2.3.2019

Претседателот Иванов им врачи „Медал за храброст“ на четворица припадници на АРМ за несреќата кај Ласкарци

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов им врачи медали за храброст на четворица припадници на Армијата на Република Македонија, кои придонесоа за навременото укажување помош и извлекување на настраданите во сообраќајната несреќа што на 13 февруари се случи кај селото Ласкарци.

Претседателот Иванов ги одликуваше Семир Фета, Омер Емини, Бујамин Реџепи и Сељадин Саљихи со „Медал за храброст” за покажаната исклучителна храброст и пожртвуваност, кои со лично залагање како професионални војници и припадници на Армијата на Република Македонија придонеле за навремено укажување на помош и извлекување на настраданите во сообраќајната несреќа, што се случи кај селото Ласкарци, на патниот правец Скопје -Тетово.

Македонскиот претседател рече дека овие медали за храброст се симболичен начин со кој македонската држава и македонските граѓани ја изразуваат благодарноста. „Ја потврдивте верноста на Армијата кон македонските граѓани, спасивте човечки животи, и ја вративте надежта и вербата во добрината. Ја вративте вербата дека постои добрина во овој свет, и дека за таа добрина вреди да се бориме, секој ден и постојано”, порача македонскиот претседател.

„Со вашата храброст, вие сте пример не само за другите припадници на македонската армија, туку и за целото македонско општество. На дело покажавте дека соживотот е всушност грижа за животот на другиот човек, независно од етничката, јазичната или верската припадност”, рече претседателот Иванов на церемонијата на доделување на медалот за храброст.

Професионалниот војник Семир Фета, кој живее во селото Ласкарци, изрази голема благодарност до претседателот на државата за доделените медали. „Изразувам сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посакувам побрзо оздравување. Секој што би се нашол на местото би помогнал во овој случај”, изјави Семир Фета по доделувањето на Медалот за храброст.

http://www.president.mk/