Илинденска споменица

Прво македонско одликување е Илинденската споменица востановена од Народното собрание на Народна Република Македонија на седницата од 6 јуни 1950 година со прогласување на Законот за Илинденската споменица. Споменицата популарно наречена „Илинденка“, е доделена во 1953 година, по повод 50-годишнината од Илинденското востание им е дадена на преживеаните учесници.

Иако станува збор за споменица, односно спомен-медал за одреден настан, кој претставува трета и најниска група на одликувањата, по ордените и медалите, самиот орденски знак е достоен за орден. Тој е со крстовидна ѕвезда, дело на познатиот скулптор и вајар Антун Аугустинчиќ и е инспириран од Орденот на народен херој на Југославија, исто така дело на Аугустинчиќ. Изработката е во ИКОМ Загреб, овластената работилница за изработка на ордени и медали.

Според Законот, Илинденската споменица е народно признание кон заслужените учесници во Илинденското востание и може да се даде само на оние учесници во настаните, кои сè досега му останале верни на македонскиот народ и доследни на неговата борба за ослободување.

„Како заслужени учесници се сметаат оние:

а) кои во национално-револуционерното движење и борбата за ослободување на македонскиот народ работеле како организатори или раководители;

б) кои во тоа движење и во таа борба со оружје в раце како борци непосредно учествувале во оружени судари со војска, полиција, потери и други наоружани одреди организирани од непријателот со цел да се сузбие и угуши движењето и борбата;

в) кои по наредба од организаторите и раководителите на движењето и борбата вршеле специјални задачи и акции во полза на движењето и борбата;

г) кои на друг начин лично стекнале особени заслуги за движењето и борбата или постигнале особени успеси во движењето и борбата за ослободување на македонскиот народ.

Носителите на Илинденската споменица имале и посебни права, како право на лекување на државен трошок, бесплатен едномесечен одмор годишно, попуст при превоз и погребение на државен трошок“(Службен весник на НРМ, 16/1950).

Со донесувањето на Статутот на Илинденската споменица од 31 мај 1951 година, поблиску се регулираат обликот и материјалите од кои е изработена, како и начинот на нејзиното носење (Службен весник на НРМ, 23/1951).

Илинденската споменица е на квадратна основа со премер 60 мм. Подложната површина е изведена од позлатен никел во форма на радијални зраци, кои допираат до надворешниот раб на Споменицата и се назабени. На оваа површина впишан е круг со пречник од 60 мм од две ловорови гранки, што се составени на долниот дел. Под кругот излегуваат седум од радијалните зраци кои одат до аглите на подложната површина. Во кругот се наоѓа релјеф на борци илинденци од посребрен никел во борбен строј и со пушки в раце. На средината од Споменицата се наоѓа релјеф на борец од Илинденското востание со два реденика од кои едниот се протегнува од левото рамо преку градите, а другиот околу појасот и штик, кој во десната рака го држи развеано знамето на востанието, што го покрива горниот дел од впишаниот круг. На долниот дел од впишаниот круг, каде се составени ловоровите гранки, стои натпис: „Илинден 1903“.

Централната фигура и натписот „Илинден 1903“ се изработени од чисто сребро. Лицето на споменицата е испупчено. Споменицата се носи без врвца“.

Носењето е регулирано со членот 4: „Лицата, на кои им е доделена Илинденската споменица можат да ја носат Споменицата во секое време. Илинденската споменица се носи на левата страна на градите односно на средината од горниот лев џеб.

Ако носителот има значка на Сојузот на борците од НОВ или значка на која било друга друштвена организација, Илинденската споменица се носи над тие значки“.

Јован Јоновски, Симболите на Македонија, Силсон, Скопје, 2015.