Химната „Денес над Македонија се раѓа“
Химната може да се дефинира како: патриотска песна или мелодија која е официјално прифатена и која се изведува на официјални настани, како знак на лојалност кон државата. Химната често е изведувана во својство на химна, а официјалниот статус може да го добие многу подоцна. Химната се изведува пред важни настани од политичкиот, но и културниот и спортскиот живот. Често подигањето на знамето е проследено со звуците на химната.
Химната може да се користи во разни пригоди, често пропишани со закон. Се изведува на државни празници, фестивали, на меѓународни спортски манифестации и слично. На Олимписките игри, секогаш се изведува државната химна на добитникот на златен медал.
Изборот за химна во последно време се случува со јавни конкурси, но традиционално, химната е избирана од песни и мелодии што се веќе обнародени. Некои химни постепено ја искачуваат скалата на официјализирање.
Химната како национален и државен симбол е врзана со официјална употреба, како одржување државотворни настани. За химната да е државна химна треба да биде и официјализирана со конкретен правен акт. Како прв државотворен настан на кој се изведувала химна е Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински. Свечената седница е отворена со химната „Изгреј зора на слободата“, додека работниот дел со химната „Хеј Словени“. Со ова во Демократска Федерална Македонија се востановени де факто две химни, едната на југословенската федерација, а другата на Македонија.
Химната „Изгреј зора на слободата“ е изведувана на многу настани, заедно со „Хеј Словени“, но набргу по ослободувањето е потисната од химната „Денес над Македонија се раѓа“. која за првпат изведена на пречекот на новата 1942 година во Струга, од Владо Малевски и музичарот Стефан Опетчески пред 28 припадници на НОВ на тајната средба.
Автор на текстот е Владо Малески, додека за мелодијата има неколку верзии. Според Денко, синот на Владо, мелодијата е адаптирана од народната песна „Надежда болна легнала“, која пак настанала како адаптација на мелодија што потекнува од некој европски шлагер, кој на овие простори е донесен од војниците од Солунскиот фронт. Оваа песна Владо Малески ја научил од својата мајка.
Додека според сеќавањата на музичарот Стефан Опетчески, мелодијата на „Денес над Македонија“ е инспирирана од неколку песни. Во монографијата „Вистината е во буќетот цвеќе“ од синот на Стефан, Сотир:„Владе му рекол: `Стефане сега ќе се задржиме на следните песни: Букетот цвеќе што ми го даде; Ајде браќа да минеме преку Велешко, Прилепско и Крушевско; Телеграма дојде од Европа до Султанот и Орле бе орле крилато пиле“.
Песната бргу се стекнала со популарност и потоа се распространува меѓу партизаните. Во јуни 1943 година свое место наоѓа во првата партизанската збирка „Македонски народно-ослободителни песни“,во која на прво место во својство на химна се наоѓа „Изгреј зора на слободата“. Композиторот Тодор Скаловски направил аранжман на мелодијата, со кој ѝ дал поинаква ритмика на типична европска револуционерна песна.
Скаловски во септември 1944 година на слободната територија во Горно Врановци формира партизански хор, под диригентската палка на Властимир Николовски. До пролетта 1945 година песната станала општо прифатена и ја пеел речиси секој хор во Македонија. Подоцна, на обработката и аранжманот на мелодијата работеле и други, како Драган Бојалџиев – Бато и Томислав Зографски, аранжман кој беше подготвен за 25. јубилеј од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ 1969 год. Тоа е верзијата што се пее и денес, и на седницата на Собранието на СРМ на прогласувањето на амандманите на Уставот.
Самиот текст доживеал неколку мали промени. Првичниот текст бил:
„Денес над Македонија се раѓа ново с’нце на слободата,
Македонците се борат за својте правдини!
Не тажи, Македонијо, мајко ле мила, крени глава гордо, високо, старо, младо, машко и женско на борба се кренало!
Одново сега знамето се веј(е) на Крушевската Република, на Делчев, Груев и Питу Гули,
Сандански, Димитри Влахов!
Горите македонски шумно пејат бојни песни, нови весници:
’Македонија слободна, слободна да живеј!’“
Според авторот, пак, изворниот текст на третата строфа гласел:
„Од гроб станаја славните ѕидари на Крушовската Република Гоце Делчев, Питу Гули, Дамјан Груев, Сандански“.
Во збирката, стихот „Од гроб станаја славните ѕидари“ е заменет со „Одново сега знамето се веј(е)“, а листата на револуционери оригинално била: „Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански’.“
„Денес над Македонија се раѓа“ била популарна на слободната територија и „така што ниедна борба, ниеден митинг и контакт со населението не можело да биде замислен без интерпретацијата на ‘Денес над Македонија се раѓа’. Нејзините зборови и мелодијата допреа речиси до сите села и градови во Македонија. На тој начин песната ‘Денес над Македонија’ уште тогаш стана нешто како симбол на разгорената традиција на македонскиот народ.“
Текстот на химната трпеше промени особено во делот каде што се спомнуваа илинденците. Во некои верзии се наоѓа и името на Никола Карев. Постојат сомненија дека неговото исфрлање од химната е со политичка заднина.
