Статут

Statut na MHZ nov final

Врз основа на член 15 и 31 од Статутот на Македонското хералдичко здружение од 2-07-2003, како и чл.15, 16, 17, 18 и 104 од Законот за Здруженија и фондации („Сл. весник на РМ“ бр.52/2010), Собранието на МАКЕДОНСКО ХЕРАЛДИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ на седницата одржана на ден 8-04-2011 година, во Скопје, донесе:

С Т А Т У Т
на
МАКЕДОНСКО ХЕРАЛДИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ

ОПШТИ ОДРЕДБИ
член 1
МАКЕДОНСКО ХЕРАЛДИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ е доброволно, невладино здружение на граѓани кое дејствува на подрачјето на Република Македонија во склад со позитивните законски прописи.
член 2
Здружението работи под име МАКЕДОНСКО ХЕРАЛДИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ.
Името на здружението на англиски јазик ќе гласи “MACEDONIAN HERALDRY SOCIETY”.
Здружението ја користи кратенката МХЗ, како и MHS на англиски јазик.
член 3
МАКЕДОНСКО ХЕРАЛДИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ (во понатамошниот текст здружение или МХЗ) е правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со Устав, Закон и со овој Статут.
Седиштето на здружението е во Скопје на ул. „Петар Манџуков“ бр. 113/6.
член 4
Статутот го донесува Собранието на здружението врз основа на претходна расправа и гласање во Собранието. Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по постапка по која е и донесен.
Иницијатива за изменување и дополнување на Статутот може да покрене секој член на Здружението.
член 5
Зружението има печат и штембил.
На печатот е втиснат текстот „МАКЕДОНСКО ХЕРАЛДИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ -СКОПЈЕ“ – околу грбот на здружението.
На штембилот е втиснат текстот МАКЕДОНСКО ХЕРАЛДИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ, број, датум и СКОПЈЕ.

СИМБОЛИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
член 6
Здружението има свој грб и знаме.
Грбот на здружението ќе биде: На црвен штит, сребрен хипокамп, кој во предните нозе држи вкрстени перо и хералдска палка, двете златни. Ова го преставува малиот грб на Здружението.
Средниот грб преставува: На црвен штит, сребрен хипокамп, кој во предните нозе држи вкрстени перо и хералдска палка, двете златни. Над штитот хералдска круна. Позади штитот две вкрстени хералдски палки.
Големиот грб го преставува Средниот грб обвиен со црвена мантија поставено со сребро, крунисана со хералдска круна.
Грбот може да биде преставен и во други хералдички презентации, што се утврдува со правилник како и неговото користење.
Знамето на здружението е банер со размер 1:1 со блазонот на грбот.

ЦЕЛИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
член 7
Цели на здружението се:
1. Популаризација на хералдиката и сродните науки и дисциплини
2. Истражување на хералдичкото наследство и наследството од сродните науки и дисциплини поврзано со Македонија, на територијата на Република Македонија и во странство.
3. Предложување и изработка на грбови, знамиња, одликувања и други предмети од интерес и стручност на Здружението.
4. Водење на хералдички регистар во кој се заведуваат хералдички достигнувања и негово ажурирање.
5. Едукација од областа на хералдиката и сродните науки и дисциплини.
6. Издавачка дејност за дела од хералдиката и сродните науки и дисциплини.
Под сродни науки се подразбираат: Генеологија, Сфрагистика, Вексилологија, Фелеристика, нобиларни и витешки прашања.

АКТИВНОСТИ И ДЕЈНОСТИ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ЦЕЛИТЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
член 8
Целите од претходниот член, меѓу другото, ќе се остваруваат преку:
– Спроведување истражувања во земјата и странство;
– Организирање на работилници, семинари, трибини и предавања;
– Изработка на проекти;
– Организирање на гостувања во странство, како и организирање предавања од членови на странски хералдички здруженија и предавачи;
– Издавање на печатени материјали, списанија, книги, летоци, авторски текстови и преводи;
– Промоција на активностите на Здружението во медиумите;
– Учество на конгреси, симпозиуми, семинари, работилници, трибини и слични манифестации, како и организирање на исти такви од страна на МХЗ;
– Оформување, работа и водење на секции за сродните науки и дисциплини, генеологија, сфрагистика, вексилологија, фелеристика, нобиларни и витешки прашања;
– Оформување и водење на Библиотека на МХЗ;
– Водење и уредување на сајт на МХЗ и други активности во инетрнет и електронската сфера.
член 9
Дејности според НКД со кои ќе се остваруваат целите на Здружението:
72.20 Истражувања и експериментален развој во општествените и хуманитарните науки,
74.10 Специјализирани дизајнерски дејности
74.90 Останати стручни, научни и технички дејности, неспомнати на друго место
85.52 Образование во културата
90.03 Уметничко творештво
91.01 Дејности на библиотеките и архивите
91.02 Дејности на музеите

