Фалеристика

Настанокот на одликувањата коинцидира со настанокот на хералдиката, иако визуелно, а донекаде и концептуално, тие ги влечат своите корени од старите цивилизации. Орденот, како првенствено одликување, историски има две перспективи, едната е институцијата на видливите ознаки што можат да се носат, а другата е организиранa група луѓе меѓусебно поврзани со завети, кои се стремат кон заеднички цели, за што користат и координираат исти средства.
Научната дисциплина што се занимава со првиот аспект се нарекува фалеристика. Името доаѓа од латинското „phalerae“, што претставува метален медалјон даван за посебни војнички вештини, кој се прикачувал на градниот оклоп.
Дисциплината што се занимава со вториот аспект се нарекува шивалристика, од старофранцуското „Chevalier“, што означува благородник, витез, припадник на витешки ред. Невозможно е овие две дисциплини да се одделат, бидејќи понекогаш длабоко навлегуваат една во друга.
Воените витешки ордени или редови се појавуваат кон крајот на 11 век, заедно со крстоносните војни во Светата земја. Тие биле групи на поединци кои, во целокупниот контекст на походот на Светата земја се посветиле на една цел, како заштита на аџиите што оделе да се поклонат на Христовиот гроб, помош и лекување на ранети, заштита на одредени реликвии и сл. Сите овие цели не можеле да се исполнат без воена сила. Па така, во овие ордени се регрутирале луѓе од благородничко потекло и од витешкиот сталеж, кои давале заклетва дека ќе ги следат зададените цели и на нивно остварување ќе го посветат својот живот. За тоа давале завети преземени од некој од монашките редови, со кој се посветуваат на сиромаштија, неженство, апсолутна послушност на старешината.
Поради фактот дека биле организирани на основа на монашките регули, била потребна и согласност од црквата за нивното официјализирање, додека пак за носењето оружје и воените активности била потребна согласност од некој суверен авторитет. Во зависност од основната функција, овие монашко-воени редови можат да се поделат во три главни групи:
Редови со воен карактер, како темплерите, витезите на Калатрава, Сантијаго и др.
Военоболнички редови, како Малтешкиот ред, Тевтонскиот ред и др.
Болнички редови, како Свети Лазар и др.

