Елементи на голем грб

Грбот покрај штитот има и надворешни елементи и параферналии.

Надворешните елементи, кои се дел од големиот грб, се: челенка со мантија и шлем или круна/ митра и девиза.

Други дополнителни делови или параферналии се:, штитодржачи, постамент, ордени и знаци на ранг.

Шлем

Шлемот е задолжителен дел на големиот грб доколку грбоносецот е личност или корпорација. Обично територијалните, црковните, универзитетските грбови немаат шлем. Шлемот секогаш е нацртан веднаш над штитот и е нераскинливо поврзан со челенката и со мантијата и не може да стои сам.

Шлемот, кој по правило се наоѓа над штитот и се потпира на него, се прикажува реално (тродимензионално). Тој може да е прикажан во амфас, профил или во полупрофил. Шлемот по правило е прикажан во сивожелезна боја, но може да има детали и украси од злато.

Големината на шлемот се менувала низ историјата. На грбовниците од 13 век шлемот е голем колку и самиот штит, за подоцна да дојде на околу 2/3 од висината на штитот. Во најголемиот број јурисдикции грбот има само еден шлем со челенка и мантија, додека во германската традиција грбот може да има и повеќе.

Шлемовите по својот облик и примена можат да бидат од неколку основни видови: лончест, турнирски, со решетки и со визир.

Лончестиот шлем е најстар шлем во хералдиката и има едноставен облик што потсетува на лонец. Може да има повеќе подваријации. Нема подвижни делови и воинот гледа преку тесниот процеп во висина на очите.

Турнирскиот шлем има посебен облик со кој го заштитува воинот при удар со копје во двобојот на коњи. Турнирскиот шлем е остар и со коси површини кои доведуваат до слизнување на копјето на противникот.

Шлемот со решетки има голем простор за гледање кој е заштитен со решетки, кои не му даваат заштита на воинот и затоа ова е церемонијален шлем.

Шлемот со визир има голем отвор кој се покрива со подвижен дел – визир. На визирот има посебни тенки отвори низ кои гледа воинот.

Во ренесансата и следните периоди грбот и шлемот се прикажуваат уметнички на начин што сè повеќе отстапува од реалниот шлем и таквиот шлем воопшто не може да се употреби. Затоа тие понекогаш се нарекува и шлемови од „хартиена хералдика“.

Во некои јурисдикции хералдичкиот авторитет го пропишува видот на шлемот, материјалот од кој е изработен, позицијата на визирот, бројот на решетките што укажува на статусот на грбоносецот. Кај нас тој не претставува знак на статус и избраниот вид шлем е чисто декоративен.

Челенка

Челенка претставува украс на самиот шлем. Таа исто како и шлемот е тродимензионален украс. Често содржи фигури од штитот, но тоа во никој случај не е услов. Челенката не е непроменлива како самиот штит, и таа често е елемент кој се менува низ генерациите на носители на грбот. Во некои традиции челенката може да се употребува самостојно.

Челенката произлегува од времето кога воините да изгледаат пострашни во битките, си ги украсувале своите глави со остатоци од животински глави и птичји перја, гранки од дрва, но и со фантастични предмети. Челенката била изработувана од жица, кожа, обоено дрво, рогови и пердуви, и често не ја преживувала битката. Од старите грбовници гледаме дека челенката и мантијата преставуваат една целина. Понатаму челенката служела како место на кое се закачува мантијата.

Најчесто, на челенката е претставен некој дел од грбовната композиција. Ако не е, тогаш најчести престави се: рогови, крила, пера и перјаници од ној и од паун. Во грбовниците од 13 век е вообичаено челенката, по големина, да е поголема од штитот.

Мантија

Мантијата оригинално било парче ткаенина што го покрива металниот оклоп за да го спречи неговото прегревање. Овој елемент често страдал во битките и затоа најчесто се прикажува стилизиран, како расечен на многу различни декоративни начини. Мантијата се прикажува исклучиво заедно со шлемот и никогаш не се прикажува само со челенката. Таа има лице, кое секогаш е во боја, и постава, која најчесто е метал, а понекогаш и крзно. Лицето најчесто е во главната боја од штитот, а поставата со главниот метал. Понекогаш левата и десната страна се со различни лица и/или постава. Лицето може да биде и посеано. Мантијата се спушта од под челенката и започнува од венец на кој се гледаат 6 полиња прикажувајќи ги наизменично боите на лицето и поставата. Во некои хералдички традиции овој дел се смета за одделен дел.

Лента со девиза

Девизата претставува лента со натпис, која скоро секогаш се наоѓа под штитот. Традиционално, лентата е во бојата на главниот метал додека натписот, пак, е испишан со главната боја.

