26.7.2018

Грбот на Народна Република Македонија слави 72 години

Грбот на НР Македонија е усвоен на Второто вонредно заседание на Народното собрание, одржано во Скопје на 26.7.1946 година, како прва точка од дневниот ред. Предлогот за нацрт-законот го претставил народниот пратеник Димче Беловски, а во дискусијата се вклучиле народниот пратеник д-р Благој Арсов и министерот за просвета Никола Минчев, по што Законот е прифатен еднодушно и едногласно.[1]

Законот за грб на НР Македонија, во  членот 1 го дава описот (блазонот) на овој грб:

Грбот на Народна Република Македонија е поле опкружено со житно класје испреплетено со плодови афион и листови тутун кои на долната страна се поврзани со лента исшарана со народни мотиви. На лентата е напишано „Н. Р. Македонија“. Меѓу врвовите на класјето се наоѓа ѕвезда петокрака. Во средина на полето се оцртува планина во чие подножје тече река. Зад планината изгрева сонцето.[2]

Весникот „Нова Македонија“, кој бил орган на народниот фронт на Македонија и имал функција на службено гласило, два дена подоцна, го објавува овој закон заедно со прикажан грб и објаснување:

Грбот на Народна Република Македонија е симбол на слободата и братството на Македонскиот народ и богатството на Македонската земја. Житното класје, плодовите на афионот и листовите тутун го претставуваат богатството на Македонија и разновидноста на нејзината економија. Петокраката ѕвезда ја симболизира народноослободителната војна со која Македонскиот народ ја доби слободата. Народниот мотив на лентата го изразува богатството и убавината на народниот бит. Во средината на полето се наоѓа планината Пирин, најголемата македонска планина која била центар на народноосободителните војни во минатото, а реката која тече е реката Вардар, најпознатата Македонска река во Републиката. Пирин и Вардар истовремено ги преставуваат единството на сите делови на Македонија и идеалот на нашиот народ за национално обединување. Сонцето го претставува слободниот и творечки живот во Македонија.[3]

[1] „Народното собрание на Народна Република Македонија изгласа неколку закони важни за нашиот народ“, Нова Македонија, 28.7.1946.

[2] Президиум на Народното собрание на Народна Република Македонија, Закон за грбот на Народна Република Македонија, бр 559 , Скопје, 27.7.1946.

[3] „Народното собрание на ….