Знаме на Република Македонија

Знамето на Република Македонија е утврдено на 5 октомври 1995 година, со усвојување на Законот за знамето на Република Македонија (Сл. Весник на Р. Македонија бр.47/95 од 06.10.1995 година).

Дотогашното знаме е сменето во согласност со времената спогодба, потпишана со Република Грција, со која Република Македонија се обврза да не го користи симболот на 16 крако сонце од Кутлеш (Ѕвездата од Вергина).

Членот 2 од тој закон вели:
Знамето на Република Македонија е црвено со златно- жолто сонце. Сонцето е со осум сончеви знаци кои се простираат од сончевиот диск со проширување до рабовите на знамето. Сончевите зраци се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала. Дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од должината на знамето. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на ширината и должината на знамето е еден спрема два.

Во членот 3 стои:
Ликовно- графичкиот приказ на знамето на Република Македонија е составен дел на овој закон.

Авторството му се припишува на Мирослав Грчев, кој беше повикан да изработи студија за новото знаме. Но, знамето кое е изгласано има отстапувања од предлогот на Грчев, направени во последен момент. Имено, оригиналната димензија 10:16 е заменета со 1:2, и е додаден црвен обрач околу сонцето кој ги раздвојува зраците од сончевиот диск. Авторот Грчев смета дека со овие две интервенции, се нарушуваат законитостите врз кои почива неговиот оригинален проект, и со тоа на целот концепт.

Повеќе за процесот на изработката на предлог проектот за Знамето на Република Македонија во Македонски хералд број 5.

Историски развој

Знамето на Народна Република Македонијa
Знамето на Народна Република Македонија се користи во текот на Народно-ослободителната војна (1943-1945) како празна жолта петокрака на средината на црвено платно. Често, краците на петокраката се заоблени.

Со првиот устав на Народна Република Македонија од 31.12.1946 година, за првпат се утврдува и знамето на НРМ.

Во член 4 од овој Устав, стои:
Државното знаме на Народна Република Македонија е црвено со петокрака ѕвезда. Звездата е црвена со златен/жолт/ раб, и има правилна петокрака форма. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.

Овој член не ја утврдува изричито положбата на петокраката ѕвезда, но практиката покажува дека таа се поставува во кантон.

Со Уставот од 25 февруари 1974 година (Сл. Весник 7/74) се исправа овој недостаток.

Во членот 9 стои:
Знамето на Социјалистичка Република Македонија е црвено со петокрака ѕвезда. Ѕвездата е црвена со златен (жолт) раб и има правилен петокрак облик. Односот на широчината и должинатана знамето е еден спрема два. Кога ќе се подели знамето на четири правоаголници, тогаш средишната точка на ѕвездата се поклопува со точката во која се сечат дијагоналитена горниот правоаголник што е до прицврстениотдел на знамето. Горниот крак на ѕвездата е насочен спрема горната линија од должината на знамето, а долните краци се насочени спрема долната линија од должината на знамето. Полупречникот на ѕвездата е еднаков со една шестина од широчината на знамето.

Република Македонија

Првото знаме на Република Македонија, со златното 16 крако сонце од Кутлеш (Ѕвездата од Вергина) е утврдено со донесувањето на Законот за знаме на 11 јули 1992 година. ( Службен весник на Република Македонија, 50/92). Ова знаме се користи во македонската дијаспора од крајот на 8О тите од минатиот век.

Тоа се базира на симболот од саркофагот на, она што се претпоставува, кралот Филип Македонски. Саркофагот и гробница вокоја тој се наоѓа е откриена во 1977 година од Манолис Андроникос.

Предлогот е на пратеникот Тодор Петров, а технички го исцртува Мирослав Грчев.

Членот 2 од законот, гласи:
Знамето на Република Македонија е црвено со златножолто сонце. Сонцето е со осум основни и осум споредни сончеви зраци, благо здебелени во првата половина, наизменично и симетрично наредени околу сончевиот диск. Основните сончеви зраци непосредно се одделуваат од сончевиот диск, а крајната надворешна должина на сите шеснаесет сончеви зраци се поклопува со надворешната периферија на сонцето. Дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од широчината на знамето. Односот на дијаметарот на сончевиот диск и должината на основниот сончев зрак е еден спрема два, а односот на должината на споредниот и основниот сончев зрак е седум спрема осум. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.

ZNAME.MK

Во 2013 година знамето на Република Македонија доби и своја веб-страница. Страницата е независен проект на Коста Стаматовски. На неа, покрај информации за знамето, може и да се преземат фајлови со знамето. Веб-страницата има и своја Фејсбук страница каде, меѓу другото, се креираат настани за редовните церемонијални промени на знамето пред Собранието и Владата на Република Македонија и каде се објавуваат фотографии од истите.