78 роденден на знамето на Народна Република Македонија
Знамето на Народна Република Македонија е за првпат утврдено во член 4 од првиот устав од 31 декември 1946 година:
Државното знамето на Народна Република Македонија е црвено со петокрака ѕвезда. Ѕвездата е црвена со златен (жолт) раб и има правилен петокрак облик. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.
Кога ќе се подели знамето на четири правоаголници, тогаш средишната точка на ѕвездата се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на горниот правоаголник што е до прицврстениот дел на знамето. Горниот крак на ѕвездата е насочен спрема горната линија од должината на знамето, а долните краци се насочени спрема долната линија од должината на знамето. Полупречникот на ѕвездата е еднаков со една шестина од широчината на знамето.
Ова знаме беше во употреба до 11 август 1992 година, односно повеќе од 45 години.