17 години на знамето на Република Македонија
На 5 октомври се навршија 17 години од донесувањето на новото знаме на Република Македонија. Авторот на ова знаме, Мирослав Грчев ја раскажува ситуацијата и процесот на дизајнирањето и усвојувањето на ова знаме.
Текстот од Македонски Херадлд број 5 даден во целост
Мирослав Грчев
Доцното лето 1995 година бев ангажиран од Владата на Република Македонија да направам студија со идејно графичко решение за ново државно знаме. Од првата фаза на студијата требаше да произлезат повеќе различни идејни решенија на знамето, од кои – во интеракција со нарачателот – ќе се избереше едно кое ќе биде прифатливо за сите политички актери во тоа време. Како резултат на оваа студија требаше да биде и идејното графичко решение за новиот државен грб, чиешто донесување во Собранието чекаше веќе неколку години како обврска од Уставниот закон. Во договор со нарачателот, идејното графичко решение на државниот грб требаше да биде секундарен „производ“ и да го содржи истиот мотив и стилизација како и знамето. Работата требаше да се заврши за непристојно кусо време, за помалку од еден месец, а политичката атмосфера во која се водеа преговорите за Привремената спогодба со Република Грција налагаа на графичкото решение да се работи во целосна дискреција. Координатор на проектот и „програмски директор“ кој одлучуваше во име на нарачателот беше тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски.
Програмски рамки
Во одредувањето на програмските рамки најтешко беше да се одбегне фрустрацијата од политичкиот притисок за смена на државното знаме и негативната програмска дефиниција на новиот дизајн: знамето да не наликува на претходното. Од друга страна, најважно за успешниот дизајн беше да се обезбедат програмски инваријанти, кои на новото знаме ќе му обезбедеа тематски, визуелно-симболички и идентитетски континуитет со претходните државни знамиња. Овие програмски одлуки ги сметавме за conditio sine qua non на потрагата по новото државно знаме:
1. Новото графичко решение мора да се темели на истите бои како и во претходните државни знамиња – крваво црвена основа со златно жолта апликација, и
2. Новото знаме мораше да го содржи графичкиот симбол на сонцето како единствена апликација.
Перзистирањето на симболот на сонцето како единствен мотив на новото државно знаме требаше да обезбеди симболички континуитет и со ѕвездата од Кутлеш (на која новото сонце не смееше да наликува!), но и со ѕвездата петокрака (која е – да не заборавиме – ѕвезда како и сонцето) со која се роди македонската држава педесет години порано.
Потрага по новото сонце
Ликовно графичкото истражување го почнав со истражување на сите вексилолошки решенија кои содржат графичка интерпретација на симболот на сонцето. За разлика од широко проширеното мислење дека решението треба да биде плод на оригинална и никогаш видена креација, новото македонско сонце произлезе од анализата на најуспешните графички стилизации на сонцето употребени во државните знамиња од поновата светска историја и од процената кој дизајн ќе обезбеди најлесна прифатеност од страна на граѓаните на Македонија. Од друга страна, избирајќи стилска инспирација од поновото вексилолошко минато, сакав новиот државен симбол да има историја веќе од денот на неговото ново раѓање, но и цврста линија на идентитетски континуитет. Тоа беше можно само доколку се усвои и приспособи графичко решение кое долго време се употребува во симболичкиот јазик на хералдиката и вексилологијата, а на кое граѓаните макар потсвесно навикнале.
Од истражувањето произлегоа 12 графички решенија на знаме со централен мотив на сонцето, кои можат да се поделат во четири стилски групи според начинот на ликовната интерпретација на сончевиот симбол. Тоа беа: (1) група на сончеви дискови без зраци како што се знамињата на Јапонија, Кореја, Бангладеш, Нигер, Лаос и други; (2) сонца со триаголни краци одделени од дискот како што се знамињата на Тајван, Казахстан, Малави и други; (3) сонца со средновековни запчести краци како што се знамињата на Аргентина, Етиопија, Малезија, Уругвај и други; и (4), сонца со зраци кои радијално се шират од дискот како што се знамињата на Филипини, Аризона, Тибет и други.
Графичките решенија ги изработував во по еден примерок, како макети за презентација, во техника на колаж од сечена колорирана самолеплива фолија на хамер. Знамето го работев во композициски формат 1:2, а грбот беше разработуван во хералдички графички јазик на триаголен варјашки штит, кој стана познат како класичен штит.