Лентата со девиза се вклопува во целата грбовна композиција и обликот на лентата е различен. Можно е да е едноделна но и повеќеделна, во зависност на бројот на зборовите на девизата. Обликот може да биде прав, со единечен или двоен, троен лак, и лентите на краевите можат да завршат брановидно. Исто така, лентата може да биде поставена над или околу грбот.

Текстот испишан на лентата е девиза, која е мошне кратка, може да биде поврзана со сопственикот на грбот, со неговото име, потекло и сл., како и се настани од неговото минато. Најчесто девизите кажуваат вредности што се посакуваат. Текстот е напишан најчесто на латински, но и на француски, германски и англиски јазик, а кај нас и на старословенски и на македонски.

На лентите не се пишува името на грбоносецот бидејќи тоа е спротивно на хералдичките правила. Освен ако не станува збор за грбовник каде што на ленти се испишани имињата на армигерите.

Параферналии

Круни

Круната најчесто го означува општествениот ранг на носителот на грбот. Таа е симбол на власт, господство и благородништво. Во прво време круни имале само грбовите на владетелите – царевите и кралевите. Потоа, со нив биле украсувани и грбовите на врховните кнезови и големите херцози, а подоцна со круни се здобиле и грбовите на дворските семејства.

Круната се поставува веднаш над шлемот или доколку нема шлем веднаш над штитот. Со тоа грбот се окрунува. Ранговата круна се наоѓа и над големата мантија. Обликот и материјалот од кој е изработена круната, а со тоа и бојата, видот на украсите зависеле од рангот на носителот на грбот. Во хералдиката има неколку видови круни. Од најчестите круни се: кралската – каде круната е затворена озгора со стема (1), јагодова или војводска – или проста челенкова круна (2), круна само со дијадема (3), круна со бисери- бројот на бисерите укажува на статусот (4), античка круна (5), и круна со благородничка капа (6). Во оваа категорија спаѓаат и муралните круни, кои укажуваат на рангот на територијата или населното место на чиј грб се наоѓаат.

Во различни хералдички системи постојат различни системи на рангови круни и благороднички шапки, како во Венецијанската Република, каде наместо круна, дуждот, како носител на највисоката функција користел дуждова капа. Во некои хералдички јурисдикции се користат и капи за дигнитет. Тие се со темноцрвена боја, обрабени со хермелиново крзно. Наполеон во својот хералдички систем вовел посебни благороднички капи место круни за прикажување на ранг.

Еклезијастички капи

Во црковната хералдика, свештените лица – папи, кардинали, надбискупи и бискупи, па сè до свештеници, над штитот, наместо круна, имаат еклезијастички капи – тијара, галеро или митра. Освен тројната круна на тијарата за папата (1), која е изработена од скапоцени метали, сите еклезијастички капи се изработени од платно во разновидни облици, што зависи од црковната хиерархија, како на пример бискупска митра (2).

Во католичката и во англиканската црква, хиерархискиот ранг се укажува со галеро – капа со нишки од двете страни на која има 1, 3, 6, 10, 15 висулки. Кардиналското галеро е црвено со по петнаесет црвени висулки на двете страни, во пет реда со 1, 2, 3, 4 и 5 висулки (3). Надбискупското галеро е зелено, со по десет висулки. Бискупскиот галеро е зелен со по шест висулки. Опатискиот галеро е зелен со по три висулки (4). Свештениците имале црн галеро со по една црна висулка.

Во хералдиката на источната црква се користи камилавката (5) и епископската митра (6). Епископите користат златна митра, а пониските рангови црна ќамилавка.

Црквените лица доколку поседуваат високи благороднички титули, можат да ги искомбинираат ранговите знаци на световните и црковните достигнувања.

Мурални круни

Посебен вид статусни круни се муралните или ѕидани или градски круни. Тие се користат најчесто во територијалната хералдика. Тие се претстава на ѕидина со кули, а на нив може да се претставени и порти. Ѕидината може да биде поставена на дијадема, која пак може да е украсена со разнискапоцени камења (1 и 2).

Рангот најчесто се прикажува со бројот на кулите, при што најмалку може да има три кули. Дополнително, рангот се прикажува и со бојата на круната, која може да биде златна и сребрена, како и со начинот на украсување. Рангот се утврдува според административниот статус, или според бројот на жителите.

Административно, рангот зависи од видот на територијалната поделба, која може да биде повеќестепена. Најниската може да биде населено место или општина. Повисока може да е реон, околија, округ, регион, област, војводство, провинција, покраина и така натаму, па сѐ до држава. Рангот зависи и од тоа каков статус има добиено градот, како слободен град, царски град и слично. Во некои системи рангот примарно е според бројот на жителите.

Во територијалната хералдика, освен муралните круни се користат и палисадни (3) на нив е претставен дрвен плот, кој го има истото значење со тврдина. Потоа постојат житни, морски (4) и други слични круни.