ЧЛЕНУВАЊЕ ВО ЗДРУЖЕНИЕТО
член 10
Членови на здружението можат да станат сите полнолетни граѓани, државјани на Република Македонија, кои ги прифаќаат принципите и целите утврдени со овој Статут.
Членови можат да бидат и странски државјани кои ги прифаќаат принципите и целите утврдени со овој Статут, што се утврдува со Правилник.
член 11
РЕГИСТАР НА ЧЛЕНОВИ

Здружението води регистар на членови и евиденција на членовите на органите.
Пoдатоците од ставот (1) на овој член се ажурираат најмалку еднаш на 1 (една) година.
Здружението ја гарантира анонимноста на личните податоци на членовите кои тоа го побарале.
Податоците од ставот (1) на овој член се заштитени во согласност со прописите за заштита на личните податоци и класифицирани информации.
член 12
Членовите на здружението се должни да работат на остварувањето на целите на здружението, да плаќаат редовно годишна членарина и да се придржуваат кон овој Статут.
Висината на членарината и начинот на плаќање се утврдува со правилник.
член 13
Членовите на здружението имаат право да учествуваат во работата на здружението и на органите и телата на здружението, во одредена мера, а врз основа на стекнатата форма на членство – статус.
член 14
Членството во здружението настанува со потпишување на пристапница за членство и упис во регистарот на членови на МХЗ, при што потписникот на пристапницата најпрво се стекнува со статус „Придружен член“.
Форми на членство – статус
член 15
Членството во Македонското хералдичко здружение се рангира на следниов начин:
– Редовни членови
– Вонредни членови
– Почесни членови
– Придружни членови

член 16
Редовни членови се оние членови кои активно учествуваат во работата на задружението, активно придонесуваат за развојот и афирмацијата на здружението или учествуваат во органите и телата на здружението.
Доколу редовниот член подолго од 6 месеци не покажува интерес за работата на МХЗ како и активност во реализацијата на проектите и програмата на здружението, со Одлука на Извршниот одбор, неговиот статус може да биде променет од редовен во вонреден член.
При повторно вклучување на членот во активностите на МХЗ, со Одлука на Извршниот одбор, неговиот статус може повторно да биде променет во редовен член.

член 17
Вонредни членови се оние членови кои повремено учествуваат во работата на здружението или пак, парцијално се активираат во одредени проекти на здружението.
Од статусот „Вонреден член“, членот на здружението може да премине во статус „Редовен член“ по предлог на најмалку двајца Редовни членови на здружението, најрано по истекот на 1 (една) година од денот кога се стекнал со статусот „Вонреден член“.
Доколу вонредниот член подолго од 6 месеци не покажува интерес за работата на МХЗ како и активност во реализацијата на проектите и програмата на здружението, со Одлука на Извршниот одбор, неговиот статус може да биде променет од вонреден во придружен член.
При повторно вклучување на членот во активностите на МХЗ, со Одлука на Извршниот одбор, неговиот статус може повторно да биде променет во вонреден член.
член 18
Почесни членови се истакнати личности од јавниот, културниот и политичкиот живот во Република Македонија кои со своето делување придонеле за развојот на хералдиката, вексилологијата, фалеристиката, генеологијата и сфрагистиката во Македонија и кои морално или материјално го помагаат развојот на здружението, како и странски државјани кои се примени за членови во здружението врз основа на Правилник со кој се уредени формите и условите под кои странски државјани може да членуваат во Македонското хералдичко здружение.
член 19
Придружни членови се сите полнолетни граѓани на Република Македонија кои потпишале пристапница за членство и се запишани во регистарот на членови во здружението.
Од статусот на „Придружен член“ членот на здружението може да премине во статус „Вонреден член“ по предлог на најмалку двајца Редовни членови на здружението, најрано по истекот на 1 (една) година од денот на уписот во регистарот на членови на здружението.
Доколу придружниот член подолго од 6 месеци не покажува интерес и активност за работата на МХЗ како и во реализацијата на проектите и програмата на здружението, со Одлука на Извршниот одбор, може да биде суспендирено неговото членство, се до моментот на негово повторно активирање.
член 20
Членовите на здружението, врз основа на нивниот статус согласно одредбите од член 13 од овој Статут, имаат одредени права и привилегии кои се подетално утврдени со Правилник.
член 21
Членството престанува со писмена изјава за отстапување, или пак изјава во електронска форма, испратена по електронска пошта на член на органите или телата на здружението или на групата на МХЗ, како и со Одлука за исклучување донесена од страна на Извршниот одбор. Исклучениот член има право на жалба до Собранието на здружението во рок од 15 дена од приемот на Одлуката за исклучување од здружението.

