5.10.2011

16 Роденден на Знамето на Република Македонија

На 5.10.1995 година на 27. седницата на Собранието на Република Македонија, со 110 гласови за, еден против и 4 воздржани се усвои Законот за знаме на Република Македонија. На расправата учествуваа само Сали Рамадани, кои бараше Законот да гласи за знамињата на Република Македонија, имајќи ги во предвид и знамињата на националностите во Македонија.
Вториот учесник во расправата беше Томислав Стојановски, кој истапи со сопствен предлог на знаме кој го покажа пред пратениците, на црвена основа три златни зраци, кои ја преставуваат македонската дијаспора во Европа, Америка и Австралија. Двата предлога не беа прифатени.
Целата седница, во која беше прифатена и декларација за осуда на атентатот врз претседателот Киро Глигоров, траеше 40 минути, што значи дека сите пратенички групи претходно имаа постигната согласност за промена на државното знаме.
Членот 2 од законот гласи: „Знамето на Република Македонија е црвено со златно – жолто сонце. Сонцето е со осум сончеви знаци кои се простираат од сончевиот диск со проширување до рабовите на знамето. Сончевите зраци се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала. Дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од должината на знамето. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на ширината и должината на знамето е еден спрема два.“
Во прилог е даден и ликовно графички приказ на знамето.