Крст

Крстот е еден од наједноставните симболи кој во основната форма се добива со прекрстување на две линии под прав агол. Крстот опстојувал скоро во сите култури. Во христијанството влегува како симбол преку распнувањето на Исус Христос на крст, кој со својата смрт го откупи човекот. Тој има посебно место и е најчесто среќаваниот симбол во хералдиката. Неговата појава, развојот и особено разновидност е поврзана со крстоносните походи во Светата земја. Затоа и оние што учествувале во тие походи носеле пришиен крст и се наречени крстоносци.34

За да се разликуваат едни од други, тие носеле крстови во различни бои на различна заднина, но тоа не било доволно за идентификација. Затоа се развиваат најразлични форми на крстови и ги има неколку стотини

Тука ќе бидат разгледани само неколку основни форми.

  1. 1. Хералдички крст – Првата и основна форма на крстот во хералдиката е онаа во која тој всушност претставува ординарија – чесна хералдичка фигура. Овој крст е образуван од пресек на столб и појас, а линиите на пресекот можат да бидат практично сите хералдички линии на поделбата. Хералдичкиот крст може да се јави и како деминутивна фигура и како отсечена фигура.
  2. 2. Прав крст – најосновната форма на крст, кога должината и ширината на секој поединечен крак е еднаква, односно тој е обликуван од 5 квадрати. Најпознат е на грбот на Швајцарија и знакот на Црвениот крст.
  3. 3. Андреев крст/салтир – крст образуван од пресек на превез и лев превез. Како и хералдичкиот крст претставува првостепена чесна фигура. Може да биде образуван од сите хералдички линии на поделба. Поврзан е со преданијата за св. Андреја од каде доаѓа и називот.
  4. 4. Латински крст – крст чиј подножен крак обично, е двапати подолг од останатите.
  5. 5. Архиепископски крст – латински крст со помала пречка над средишната. Aрхиепископскиот крст може да ги има сите завршетоци во трилистен облик, освен подножниот крак.
  6. 6. Воденичарски крст – краците му завршуваат во форма на осигурач на воденички камен.
  7. 7. Расцепен крст – краевите му се расцепени како вила на две.
  8. 8. Крунест – крст кај кој краците се шират и завршуваат во облик на старинска круна.
  9. 9. Трилистен крст – краците му завршуваат во форма на трилисна детелина. Овој крст е особено популарен кај нас и често го сметаат за православен крст, но во хералдиката за православен крст се смета рускиот.
  10. 10. Топчест крст – крст чии краци завршуваат со топка/кружница.
  11. 11. Котвест крст – краците му се расцепени и засукани во форма на котва. Некогаш засуканите делови можат да бидат многу потенки и повеќе засукани.
  12. 12. Клинест крст – крст образуван од горните делови на клинците. На овој начин се добиваат Т-образни краци на крстот.
  13. 13. Плочест крст – крст со квадрат во делот на пресекот.
  14. 14. Четирикрстен крст – краците на овој крст се препречени со помали пречки кои формираат помали крстови на краевите.
  15. 15. Хермелинест крст – крст образуван од четири хермелински дамки, кои се среќаваат со врвовите.
  16. 16. Антониев крст- крст со облик на буквата Тау, поврзан со св. Антониј.
  17. 17. Малтешки крст – крст чии краци се стеснуваат кон пресекот и на врвовите се наострени кон пресекот. Познат е и како осмокрак крст. Најдобро познат по употебата како беџ од страна на Суверениот воен ред на Малта.
  18. 18. Лилјанест крст – краците му завршуваат во форма на лилјан.
  19. 19. Ерусалимски крст – комплексна фигура која се состои од средиштен голем крст меѓу чии краци е поставен по еден помал крст. Крстовите се со еднакви должини на краците. Овој симбол е користен како ознака на ерусалимското крстоносно кралство.
  20. 20. Јаковин крст – во основа претставува лилјанест зашилен крст.
  21. 21. Стреловиден крст – краците му завршуваат со стрели.
  22. 22. Празен крст – крст на кој средишните делови од краците му се отстранети и низ него се наѕира заднината т.е полето.
  23. 23. Преплетен крст – се работи за крст чии краци се составени од стапови и врвци што се преплетени. Ако не е нагласен бројот на стаповите и врвците се работи за по две од наведените.
  24. 24. Тефтонски – крст чии краци се пошироки на краевите и се стеснуваат кон пресекот. Во дадени случаи е користен како ознака на тефтонските витези па оттука и името.
  25. 25. Окцитански/тулушки – декоративен крст поврзан со грофовите од Тулуз од каде и го добил името.
  26. 26. Голготски крст – латински крст со пиедестал од три скалила.
  27. 27. Православен крст – во хералдиката овој крст се нарекува православен или руски крст.
  28. 28. Македонски/вељушки крст – најпрепознатливиот крст од Македонија, декоративен крст кој се наоѓа вѕидан во црквата во Вељуса.
  29. 29. Тефтонски крст на вера – тефтонски крст со потенки краци на кој долниот крак е раздвоен како котва. Овој крст се среќава на многу капители во Македонија.
  30. 30. Ранковски крст – крст од грбот на Ранковце, од манастирот во Псача, инаку е крст со лилјани меѓу краците.

Карактеристики на крстот

Крстовите можат да имаат и посебни карактеристики. Дадената карактеристика се надоврзува на името на крстот.

  1. 31. Прободен – крст во чиј пресек се наоѓа кружна или квадратна празнина низ која се гледа заднината т.е полето.
  2. 32. Зашилен – крст чии оделни краци се во форма на шилец. Доколку не е поинаку блазонирано, станува збор за подножниот крак.
  3. 33. Двоен – крст каде хоризонталните краци се удвоени.
  4. 34. Празен – Кога ја нема внатрешноста на крстот. Не треба да се направи забуна со празен крст – што е име на крст, додека тука е карактеристика што може да ја има секој крст.
  5. 35. Раздвоен – кога еден или повеќе краци се раздвоени. Доколку не е нагласено, станува збор за подножниот крак.
  6. 36. Преплетен – крстот може да биде преплетен со други фигури, дадениот е преплетен со две воени секитири во салтир.