ЗАСТАПНИК НА ЗДРУЖЕНИЕТО
член 22
Здружението го застапува Претседателот на Здружението. Во негова спреченост Здружението го застапува Потпретседателот на Здружението.

ОРГАНИ И ТЕЛА НА ЗДРУЖЕНИЕТО
член 23
Органи на здружението се:
I
– Собрание на здружението;
– Претседател;
– Потпретседател;
– Секретар.

II
– Хералд;
– Персевант.

Тела на здружението се:
– Извршен одбор;
– Стручен совет;
– Надзорен одбор.

СОБРАНИЕ
член 24
Собранието е највисок орган на здружението кој го сочинуваат сите членови.
Собранието одржува редовни и вонредни седници.
Собранието се свикува по потреба, но најмалку еднаш годишно – редовна седница.

член 25
Вонредна седница на Собранието може да се одржи по писмено барање од една третина од членовите на здружението.
Вонредната седница на собранието се одржува најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за одржување.

НАЧИНИ НА ОДЛУЧУВАЊЕ И ГЛАСАЊЕ НА СОБРАНИЕТО
член 26
Собранието полноправно одлучува ако се присутни најмалку половина од редовните членови.
Секој редовен член на Собранието има право на еден глас.
Собранието одлучува со мнозинство на гласови со јавно гласање.
Членовите на здружението кои писмено ќе го оправдаат своето отсуство нема да се бројат при утврдување на кворумот потребен за одлучување на Собранието.
член 27
Собранието на здружението го свикува Извршниот одбор.
Со Собранието на здружението раководи Претседателот на здружението.
Собранието на здружението се свикува 15 дена пред денот на одржувањето, со јавна или лична покана (формална или неформална) писмено, телефонски, преку електронски пат до сите членови на здружението или преку јавен повик на веб страната или пак на дискусионата група на здружението.
член 28
Собранието на здружението:
• Донесува Статут, измени и дополнувања на истиот и други општи акти;
• Донесува Програма за работа на здружението;
• Усвојува годишен извештај, насоки и план за работа;
• Усвојува одлуки донесени од Извршниот одбор;
• Ја усвојува завршната сметка и финансискиот план;
• Одлучува за промена на целта на здружувањето;
• Одлучува за основање и укинување на ограноци и други облици на организирање на здружението;
• Одлучува за здружување или разделување од друго здружение и за зачленување во сојузи и меѓународни организации;
• Констатира прием на нови членови и престанок на членувањето;
• Ги бира и разрешува своите органи и тела;
• Одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство;
• Донесува деловник за својата работа;
• Решава по жалби, молби и барања упатени до Собранието;

Собранието е надлежно и за сите други прашања кои со овој Статут или одлука не се доверени на други органи.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
член 29
Претседателот на здружението ги има следниве функции:
• го претставува и го застапува здружението;
• располага со средствата на здружението согласно на можностите и потребите на здружението.
• ги подготвува седниците на собранието;
• го подготвува нацртот на статутот и другите одлуки и акти што треба да ги донесе собранието;
• ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од Собранието;
• формира стручна служба и врши контрола врз нејзината работа;
• управува и одговара за управување со имотот на здружението;
• подготвува годишен и периодичен извештај за својата работа;
• подготвува и го презентира годишниот финансиски извештај пред Собранието;
• дава отчет пред Собранието за финансиското работење на здружението;
• врши и други работи.
Претседателот на здружението го бира Собранието на здружението со мандат од четири години и можност за реизбор. Претседателот на здружението се избира со мнозинство од присутните редовни членови на Собранието. Претседателот на здружението за својата работа одговара пред Собранието на здружението.

ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ
член 30
Потпретседателот на здружението ги има следниве функции:
– Да го заменува претседателот во вршењето на неговите функции;
– Да го промовира здружението и неговите активности;
– Да учествува во работата на Извршниот одбор.
Потпретседателот на здружението го бира Собранието на здружението со мандат од четири години и можност за реизбор. Потпретседателот на здружението се избира со мнозинство од присутните редовни членови на Собранието. Потпретседателот на здружението за својата работа одговара пред Собранието на здружението.

