компании, организации, здруженија, универзитети и слично, кои имат статус на правно лице.

Грб на позиција – грб на дадена позиција што не зависи од персоналното решение, како претседател, хералд, главен судија и слично.

Црковен – грб на свештени лица и грбови на цркви, манастири, парохии, епархии итн.

Местен или територијален – грб на населени места, градови, села, покраини, области, земји.

Владетелски – грб на владетел или на династија.

Доминионски – на владетелот или на неговото владение, составен од грбовите на териториите што ги владее или на кои полага реално или митско право.

Државен – грб на држава, кој внатрешно е верификуван со некој законски акт, но е потребна и надворешна верификација од Обединетите нации, од делот на Светската организација за интелектуална сопственост, која се занимава со регистрација на територијални и државни марки и симболи наречен „6ter“. Во некој смисол, државните грбови спаѓаат во еден вид јурисдикција на Обединетите нации.

Разликата помеѓу личен и семеен грб зависи од сфаќањето на грбот во дадена хералдичка јурисдикција и традиција. Во некои јурисдикции, грбот во еден момент може да припаѓа само на еден човек, главата на семејството, додека другите членови мора да имаат различен грб. Процесот на изменување на грбот за да се покаже позицијата на помалите браќа се нарекува каденција.

Каденцијата, историски, бил процес што се менувал. Најнапред, кога грбовите биле мошне едноставни, каденцијата се прикажувала со промена на бојата на полето или фигурата на грбот, па со измена на бројот на фигурите во грбот. Подоцна, со зголемување на комплексноста и бројот на грбовите, каденцијата се изразувала со промена на еден од атрибутите на фигурата на грбот, како промена на положбата на главата или видот на опашката.

Подоцна, каденцијата се постигнува кога на грбот му се додава дополнителен елемент, кој се нарекува бризура. Овие бризури стануваат дефинирани. Така на пример, во островската хералдика на Англија има дефинирани бризури за редоследот на раѓањето. Најстариот син, во текот на животот на својот татко, носи турнирска јака, а по неговата смрт, кога реално ги наследува грбот и имотот, неа ја отстранува. Во Шкотска каденцијата се покажува со бордури.

Наследувањето на грбот е по принципот на машка примогенитура, односно најстариот син, додека жените немаат право на грб. Тие до венчавањето го користат грбот на таткото, а потоа грбот на сопругот, и во двата случаи на ромбовиден штит, а во посебни случаи и семеен грб, добиен со стиснување.

Во континенталната хералдика грбот се смета за семеен и така ист грб можат да носат повеќе поединци во исто време (дедото, чичковците, браќата и братучедите). Разликата во грбот понекогаш се прави за различните гранки на фамилијата.

Кај грбовите понекогаш е потребно да се спојат два или повеќе грба, како последица на брак, спојување на две или повеќе компании, општини или територии. Овој процес се вика спојување на грбови или маршалување, а добиениот грб се нарекува сложен грб.

Најстариот начин на спојување грбови е со преполовување, кога грбовите се расечувааат и од едниот се зема десната половина, а од другиот левата. Бидејќи овој начин има смисла кај едноставните и симетричните грбови, бргу бил заменет со стиснување, кога двата грба ќе се стиснат еден до друг. За спојување на два или повеќе грба се користи квадрирање, кога штитот на сложен грб се дели на толку полиња колку што има грбови за спојување.

Друг вид спојување грбови е со додавање штитче со грбот кој треба да се додаде. Во островската хералдика тоа се нарекува штит на претензии, и него го става сопругот кога се жени со наследничка на грб и имот (кога нема други браќа) и со тоа тие му припаѓаат на сопругот.

Најнапред грбовите биле знак за визуелен идентитет на поединци. Набргу со своите грбови, а особено поимотните, почнале да ги означуваат своите имоти и поседи. Со тоа започнува и територијалната хералдика, каде што најчесто територијата го добива грбот од својот владетел. Во средниот век па сѐ до Француската револуција владеело сфаќањето дека земјата, државата, е вродено право на владетелот. Така постоел еден вид равенство. Затоа, земјите се означуваат со грбот на владетелот.

Но низ историјата често се менувале владетелите и династиите, па така се случувало владетелот да го земе грбот од земјата. Со тоа се јавува еден друг вид грб, грб на позиција, кога грбот во основа не е личен на оној што ја има позицијата, без разлика дали е крал или локален владетел. Така, грбот е на секој што е на таа позиција. Слични се и доминионските грбови, кои се составени од грбовите на териториите што ги владее кралот. На нив може, но и не мора да е поставен личниот грб на кралот. Составот на доминионските грбови често се менувал за да се изрази добивањето нови територии преку освојување или преку брак. На доминионскиот грб често се наоѓале и грбови (полиња) на претензии за територии што не се во состав на даденото кралство.

Пример за доминионски е грбот на Велика Британија, тој е грбот и на суверенот. Вистинскиот, личниот грб на Кралицата Елизабета II е сосема друг и е се заснова на Сакс-Кобург- Гота, домот од кој таа потекнува.

Грбот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска се сости од грбовите на Англија (црвено, три златни вперени лава во од, во првото и четвртото поле), Шкотска (златно, црвен лав, црвена двојна рамка на лилјан контра лилјан, второ поле) и на Ирска (сино, златна харфа, во третото поле).

Сличен пример е грбот на Република Чешка, која е република, но ја следи истата логика. Тој се состои од грбовите на земјите, териториите од кои се состои денешна Чешка: Бохемија, Моравија и Шлезија.

Покрај реалните територијални грбови, низ истори­јата се јавиле и таканаречените земски грбови. Самиот збор кажува дека станува збор за земја, во географска смисла, а не за грб на некаква администрација, која пак, според хералдиката, би го имала легитимитетот да има грб. Земските грбови се грбови внесени во грбовници, за таканаречени егзотични земји за кои чул авторот, но немал информации за користење конкретен грб, често и од причина што немало реална можност за користење грб. Тоа практично значи дека творецот на грбовникот го создал и грбот за конкретната територија или географски концепт. На грбовници врзани за настани, како на пример на грбовникот на Рихтентал за учесниците на соборот во Констанца (1414-1418), често се давани грбови на учесници од егзотични земји, кои реално не можеле да бидат присутни на настанот ниту, пак, имале грб.