Од многуте варијанти кои ги разработував со професионална еквидистанца, најмногу ми прирасна за срце несомнено најоригиналното и најавангардното решение, кое го направив врз основа на идеја на мојот другар по туш и перо Лазо Плавевски. Тоа беше кружен сончев диск, чиј дијаметар е поголем од широчината на знамето, па дискот како да „излегува“ од знамето создавајќи динамичен впечаток на ширење на сонцето и претворање на знамето во формат со три полиња. Се разбира, и ова мое интимно милениче и сите други сонца отпаднаа по две последователни селекции, по кои останаа само сонца со континуирани радијални зраци кои се шират до границите на форматот. Мислам дека пресудно во изборот на сонцето со радијални зраци беше тоа што оваа стилизација имаше најголеми шанси за масовно прифаќање бидејќи истата графичка претстава на сонцето грее од нашиот државен грб уште од 1946 година.
Обликување на сонцето со радијални зраци
Избраната графичка интер-претација на симболот на сонцето со осум радијални зраци требаше да се вообличи во дефинитивно графичко решение. Првите разработки беа во вид на сонце со четири дебели ортогонални и четири тенки дијагонални зраци. Оваа крстовидна варијанта на сонцето излегуваше интуитивно од моите раце поради фактот што хиерархизацијата на зраците подобро ја структурираше композицијата на знамето, подобро го „држеше“ форматот. Но, крсто-видната стилизација на сонцето добиваше христијански конотации, а грбот заличуваше на штитовите на крстоносците Темплари, што беше сосем неприфатливо за нашата мултикултурна држава. На крајот од процесот на дизајнирање на знамето беше јасно дека зраците мора да бидат со иста широчина и да оддаваат впечаток на симетрич-ност, радијалност и хармонија. Меѓутоа, решението има вградени структурални проблеми зашто – доколку доследно се спроведува принципот на дијагоналните зраци – композицијата на знамето сосем се менува со промена на неговиот формат (во различни апликации). Оваа вградена слабост на радијалната стилизација доаѓа поради дискрепанцата помеѓу симетричната кружна форма на сонцето од која логично произлегува централносиметричната природа на радијалните зраци – од една страна, и асиметричноста на правоаголниот формат – од друга. Уште повеќе, оваа асиметричност се зголемува со издолжувањето на форматот, па сонцето е сe’ подеформирано колку што форматот се издолжува. Овој структурален композициски проблем на радијалното сонце го решив со две интервенции: првата е усвојување на форматот 3:5 или на крајот 5:8, што е апроксимација на „златната“ пропорција во која сонцето многу помалку се деформира од форматот 1:2. Втората невидлива но суштинска конструкциска интервенција е изместувањето на центарот на зраците од средината на кругот создавајќи повеќе центри разместени по периметарот на мал регулаторен правоаголник во дискот со истиот „златен“ сооднос на страните. Вака конструкциски и композициски уредено, сонцето зрачеше со хармонија и свежина, која требаше да ја совлада очекуваната инерција и отпор при прифаќањето.
Усвојување на знамето со фалинка
Графичките решенија на државното знаме и државниот грб, изработени во еден примерок – како макети, му ги предадов на Претседателот на државата Киро Глигоров кон крајот на септември 1995 година, ден пред првично закажаната седница на Собранието на РМ на која тие требаше да се усвојуваат. Седницата на Парламентот беше одложена – очигледно поради ноќната кавга околу државните симболи помеѓу политичките партиципиенти во тогашната законодавна власт, а неколку дена подоцна, по усвојувањето на новото државно знаме, ме пресретнаа две изненадувања: сознав дека државниот грб воопшто не дошол на дневен ред, а дека донесеното знаме не е урамнотежената финална верзија во „златна“ пропорција, туку првичното сирово решение во форматот 1:2. Згора на тоа, некој, очигледно во последен момент, ги одвоил зраците на сонцето од дискот и ги оставил пресечени несмасно да се шират како штици. Јасно ми беше дека дизајнот беше жртва на ноќна „политичка дебата“ во која „компромисот“ беше очигледно игнорантско нагрдување на графичкото решение реализирано таа ноќ буквално „на колено“.
Од тој октомври следам внимателно кога во нашата земја ќе се создаде свест за неопходноста од техничка и дизајнерска, практично естетичка корекција на државното знаме и неговото ликовно хармонизирање. Го чекам тој момент упорно и непоколебливо, иако забележувам дека естетичката корекција – како по проклетство или судбински инает – кај нас има толку помалку шанси да добие политичка поддршка, колку што од стручен аспект таа е пологична и понеопходна.