Грбот на Република Македонија

Грбот на Република Македонија е усвоен на на 16 ноември 2009 година, со донесување на Законот за грб и знаме на Република Македонија (Службен весник бр 138 од  17 ноември 2009 година).

Всушност, ова претставува само отстранување на црвената петокрака ѕвезда од грбот на Народна Република Македонија од 1946 година.
Во членот 2 на законот е опишан грбот:
(1) Грбот на Република Македонија претставува поле опкружено со житни класје кои се поврзуваат на врвот, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви.
(2) Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река, а зад планината изгрева сонце.
Додаден е и нов член, член 3, кој вели:
Ликовно-графичкиот приказ на грбот на Република Македонија е составен дел на овој закон.

Историјат

При составување на грбот на НРМ, за разлика од повеќето социјалистички држави и републики, историскиот грб не го најде своето место во новиот социјалистички амблем, создаден по урнек на „грбот“ на СССР. Наместо историскиот и земски грб, новиот грб на Н.Р. Македонија поприма чисто пејзажна композиција, и со тоа влегува во иста категорија со Романија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Авторството на грбот му се припишува на Василије Поповиќ – Цицо, кој веројатно е авторот на ликовното решение на претставата на грбот од законот, кој се употребувал до крајот на истата година. Според Нико Този, кој учествувал во креирањето на грбот, Цицо знаел за земскиот грб на Македонија. Има мислење дека автор на денешниот грб е Ѓорѓе Андреевиќ – Кун кому му се  припишува и авторството на грбовите на другите републики на ФНРЈ, кој всушност стилски ги унифицирал.

Грбот на Н.Р. Македонија е усвоен на Второто вонредно заседание на народното собрание одржано во Скопје на 26 јули 1946 година, каде што е донесен Законот за Грб на Народна Република Македонија. (Президиум на народното собрание на Народна Република Македонија,  бр 559, 27 Јули 1946.)

Членот 1 од овој закон го дава описот (блазонот) на овој грб:
Грбот на Народна Република Македонија е поле опкружено со житно класје испреплетено со плодови афион и листови тутун кои на долната страна се поврзани со лента исшарана со народни мотиви. На лентата е напишано „Н. Р. Македонија“. Меѓу врвовите на класјето се наоѓа ѕвезда петокрака. Во средина на полето се оцртува планина во чие подножје тече река. Зад планината изгрева сонце.
Весникот „Нова Македонија“ бр 482, од 28.7.1946, го објавува овој закон заедно со прикажан  грб и објаснување:
Грбот на Народна Република Македонија е симбол на слободата и братството на Македонскиот народ и богатството на Македонската земја. Житното класје, плодовите на афионот и листовите тутун го претставуваат богатството на Македонија и разновидноста на нејзината економија. Петокраката ѕвезда ја симболизира народно-ослободителната војна со која Македонскиот народ ја доби слободата. Народниот мотив на лентата го изразува богатството и убавината на народниот бит. Во средината на полето се наоѓа планината Пирин, најголемата македонска планина која била центар на народноосободителните војни во минатото, а реката која тече е реката Вардар, најпознатата Македонска река во Републиката. Пирин и Вардар истовремено ги преставуваат единството на сите делови на Македонија и идеалот на нашиот народ за национално обединување. Сонцето го претставува слободниот и творечки живот во Македонија.

Дизајнот и објаснувањето на грбот е различен од грбот според првиот Устав на Народна Република Македонија (Президиум на уставотворното собрание на Народна Република Македонија, Скопје, 31.12.1946.). Во член 3 е дефиниран грбот на НРМ:
Државниот грб на Народна Република Македонија претставуе поле опкружено со житни класја испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја кои што се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви. Меѓу врвовите на класјата има петокрака ѕвезда. Среде во полето се оцртуе планина, во подножјето на која што тече река. Зад планината изгрева солнце.

И во овој опис, како и во претходниот, не се споменува ни една боја. Единствената разлика е што во Уставот го нема текстот на лентата. На печатот со кој е оверен овој документ, е претставен грбот на НРМ со првиот дизајн објавен во „Нова Македонија“, додека отпечатокот во восок со кој е запечатен емственикот, го содржи новиот дизајн на грбот.

Република Македонија
Со распадот на СФР Југославија, се постави прашањето за грб на Република Македонија. Така, Владата формира комисија за утврдување на грб и знаме на Република Македонија во 1992 г. во состав: Анета Светиева-етнолог, Александар Цветковски- ликовен уметник, Коста Балабан историчар на уметноста, Димитар Кондовски-ликовен уметник. Во комисијата е вклучен и хералдичарот Александар Матковски. На распишаниот конкурс пристигнуваат преку 3000 трудови, од кои најголемиот дел е инспириран од Земскиот грб,  претставен во книгата на Матковски „Грбовите на Македонија“, која е преиздадена во 1990 година. За жал, Матковски умира непосредно пред ставањето на законот во собраниска расправа, но остава своја порака која е прочитана во Собранието, во која Матковски го изразува својот став дека за грб на Република Македонија треба да се прифати историскиот грб. Комисијата не успева да се согласи околу еден предлог кој би го претставил пред Собранието. Прашањето премногу се политизира.

Поради необезбедено мнозинство, овој закон никогаш не влезе на собраниска расправа, и покрај тоа што според уставниот Закон, овој закон требаше да се донесе до крајот на 1992 година. Македонските пасоши се издаваат без грб, со цел тој да биде дополнително втиснат веднаш штом истиот ќе биде донесен. Ова трае до 2006 година, кога се воведени новите пасоши и на нив е втиснат стариот грб на НР Македонија.

Обиди за дефинирање на грбот

Првиот обид за решавање на проблемот со државниот грб потекнува од 1992 година, кога е даден предлог државниот грб да биде базиран на знамето, црвено, 16-крако сонце од Кутлеш (Ѕвездата од Вергина), со додаток на стилизирана буква „М“ и со брановидни линии во основата. Овој предлог не доби поддршка во Собранието поради проблемот со Грција која смета дека 16 кракото сонце на Вергина е само грчко, и подоцна, поради грчкиот притисок, 1995 година Република Македонија се откажува од тоа знаме и го прифаќа денешното знаме.

Следуваат неколку предлози за утврдување на грб на Република Македонија.

  1. За грб да се усвои Земскиот грб со истото графичко решение кое го користи партијата ВМРО-ДПМНЕ. Ова иницијатива е поднесена неколку пати од различни ностиели.
  2. За грб да се усвои решението на Мирослав Грчев, сосема нова интерпретација на Земскиот грб, 1994 година.
  3. Предлогот на Никола Поповски да се отстрани само црвената петокрака ѕвезда, 1995 година.
  4. Таканареченото „Словенечко решение“, кое предвидува ста¬вање на содржината на грбот на штит.

Предлог на Никола Поповски за исфрлање на петокраката повторно се актуелизира во 2007 година од премиерот Никола Груевски, најнапред да се извади петокраката, како почетна фаза за решавање на проблемот со грбот.
Со обезбедена поддршка, овој предлог повторно беше ставен на маса од страна на Владата на Република Македонија во 2009 година, како единствен предлог кој влегол во собраниска процедура. Без јавна расправа, на 16 ноември 2009 година, без никаква расправа на собраниската седница, беше усвоен новиот Закон за грб на Република Македонија со старо-новото решение за изгледот на државниот грб.