15.2.2018

15 години од првата средба на хералдички ентузијасти во Македонија

На 20.2.2003 година во ресторанот КИБО во Скопје се одржа првата средба на хералдички ентузијасти во Македонија, собрани околу интернет страницата Хералдика во Македонија. На оваа средба беше договорено да започне процес за формирање на Македонското хералдичко здружение.  Два дена порано, на 18.2.2003 во весникот „Дневник“ е објавено провото медиумско претставување на интернет страницата, од новинарот Сашо Спасоски, истотсак дел од овие ентузијасти. Написот привлече уште интересенти кои се приклучија на оваа историска средба.

во прилог интегралниот текст од написот.

МАКЕДОНСКИ ВЕБ-СТРАНИЦИ
Грбови од Македонија на Интернет на првата хералдичка страница
Веб-страницата “Хералдика во Македонија” е дело на Македонец – ентузијаст кој се занимава со хералдика и е член на неколку меѓународни хералдички здруженија

На Интернет повеќе од две години постои единствената македонска страница посветена на хералдиката – дисциплината што се занимава со грбовите. На страницата на адресата http://heraldry.mol.com.mk, посетителите може да се информираат за основите на хералдиката и за состојбата со грбовите во Македонија.

Страницата “Хералдика во Македонија” е дело на Македонец, ентузијаст, кој се заинтересирал за хералдиката во деведесеттите години на минатиот век, при својот престој во Велика Британија, земја со богата хералдичка традиција и оттогаш предано ја проучува оваа историска дисциплина.

– Оваа страница е обид за популаризација на хералдиката во Македонија. Во него се опфатени грбови што се користат во Македонија или се поврзани со неа, но и информации за хералдиката воопшто – објаснува Јован Јоновски. Тој е член на повеќе меѓународни и национални хералдички здруженија и иницијатор за создавање македонско хералдичко здружение, кое е во фаза на формирање.

Јоновски на страницата, која е на македонски и на англиски јазик, покрај почетни информации за хералдиката, поставил и четири грба што ги изработил за заинтересирани поединци и еден што го изработил за фирма, а особено внимание му посветува и на традиционалниот грб на Македонија, златниот лав на црвено поле. На страницата се прикажани и грбовите на некои града и општини во Македонија и неколку врски до странски хералдички веб-страници.

Сашо Спасоски

ДНЕВНИК 18 февруари 2003

http://star.dnevnik.com.mk/?pBroj=2079&stID=14488