16.3.2019

Грбот на св. Теодор

По повод празникот Тодорова сабота, во чест на св. Теодор Тирон, ви ги преставуваме хералдичките претстави на Теодор Тирон и Теодор Стратилат во Св. Пантелејмон во Нерези, крај Скопје, подигната 1164 г. Манастирска црква е подигнатa од византискиот принц Алексиј Комнен во која се насликани шест Свети воини, сите претставени со штитови. Во наосот на црквата, на западниот ѕид, од двете страни на вратата, се насликани по тројца Свети воини. Кратенките од имињата на светците не преживеале до денес, но според аналогиите, може да се утврди нивниoт идентитет.

На левата страна од вратата во долната зона се претставите на:

Св. Меркуриј, има мал кружен штит што е свртен кон самиот воин, кој го држи со левата рака одозгора за централниот дел, за зајакнувањето и за ремените на штитот. Разбирливо, предната површина на штитот не е видлива.

Св. Теодор Стратилат стои пред штитот, кој со долниот дел се потпира на земја, и го држи штитот за ремени кои излегуваат од задната страна на штитот, потпирајќи ја раката на горната страна. Штитот е типичен за 12 в. и е од издолжен вид со полукруг во горниот дел и со остар агол во долниот дел, и е висок до надполовината на воинот, е доволно видлив да се блазонира. Тој има златна декоративна рамка што се повторува и на штитовите на другите Свети воини, но со други декорации. Штитот е поделен на крст зелено и црвено. Треба да се забележи дека полето е дамаскирано со флорални претстави.

Св. Теодор Тирон, истотака стои пред својот штит, кој е со ист облик како и претходниот, и го потпира со рака за горниот дел. Штитот има златна декоративна рамка, и златна лента во горниот дел. Бојата на штитот не е сочувана. На полето се наоѓа златен пресечен-кентаур. Човечкото лице на кентаурот е покриено со лентата на штитот, но се видливи косата, челото и веѓите кои јасно укажуваат дека станува збор за човечка глава. Таа продолжува во човечко торзо кое преминува во тело на коњ на кого јасно се гледаат предните нозе со копитата. На полето се наоѓаат и престави на мали осум краки сонца, кои или се посеани, или, пак, по веројатно претставуваат дамаскирање.