Некои од овие редови продолжиле да постојат и по неможноста да ја остваруваат својата првична цел, помош на аџиите што патуваат во Светата земја. Нивниот углед и богатство, а особено и лојалноста кон структурата на редот, кое го достигнало својот врв во 14 век, ги поттикнало секуларните владетели да почнат да созда­ваат такви редови таму каде што веќе монашките карактеристики се присутни само симболично. Од друга страна, овие нови редови се мотивирани повеќе од елитизам отколку од остварување заеднички повиски цели и доблести.
Неможноста да се биде дел од некој од овие елитни редови довело до основање и лаички братства собрани околу некоја религиозна или благородна идеја, или реликвија, или локалитет. Кај нив некогашниот монашки завет целосно е заменет со заклетва на лојалност кон суверенот на редот.
За прв таков ред се смета друштвото на витезите на свети Ѓоргија, создадено од унгарскиот крал Роберт Анжујски во 1326 година. До 15 век секој поголем и помал двор во Европа има свој ред.
Сите овие редови имаат знак, инсигнии, кој ја покажува припадноста како и рангот. Но што е поважно имаат и свој статут кој ги дефинира, покрај целите на редот, и условите за членство. Со порастот на бројот на редовите и оддалечување од некоја повисока цел кон која се посветува целиот живот, полека паѓаат и ограничувањата на припаѓање само на еден ред. Во периодот по 16 век, со постоење огоромен број на разни братства, се поставува прашањето за легалноста на настанокот или на континуитетот на некој ред.
Според видот и карактерис­тиките, а особено начинот на формирање, ордените можат да се поделат на 5 групи.
Династички редови – основани од владејачки или невладејачки монарх со историски легитимитет.
Конфратертални – основани од страна на припадници на повисоко или пониско благородништво како и повисоката црковна хиерархија.
Братства – формирани како фондации за исполнување конкретни цели.
Клиентски псевдоордени – кои немаат статут или ограничување на членството, а кои со надворешни ознаки и церемонии ги имитираат историските ордени.
Почесни ордени – основани од легитимни органи, кои имаат орденски инсигнии, но немаат корпоративен карактер или функција. Тука спаѓаат поголемиот дел на модерните државни одликувања каде што одликуваните немаат меѓусебни односи.
Во 16 век доаѓа до првата промена во пристапот кон одликувањата, кога припадноста на некој ред се базирала скоро исклучиво на статусот и на потеклото. Владетелот почнува својата благодарност кон своите поданици да ја искажува на два начина. Првиот, преку личен подарок во облик на медалјон на кој е прикажан ликот на дародавецот, во знак за благодарност, со што тој јавно ја искажува како кон признат поединец. Ова го претставува почетокот на современото разбирање на орденот.
Вториот начин е да се покаже благодарноста, обично кон пониските слоеви, офицери и војници, преку ковани парички, кои можат да се употребат и како платежно средство поради вредноста на материјалот од кој се направени. Тоа се предвесници на современите медали.
Со основањето на Кралскиот и воен орден на свети Луј, во Франција во 1693 година, се менува целокупниот пристап во функцијата на орденот. Ако дотогаш високите офицери биле секогаш од благородни семејства, сега веќе припадноста на орденот е по сопствени воени заслуги и доблести. Неговиот пример набрзо го следеле и другите европски феудални монархии и кнежества: Саксонија во 1736 година воведува Воен орден на св. Хајнрих; Прусија во 1740 година – Орден за заслуги; Австрија во 1757 година- Орден на Марија Терезија; Русија во 1769 година – Орден на св. Ѓорѓи.
Промената на дефинирањето на разбирањето на ордените и одликувањата се завршува со основањето на ветеранскиот медал во 1771 година, кој не се дава веќе за заслуги, туку за 24 години ревносна воена служба. Со тоа се формираат сервисните медали и споменици.
Оваа „реформа“ со која ордените веќе стануваат јавно признание за прифатени постигнувања, набргу ќе се прошири во Европа. Така, во Прусија во 1740 година се формира орденот за заслуги.
На крај, орденот на Легијата на честа, по идеја на Наполеон, на почетокот на 19 век, ја дава денешната насока на ордените и медалите како јавни признанија за дадени постигнувања. Наполеоновиот систем на одликувања и до денес е основниот систем на одликувања.
Во низата промени на првичната идејата на ордените како одличје на машкост, со процесот на еманципацијата, некои земји (Естонија, Латвија, Велика Британија, Австралија и др.), имаат посебна форма за дамите. Дамската верзија на одликувањето е во форма на панделка на која е прикачен беџот на орденот, а пак доколку одликувањето се доделува со лента, лентата за дамите е потесна.
Според дадената поделба за видот на ордените, нашиот систем за одликувања спаѓа во групата (5)- Почесни ордени – основани од легитимни органи, од државата со одлука на собранието, и кои имаат орденски инсигнии, но немаат корпоративен карактер на здружување на наградените. Во оваа група спаѓаат и наградните системи на повеќето европски земји без монархистичко влијание.
Династичките и конфратерални ордени се создадени од некој извор на почести, fons honorum. Разликата е чисто правна, доколку е монарх, станува збор за династички редови, а доколку е некој друг дом на принц, кој не е со статус на монарх или, пак, доколку папата е фонс хонорум, станува збор за конфратерален орден.
Во текот на средовековна и модерна Европа, таа била поделена на многу кралства, кнежества, во кои владееле многу владетелски домови. Често кралот бил избиран од локалните принцови, кои зачувувале голем дел од својата сувереност околу хералдиката и витешките ордени.
За животот и постоењето на орденот, фонс хонорум, кој го создал редот, има апсолутна власт и тој може да го терминира редот. Терминирањето на орденот може да биде со укинување, кога со активна одлука ќе се стави крај на орденот, или со изумирање, кога не е донесена активна одлука за негов крај, туку нема назначување нови членови во орденот, и со изумирање на актуелните членови, одумира и редот. Членството во орденот не е наследно.
Братствата се формирани како фондации/здруженија за исполнување конкретни цели, кои имаат свој статут и конкретни активности за постигнувањето на тие цели. Тие можат да функционираат слично на ордените, но не се создадени или поддржувани од некој фонс хонорум. Вакви се Ротари и Лајонс. Овие организации за себе не тврдат дека се ордени.
Но некои братства, поради романтичното восприемање на витешките редови и нивните инсигнии и церемонии, се обидуваат да ги имитираат династичките и конфратералните ордени, повикувајќи се на традициите на укинати или изумрени редови. Така се јавуваат разноразни темплари, кои се обидуваат со разни конструкции да се доведат до историска врска со некој од укинатите или изумрените ордени. Иако може тие братства да имаат сосема легална форма на братство со благородна цел, сепак самото нелеглано тврдење, кое има цел да ги доведе другите во заблуда дека членуваат во легален историски орден, фрла голема сенка за намерите на самото братство. Вистинските редови никогаш не примаат во членство луѓе кои само ќе искажат интерес и ќе уплатат членарина во некаква форма.
Клиентски псевдоордени – се групи луѓе, кои најчесто немаат статут или ограничување на членството, а кои со надворешни ознаки и церемонии ги имитираат историските ордени. Обично тие се создадени за финансиска добивка искористувајќи ја желбата за углед и престиж на луѓето. Тие за фонс хонорум обично имаат самопрогласени или непризнати или, пак, дискутабилни благородници, или пониски свештеници, кои немаат реална моќ да започнат или да возобноват орден.
За регулирање на оваа материја е формирана Меѓународната комисија за витешки ордени (Internati­onal Commision for Orders of Chiuvalry), која ги категори­зира овие ордени, според дадената категоризација на 5 групи и на неколку подгрупи. За основа на прифатените и препознаени династички и конфратерални ордени се зема Виенската конференција на европското благородништво, одржана во Виена во 1815 година, кога се сретнале повеќе од 200 кралски и принцовски домови од цела Европа и ги дефинирале признатите кралски и кнежевски лози и нивните ордени.
Денес многу организации и здруженија издаваат свои значки кои ги нарекуваат ордени и медали и чии знаци изгледаат како ордени и медали. Големата достапност и поедноставувањето на техниките за изработка на овие знаци придонесува секој да може да си измисли и да си направи значка.
Затоа за фалеристиката е значаен авторитетот што ги дава овие орденски знаци, како и правната регулираност и указот за доделување.

Јован Јоновски, Симболите на Македонија, Силсон, Скопје, 2015.