Ново Село доби хералдички грб
На седумнаесеттата седница на Советот на општина Ново Село беа разгледани и донесени неколку одлуки меѓу кои и изборот на нов грб на општината, според идејното решение на членот на Македонското хералдичко здружение, Коста Стаматовски.
Блазон
Расечен црно и злато, кула, во основата два брановидни ремени, сè обратно обоено.
Опис
Црната боја е симбол на трагичноста која произлегува од секоја битка, во овој случај Беласичката битка. Таа ја сублимира саможртвата на загинатите за независно опстојување и претставува потсетник за цената на толку посакуваната слобода.
Златната боја ја претставува светлината која несомнено се отсликува во црнилото на саможртвата и го наговестува незапирливиот порив на утрешниот ден и златната иднина. Воедно, претставува симбол на природното изобилство на општината.
Кулата е силен говоречки симбол кој го отсликува културно-историското наследство на општината и воедно се надоврзува на важноста на местоположбата на истата, како македонски одбрамбен бедем, своевиден штит и авангарда на слободата.
Двата брановидни ремена со својата обоеност во контра бои претставуваат каскаден воден тек т.е. се симболи за водопадите на општината. Дополнително, со својата испреплетеност го симболизираат премрежјето на нашето независно опстојување и уште еднаш создаваат алегорија на утврдено одбрамбено место.