Штитодржачи

Штитодржачи се две фигури што стојат од двете страни на штитот и го држат. Штитодржачи најчесто се хуманоиди, ѕверови или фауна, кои обично во пар стојат покрај штитот и го придржуваат (освен кога немаат со што да го држат). Во некои јурисдукции, штитодржачите се симбол на статусот и можат да се доделат со посебен дар.

Штитодржачите можат да бидат хуманоиди, (луѓе во разни облеки, ангели, сирени, дивјаци), животни (лав, коњ, елен, мечка), птици (сокол, орел, чапја), митолошки суштества (грифон, еднорог, змеј, крилест лав). Штитодржачи може да се две идентични фигури, но поретко може да има и само една фигура која стои зад штитот како негов стражар (чувар). Најчест случај е кога како птитодржач се јавува орел кој на градите има штит. Понекогаш штитодржачите држат знаме, најчесто закачено на копје.

Францускиот систем прави разлика помеѓу штитодршачите што го држат (фигурите со своите раце, шепи, канџи го држат штитот), потпираат, (доколку станува збор за артефакти), или чуваат (кога фигурите само стојат покрај штитот и не го држат). Друга форма претставуваат ангелите што летаат и го носат штитот.

Постамент

Постамент е стилизирана подлога на која се потпира штитот и на која стојат штитодржачите. Постамент има само кога има штитодржачи. Постојат три основни вида постамент и тоа: тло или рид на кој може да е претставена и специфична флора. Кога штитодржачите се водни животни, тогаш подножјето може да биде од вода.

Втор вид на постаментот претставува реална или стилизирана фактичка основа на која стојат штитот и штитодржачите, која неретко е од архитектонски вид. Третиот вид всушност е основа образувана од лентата на мотото, продолжение на делови од штитодржачите или од декоративни елементи, како, на пример, растение и слично.

Ордени и медали

Ордените и медалите се одличија за одредени заслуги или знак на припадност на некој ред. Орденот се состои од орденски знак кој може да биде во форма на крст, ѕвезда или на медалјон. Орденскиот знак може да се прикачи на градите директно или да има лента или орденски ѓердан. Практика е ордените да бидат изложени на грбот. Доколку орденот е на ѓердан, тој се прикажува околу штитот, каде што орденскиот знак се поставува најдолу. Доколку се претставуваат повеќе ордени на ѓердан, тогаш орденските ѓердани се претставуваат со различен радиус. Доколку се на орденска лента, тогаш лентата излегува од под штитот, а орденскиот знак виси долу. Ако се прикажат повеќе ордени на лента, највисокиот по ранг е во средината, а потоа наизменично, лево па десно, се редат другите.

Неколку ордени, како што е малтешкиот крст, се прикажуваат зад штитот. Доколку, пак, станува збор за орденска ѕвезда која нема ниту лента ниту ѓердан, тогаш се применуваат разни форми на флорални венци на кои е закачен орденот, како на грбот на Белград. При прикажување ордени и медали на грбот, треба да се прикажат највисоките и нивниот број сепак да се сведе на минимум.

Знаци на ранг

Одредени звања или позиции дозволуваат зад штитот да се постават знаци за рангот. Така, адмиралите можат да постават две вкрстени сидра, маршалите и повисоките генерали да постават вкрстени маршалски/генералски палки. Хералдите поставуваат вкрстени хералдички палки. Кај црквените грбови, знаци за рангот се папската амбрела, вкрстените клучеви, жезолот, пастирскиот стап, крстот и мечот.

Припадниците на некои ордени, како, на пример, Суверениот воен болнички ред на Свети Јован Ерусалимскот од Родос и Малта, попознат како Малтешкиот ред, зад штитот поставуваат бел малтешки крст.

Голема мантија

Големата мантија е мантија што го покрива целиот грб. На неа озгора обично има круна. Големата мантија се употребува за грбовите на највисокото благородништво. Таа е присутна и во црковната хералдика, особено источната за грбовите на свештени лица со чин епископ и нагоре, вклучувајќи ја и самата црква.

Големата мантија е детал резервиран за највисоките авторитети или титули. Таа ги опфаќа сите други елементи на грбот, освен кај црквените грбови, кога крстот и жезолот се зад големата мантија. Во кралските грбови е поставена со хермелин.

Мантијата претставува драперија, која се поставува широко и над грбот и целосно го заткрива од задната страна. Грбот, притоа, се наоѓа во средишниот дел пред мантијата. Големата мантија однадвор е во боја, внатре на метал, може и крзно, најчесто хермелин. Мантијата е прикачена на горните странични делови врзани со златен шнир со реси. Над големата мантија често се наоѓа круна од истот ранг како таа на грбот.