СЕКРЕТАР
член 31
Секретарот ги има следниве функции:
– Се грижи за архивата на здружението;
– Го води регистарот на грбови;
– Го води регистарот на членови;
– Раководи со библиотечниот фонд на библиотеката на МХЗ;
– Им помага во работата на претседателот и хералдот.
Секретарот на здружението го бира Собранието на здружението со мандат од четири години и можност за реизбор. Секретарот на здружението се избира со мнозинство од присутните редовни членови на Собранието. Секретарот на здружението за својата работа одговара пред Собранието на здружението.

ХЕРАЛД НА МХЗ
член 32
Хералдот ги има следниве функции:
– Хералдот претседава со стручниот совет;
– Му помага во работата на претседателот;
– Се грижи за запазувањето на хералдичките правила и традиции при активностите и изработката на хералдички достигнувања и други предмети од интерес на Здружението;
– Ги потпишува матрикулите на регистрираните хералдички достигнувања;
– Учествува на церемонии и други активности подетално пропишани со правилник

Хералдот го бираат и поставуваат членовите на стручниот совет.
Хералд може да биде само редовен (активен) член на Здружението.
Хералдот може во исто време, паралелно да врши и друга функција во МХЗ.
Мандатот на Хералдот е 6 години со можност за реизбор.
Хералдот има посебна наметка (Табард), инсигнии и регалии. Изгледот и начинот на носење на наметката (Табардот), инсигниите и регалиите се утврдува со Правилник.

ПЕРСЕВАНТ НА МХЗ
член 33
Персевантот ги има следниве функции:
– Му помага во работата на Хералдот;
– Се грижи за запазувањето на хералдичките правила и традиции при активностите и изработката на хералдички достигнувања и други предмети од интерес на Здружението;
– Ги потпишува матрикулите на регистрираните хералдички достигнувања;
– Учествува на церемонии и други активности подетално пропишани со правилник.

Персевантот го бираат и поставуваат членовите на стручниот совет.
Персевант може да биде само редовен (активен) член на Здружението.
Персевантот може во исто време, паралелно да врши и друга функција во МХЗ.
Мандатот на Персевантот е 6 години со можност за реизбор.
Во МХЗ може да има повеќе од еден персевант.
Персевантот има посебна наметка (Табард), инсигнии и регалии. Изгледот и начинот на носење на наметката (Табардот), инсигниите и регалиите се утврдува со Правилник.

ИЗВРШЕН ОДБОР
член 34
Извршниот одбор се состои од три члена: Претседател, потпретседател и секретар.
член 35
Извршниот одбор на здружението го бира Собранието на здружението со мандат од четири години и можност за реизбор. Членовите на извршниот одбор на здружението се избираат со мнозинство од присутните редовни членови на Собранието. Извршниот одбор на здружението за својата работа одговара пред Собранието на здружението.
Извршниот одбор донесува одлуки и правилници за организација и работа на здружението.
Извршниот одбор расправа и дава согласност за аплицирање со проекти кои се поднесуваат во името на МХЗ до надлежни институции од страна на било кој член на МХЗ.
Без оверена писмена согласност на Извршниот одбор апликациите од став 3 на овој член неможе да се сметаат дека се поднесени од името на МХЗ.

СТРУЧЕН СОВЕТ
член 36
Стручниот Совет го сочинуваат членови со докажано длабоко познавање на хералдиката и/или со докажано длабоко познавање на хералдичката уметност и докажано длабоко познавање од сродните науки.
Стручниот совет во својата конститутивна форма се основа со Одлука на Извршниот одбор. Бројот на членовите на Стручниот совет не е строго ограничен.
Член на Стручниот Совет се станува со номинација од друг член на Стручниот Совет.
За член на Стручниот Совет може да биде избран и странски државјанин, што се утврдува со правилник.

член 37
Стручниот Совет:
– се грижи за донесување на правилници за работа на здружението во однос на хералдичката наука, традиција, практика и стил.
– Ги разгледува предлозите за нови хералдички достигнувања и дава стручно мислење,
– Дава стручно мислење за хералдичките достигнувања кои бараат регистрација;
– Истото се однесува и за предмети од интерес на другите сродни науки;
– Го потпомага и поттикнува развојот на познавањата, умеењата и вештините на членството во областите кои ги покрива Здружението.