Иако „Денес над Македонија се раѓа“ се изведуваше како химна речиси на секоја свеченост низ Македонија, нејзиниот пат до официјализација како химна на Република Македонија беше долг. Во Уставот на НРМ од 31 декември 1946 година химна воопшто не се споменува. Химна нема ни во Уставот од 12 април 1963 год.
Дури во Уставот на СРМ од 25 ноември 1974 год., член 10, вели „Социјалистичка Република Македонија има химна“, но не дава други детали која е таа химна. Конечно, со уставните амандмани од 14 април 1989, со амандманот XXIV, се заменува членот 10 од Уставот на СРМ со текстот: „Химна на Социјалистичка Република Македонија е ‘Денес над Македонија’.“ Со што таа добива официјлна позиција.
По осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година се наметнаа и промена на грбот, знамето и химната. Со член 5 од Уставот, утврдувањето и дефинирањето на државните симболи беше пренесено на закон. Комисија за уставни прашања на Собранието на Република Македонија, на 25 март 1992 година објави конкурс за добивање идејни ликовни решенија за грбот и знамето и музичко-текстуални решенија за химната на Република Македонија. Во него беше нагласено дека бараните државни симболи треба да ги изразуваат државноста, самостојноста и сувереноста на Република Македонија, историските традиции, културното наследство, стремежот за социјален и духовен напредок, природните карактеристики на Републиката, заедништвото и сожителството, современите стремежи за демократско општество, европска и светска интеграција.
Комисијата за уставни прашања од пристигнатите решенија даде три предлога како можни решенија за химна на Република Македонија: „Химна“ од Таки Хрисик; ,„Денес над Македонија“ во музичка обработка на Тодор Скаловски; и „Да ни бидеш вечна“ од Александар Џамбазов.
На седницата одржана на 11 август 1992 година имаше само еден амандман на Законот за химната од страна на пратеникот Кирил Ковачевски со кој се бараше третата строфа да гласи:
Одново сега знамето се вее над Крушевската република,
Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Груев, Сандански.
Со што ќе се исправи неправда и првиот претседател на Крушевската република ќе се споменува вечно во оваа химна.
Но Уставната комисија не го поддржа амандманот, „од причини што песната што се пее е авторско дело чиј последен текст е уходан и прифатен од сите во време на живеење, кога беше во живот авторот“.
Со мнозинство гласови Комисијата го прифати предлогот за химна на Република Македонија да биде второнаградената „Денес над Македонија се раѓа“, со оценка дека оваа свечена песна побудува чувство на гордост, достоинство и припадност на самостојна и суверена Македонија и како постојна химна е општоприфатена од граѓаните на Република Македонија.
На гласањето пратениците со 88 гласови за, ја изгласаа дотогашната химна „Денес над Македонија“. На седницата не присуствуваа пратениците на коалицијата ПДП-НДП од албанскиот блок.
Традиционално, на јавни настани химната ја изведува хор, или се пушта инструментална верзија. Под влијание на американската култура на спортските настани химната да биде испеана од некој солист, и во Македонија сè повеќе зема замав вакво исполнување на химната.
Интонирањето на химната е регулирано со Законот за употреба на грбот знамето и химната. Химната се изведува:
– при испраќање и дочекување на претседателот на Републиката од Република Македонија како и на претседател на држава, суверен или овластен претставник на меѓународна организација;
– при полагање венци на воени гробишта, гробови на паднати борци и на други слични места од страна на официјалните претставници на Република Македонија и
– на прослави, политички собири, паради и други свечени манифестации со кои официјално се одбележуваат настани од значење за единиците на вооружените сили на Република Македонија и за граѓаните на Република Македонија;
– при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои Република Македонија официјално учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири;
– на погреб на заслужни личности кои се граѓани на Република Македонија кога од страна на Република Македонија им се укажува посебна почест.
Химната на Република Македонија се изведува со: свирење, пеење или и со свирење и со пеење. Химната секогаш треба да се свири со достоинство. Химната не се користи како дел од друг вид музика. Химната на Република Македонија може да се свири на почетокот, на средината или крајот од манифестацијата на која се изведува, во зависност од тоа на кој начин на химната ќе ѝ се даде најголемо достоинство.
Ако химната на Република Македонија треба да се изведе во Република Македонија заедно со химната на странска држава или свечена песна на меѓународна или друга странска организација, прво се изведува химната на странската држава или свечената песна на меѓународната или друга странска организација, а потоа химната на Република Македонија.
При изведувањето на химната на Република Македонија сите присутни стојат во став мирно од свирењето, односно пеењето на првиот тон па сѐ до последниот тон на химната, свртени со лицето кон изведувачите на химната.
Јован Јоновски, Симболите на Македонија, Силсон, Скопје, 2015, 279-289.