6.12.2014

Владата го усвои предлогот за нов грб на Република Македонија

(кликнете за поголема верзија)

Сегашниот грб на Република Македонија во целост е дизајниран според грбот на Советскиот Сојуз, според кој беа дизајнирани и грбовите на сите Советски Републики, Југославија со своите републики, како и останатите држави од источниот блок и други земји со социјалистичко уредување како Ангола и Северна Кореја. Задолжителните елементи на сонце, ѕвезда петокрака, житни класје поврзани со лента со народни мотиви, го симболизираа „посветлото опшество на комунизмот“ до кое се доаѓа преку трудот на работничката класа и земјоделците.

Отстранувањето на црвената петокрака во 2009 година воопшто не го промени социјалистичкиот изглед на грбот, туку незначително го измени. Најкрупните елементи, сонце, житни класје поврзани со лента со народни мотиви останаа и целосно го дефинираат сегашниот грб како социјалистички. Претставата за социјалистичка земја од типот на Ангола и Северна Кореја воопшто не е одговара на реалноста.

Хералдичките грбови се безвременски културолошки симболи за идентификација. Тие ги сплотуваат сите заедници и поединци во државната традиција. Сите европски земји денес поседуваат хералдички државен грб. Дури и земјите од поранешниот источен блок со настапувањето на демократските процеси се навратија на своите историски грбови.
Македонија заедно со Белорусија е една од двете последни земји во Европа кои сè уште користат амблеми по урнек на советската амблематика.
Од друга страна, Македонија е една од ретките земји во Европа која има конзистентен симбол кој неоспорно се проткајува низ целата нејзина историја, и кој евидентно ги спојува заедниците кои живеат во земјата и се прифатливи за нив.

Предлогот за грб на Република Македонија е базиран на традицијата на грбови поврзани со Македонија, почнувајќи од илустрациите на Вилем Верланд (+1481) и грбовникот на Жером де Бара од 1581 год., кој преку Стематографиите на Витезовиќ (1694) и Жефаровиќ (1741), ќе стане и земски грб на Македонија.


Жером де Бара (1581 год.)

Во европските грбовници најконзистентна претстава е црвениот лав на златно поле. Најпознати претстави од него се дадени во грбовниците на Жером де Бара (1581 год.) и Жан Робен (1639 год.), кои претходат на илирските и потекнуваат од европски земји со развиена хералдичка традиција.


Жан Робен (1639 год.)

Блазонот на овој грб гласи: На златно-жолто поле разгневен црвен лав. Штитот е крунисан со златно-жолта градобранска круна со пет кули, поставени на златна дијадема, украсена со рубини и бисери од Македонија.

Градобранската круна на грбот го претставува републиканското уредување на државата. Кулите на круната претставуваат графички израз на бројот пет, кој пак е симбол на државноста. Со тоа се цели да се истакне и прикаже суверенитетот и интегритетот на државата. Рубинот и бисерот се симболи со кои се поврзува државата со земјата како природно тло.

Ваквиот предлог е во согласност со историските факти, а воедно одговара на народната перцепција од преродбеничко време. Лавот како симбол може да биде обединувачки на сите заедници и граѓани, како што е тоа докажано и во низа европски земји. Лавот е несомнено симбол и на македонците, албанците и другите заедници во Македонија кој преставува и земски симбол на земјата, територијата, државата.

Затоа црвениот лав на златно поле, е најдобар хералдички симбол, кој има своја традиција, но и сегашност и иднина на една европска Македонија. Со донесувањето на овој грб, Македонија ќе се вброи во семејството на европските земји како земја со европски стремежи, кои се грижат за своето минато, но и за својата иднина, промовирајќи заедништво и врзувајќи се за симбол кој не носи никаква поделба по ниту еден основ во себе, туку напротив создава единство на сите што живеат на овие простори.