НАДЗОРЕН ОДБОР
член 38
Надзорениот одбор го сочинуваат два члена.
Надзорениот одбор на здружението го бира Собранието на здружението со мандат од четири години и можност за реизбор.
Надзорниот одбор врши надзор врз материјално-финансиското работење на здружението. За својата работа еднаш годишно доставува извештај до Собранието на здружението.
Надзорниот одбор за своето работење одговара пред Собранието на здружението.
Член на Извршниот одбор не може да биде член на Надзорниот одбор.

ИНФОРМИРАЊЕ
член 39
Работата на здружението е јавна. Здружението јавноста редовно ќе ја информира за своето работење преку официјалниот гласник „Македонски Хералд“, како и преку свој портпарол, преку прес конференции, веб страницата на здружението и останатите облици на јавно комуницирање.

ФИНАНСИРАЊЕ И БУЏЕТ
член 40
Здружението средствата за работа ги остварува преку:
Чланарина од своето членство;
Дотации;
Донации и Спонзорства;
Доброволни прилози;
Подароци, завештанија, легати;
Приходи од маркетинг;
Средства остварени преку активности на Здружението;
Средства од Буџетот на Република Македонија и на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје.

Средствата се користат рационално и во согласност позитивните Законски прописи и одредбите од овој Статут.

член 41
Здружението за своето работење донесува годишен буџет и завршна сметка.
Претседателот на Здружението е должен да подготви годишен финасиски извештај, да го достави на надлежниот орган во согласност со закон, на годишното Собрание да даде отчет пред членовите на Собранието за тоа како се работело со финансиските средства во тековната година и да го презентира годишниот финансиски извештај, како и да презентира документација за извршените трансакции во тековната година.
Здружението е должно годишниот финансиски извештај да го презентира на својата веб страница или на друг соодветен начин да го направи достапен до јавноста.
Здружението за вршењето на финансиското работење може да ангажира стручно лице или претпријатие.

ПРИЗНАНИЈА НА МХЗ
Член 42
Признанија на МХЗ се Повелба на МХЗ, Плакета на МХЗ и Благодарница на МХЗ.
Признанија можат да се доделат на членови на МХЗ, како и на други домашни и странски физички и правни лица.
Член 43
Повелба на МХЗ за особени заслуги се доделува на физичко или правно лице кое не е член на МХЗ , за особени заслуги во развојот и унапредувањето на Хералдиката, Вексилологијата, Фалеристиката и други сродни науки.
Член 44
Плакета и Благодарница за успешно извршена работа им се доделува на членови на МХЗ, како и на почесни членови на МХЗ и други физички и правни лица кои извршиле определени работи од особен интерес за развојот и унапредувањето на Хералдиката, Вексилологијата, Фалеристиката и други сродни науки.
Член 45
Признанијата на МХЗ ги доделува Собранието по предлог на Извршниот одбор, а ги потпишуваат претседателот и секретарот на МХЗ.
Член 46
Признанија за успешна соработка со МХЗ доделува Извршниот одбор.
Изгледот, формата, димензиите и материјалите од кои се изработени признанијата на МХЗ се утврдува со Правилник.

ПРЕСТАНОК НА ЗДРУЖЕНИЕТО
член 47
Здружението престанува да постои во случај на:
Одлука на Собранието на здружението донесена со двотретинско мнозинство;
Кога бројот на членовите ќе се намали под бројот потребен за основање;
Кога ќе се утврди дека здружението престанало со работа;
Ако Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука дека програмата и статутот на здружението не се во согласност со Уставот;
Во случаи утврдени со закон;
Кога ќе настапат условите предвидени во член 54 и 56 од Законот за здруженија на граѓани и фондации;
Во случај на престанок на Здружението, имотот преоѓа во сопственост на сродна организација или може да биде распределен на друг начин кој ќе биде утврден со Правилник.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
член 48
Овој Статут стапува во сила со денот на неговото донесување.
член 49
Со денот на стапување во сила на овој Статут досегашните членови на МХЗ со докажана активност во поглед на организациски ангажмани околу работата на МХЗ, како и преку објавување на статии од хералдиката или сродните науки и дисциплини во гласникот „Македонски Хералд“ или други медиуми имаат статус на редовни членови.
Сите останати досегашни членови имаат статус на придружни членови, до денот на првото ажурирање на регистарот на членови, сметано од денот на усвојување на овој Статут, по што може да дојде до промена на нивниот статус.
член 50
Со денот на стапување во сила на овој Статут престанува да важи досегашниот Статут.

Во Скопје, 8-04-2011 година
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на здружението
Јован Јоновски