1.10.2016

12 години од регистарот на Македонското хералдичко здружение

register-za-sajt

Со регистрацијата на грбот на Македонското хералдичко здружение на 1.10.2004 започнува работата на регистарот на грбови на Македонското хералдичко здружение.

Заведување на грб во регистарот на Македонското хералдичко здружение се врши само на хералдички грбови кои ги задоволуваат хералдичките правила, вклучувајќи го и правилото на уникатност и непретенциозност. Се заведуваат само граѓански грбови  – голем грб, без штитодржачи и голема мантија и не се признаваат странски титули и симболи на ранк туку  само ордените и медалите на Република Македонија.

Регистарот на Македонското хералдичко здружение има својство на јавен документ. Македонското хералдичко здружение издава извод од регистарот и во својство на доказ на сопственост на даден блазон. Изводот од регистарот на Македонското хералдичко здружение нема статус на јавна исправа и не е доказ за правниот или некој друг статус на армигерот.

Законската регулатива во Република Македонија ја регулира само сферата на грбовите на единиците на локалната самоуправа. Така, со заведување на грбот во регистарот, како јавен документ се официјализира постоењето на грбот поврзано со заведениот армигер. Овој документ се прифаќа од повеќето други хералдички здруженија како акт за постоење на дадениот грб во Република Македонија.