Грб
Главниот и централен елемент на хералдиката е грбот. Тој е главниот дел на хералдичкото достигнување. Грбот е и постулат на хералдиката. Еден од поуспешните обиди да се дефинира грбот е овој:
„Потрајна наследна ознака за идентификација на одделни личности, семејства, корпорации, политички и црковни установи, организации и држави, функции, територии и населени места, изразени со ликовни средства, (знакови и бои) според хералдичките правила“. Тешко е со една дефиниција да се опфатат сите специфики на грбот. На пример, наследноста, како еден од основните услови во хералдиката, ја нема кај свештениците што практикуваат целибат. Јасно е дека кај корпоративние грбови не станува збор за наследност, туку за трајност.
Грбот може да се дефинира и како „амблеми во боја, кои обично се наследни и прикажани на штит, погодни за личност, семејство или заедница и се предмет на посебни правила на хералдиката”. Грбовите се појавиле меѓу реките Лоара и Шелда, во северна Франција и во јужниот дел на Англија, која по норманското освојување во 1066 година всушност е дел од Франција. Од своето појавување на почетокот на втората половина на 12 век грбовите брзо се рашириле низ цела Европа. Нивната подлога е променлива, од штитот преминуваат на книги или ракописи, греди или ѕидови на една соба, гробови или монументални порти, но и на знамиња, облека, таписерии… Тие може исто така да припаѓаат на еден феуд, град, организација…
Главно правило е дека не смее да се узурпира грбот на некој друг. Без разлика дали станува збор за земји каде што секој може да определи каков грб ќе употребува или во земјите каде што грбот може да биде даден само од страна на државно тело, не може да се носи грб што припаѓа на друго семејство.
Треба да се напомене и дека во голем дел на европските јурисдикции грбот не е синоним со благородништвото. Според статистиката, која е направена на извори од крајот на XV век, на грбови на неблагородници отпаѓаат дури 60% од вкупниот број грбови6. Во кралството Франција секој слободен човек има хералдички капацитет – право на избор да носи оружје и да има грб.
Настанување на грбот
Отсекогаш воините го украсувале своето оружје. Штитот, како најголем дел од вооружувањето, бил особено погодно место за насликување. Тој бил направен од дрво, најчесто прекриен со кожа врз која се сликало, но често и релјефно се украсувал со форми од варена кожа и од жица.
Долго време симболот, амблемот, бил избиран самостојно. Најчесто тоа биле или едноставни геометриски форми или едноставни животни или растенија. Се случувало и често менување на амблемот.
Подоцна, симболот станал постојан и се пренесувал од татко на син. Овие амблеми почнале да излегуваат од штитот и да обележуваат други предмети од кои меѓу најпрвите била облеката.
Општествениот начин на живот налагал оваа привилегија да си ја дозволат само слободните. Поради фактот што овие симболи имале и улога на идентификација, и за да се избегне повторувањето на грбовите, тие почнале да се разликуваат еден од друг.
Во англиската традиција се верува дека најстариот документиран грб е грбот на Жофри Плантагенет, војводата од Нормандија, подоцна Хенри Втори, опишан во свадбената повелба од 1127 година, која го прикажува доделувањето на грбот од крал Хенри Први22, таткото на неговата сопруга. Неговиот внук, Вилијам Лонгспи, го употребува истиот грб со што се потврдува една од најважните карактеристики на грбовите, постојаноста односно, наследноста.
Првите грбови биле штитови поделени во две бои што давале доволен контраст за да бидат претпознатливи од далеку, или пак, имале еден амблем. Крстоносните војни, допирот со источните култури довеле до многукратно збогатување на симболиката што се употребувала на штитот.
Крстоносните војни имале големи последици и влијание во сите сфери на животот во стара Европа, па и на оружјето. Како неопходен додаток на воената опрема почнал да служи и плаштот со кој железните витези се заштитувале од медитеранското сонце. Така, шлемот со овој детаљ и штитот станале неразделни делови на грбот.
На шлемот се наоѓала и челенка, апликација направена од жица, од кожа, од дрво, која го држел плаштот. Челенката е еден важен дел, амблем, во хералдичкото достигнување што претставува збир на хералдички елемнти во кои покрај грбот (штитот, челенката, штитодржачите итн), спаѓаат и стандардот и беџот.
Најнапред, грбот бил личен и користен на бојното поле, но брзо се ширела употребата на грбовите. Така, во почетокот на 13 век во Англија се употребувале 1.500 различни грбови. Грбови почнале да употребуват и цивилите, надвор од бојното поле, обичните луѓе и различните општествени и трговски заедници. Така, црковните лица почнале да употребуваат грбови од 1200 година, жителите во градовите од 1220 год., уметниците од 1230 година. Градовите од крајот на 12 век, потоа корпорациите од 1240 година итн.23
Грбовите може да се поделат според видот на носителот. Ако е носителот поединец или семејство, станува збор за личен грб, ако е носителот заедница, организација, фирма, тогаш станува збор за корпоративен грб, а ако е носителот географски ентитет, град, област, територија, зборуваме за местен грб. Доколку грбот е врзан со определена функција, тогаш постои грб на функцијата. Посебна категорија се црковните и државните грбови. Поради посебните карактеристики на армигерите (носителите на грбот), се јавуваат и специфични карактеристики на секој од овие видови грбови.
Во повеќето јазици зборот грб е ист со зборот оружје. Во македонскиот јазик, како и во другите словенски јазици, зборот грб доаѓа од германскиот збор Erbe што значи наследност.
На почетокот луѓето сами си ги избирале грбовите по сопствено наоѓање. Во некои земји, правото да доделуваат грб целосно го зеле владетелите, казнувајќи го носењето на грбот без документ за доделување на грбот- грбовница (матрикула, leterae armalis, Letter of patent). Во други, пак, носењето на грбовите е право на сите оние што ќе се ангажираат да си обезбедат еден, направен според правилата на хералдиката, но не треба да е ист со некој постоечки.
За да се обезбеди ова, потребно било тело што ќе води грижа за регистирање на грбовите во употреба. Јасно, ова е невозможно да се прави универзално, туку само за една дадена административна територија. Сите овие се фактори за подлабок развој на хералдиката како наука со особени достигнувања и како уметност, ја прави таа да зазема важно место во животот на луѓето.
Грбови се припишувале на ликови од романи, херои и богови од митологија, римските императори, ликовите на Библијата, на митски земји … со текот на времето … па дури и на Бога и на Христа.
Хералдиката се занимава со систем на наследните симболи. Таа имала свои подеми и падови, била воздигана и била негирана. За некои е безвременски јазик на симболи, други, пак, ја прогласувале за мртва веќе многу векови. За едни била тајна предавана од колено на колено, за другите, пак, кои не ја познаваат, само збир на интересни сликички.