22.12.2013

Интервју на хералд Јован Јоновски за МКД.мк

текстот е превземен од МКД.мк

Македонија мора да најде нов грб, од грбовите на Александар Македонски

„Грбот на Република Македонија – тема за дилема“ беше темата на предавањето на хералд Јован Јоновски кое минатиот месец го организираше Центарот за научни истражувања и промоција на културата ХАЕМУС.

Иако имало обиди актуелниот грб на Република Македонија да се смени, тоа досега не е сторено. За Јоновски нема дилема во однос на прашањето дали треба или не треба да се смени овој грб, кој има и премногу социјалистички елементи. И решението за новиот државен грб, вели Јоновски, треба да биде најдено помеѓу хералдиката и современата политика. Што се однесува до хералдиката, тука очигледно имаме многу што да најдеме како можно решение, но што правиме со политиката.

Ова е темата на разговорот со Јован Јоновски, македонски хералдичар и основач и претседател на Македонското хералдичко здружение (МХЗ). Тој е автор или ко-автор на многу лични, семејни, државни или грбови на организации, како што се грбот на општина Радовиш, грбот на МПЦ-ОА или пак грбот на функцијата претседател на Република Македонија и многу години се занимава со темите од областа на хералдиката, вексилологијата и фалеристиката. Секој грб, секој таков симбол има длабоко семиотичко значење и интерпретација. Ако помисливте дека златниот лав на црвена основа е можното решение за Македонија, заборавете – нашите политичари ја испуштиле можноста тоа да го сторат до 1998 година, кога стана грб на Бугарија.

mkd-96451

Тогаш зошто се уште никој не го покренува прашањето на грбот на Република Македонија?

– Веројатно затоа што „временото“ решение, отстранување на петокраката ѕвезда, е премногу свежо, и со тоа се смета дека проблемот на отстранување на социјалистичките елементи е готово. Погрешно е размислувањето дека само петокраката на грбот на Народна Република Македонија е дел од социјалистичката амблематика и дека со нејзиното отстранување, преку ноќ ќе добиеме нормален грб.

Социјалистичката хералдика потекнува од 1923 година со грбот на Советскиот сојуз. Дизајнот со „поле опкружено со житни класје кои на дното се испреплетени со лента, од каде изгрева сонце, а меѓу врвовите на класјето се наоѓа црвена петокрака“ ги преставува социјалистичките елементи на грбот: венецот со лентата, сонцето и петокраката кои се појавуваат на сите грбови на советските републики како и на грбови на братските народни републики, дури и во СФРЈ, но и подалеку.

Народна Република Македонија го следи апсолутно овој терк во својот „грб“ и само ја додава планината во чије подножје тече река, што всушност и останува отккао ќе се отстранат елементите на социјалистичката хералдика. Отстранување на петокраката е само еден мал дел од тоа, и ќе мора да се соочиме со избор на вистински грб.

Велите може да се најде прифатливо решение за државниот грб помеѓу хералдиката и современата политика. Каков би бил тој грб?

– Низ историјата грбот секогаш посочувал на традиција. Освен во социјализмот, кој самиот себе се гледал како систем кој раскрстува со реакционерното минато и строи сосема нов свет, кој гледа само на светлата иднина, бараше сосема нов пристап во државните симболи. Треба да се загледа во минатото и да се искористи грб кој има историска подлога и издржаност. Тоа е нешто што го направија сите држави кога се создаваа и кога повторно размислуваа за „нов“ грб кога излегоа од социјализмот.

Белорусија, на почетокот се врати на својот историски грб, кој реално се користел во последните 400 години кога земјата била дел од полско-литванското кнежество. Но, грб се користел и во Литванија која го зеде истиот симбол, на црвено поле сребрен коњаник со изваден меч. Разликата беше само во опашката на коњот, белорускиот со опашката надолу, а литванскиот нагоре. По 4 години повторно се врати на стариот социјалистички грб, од кој дури и не ја извади петокраката, туку српот и чеканот го замени со контурите на Белорусија.

Ги претпоставувате пречките во тоа наоѓање на прифатливо решение и со современата политика?

– Прашањето на симболите е секогаш прашање на перцепција. На пример свастиката, која е еден од прасимболите и е присутен во сите култури од памтивек, дури и во Македонија, се перцепира само по нејзината последна употреба, нацизмот. Перцепцијата се создава и со школскиот систем како место на имплементација на вредности и категории на новите генерации. Во нашиот систем последните 50 години главен симбол кој беше нагласуван беше петоката ѕвезда. Затоа ние не се поистоветувавме силно со друг симбол. Поделеноста е преголема. Политизираноста исто.

Перцепцијата денес, е таква што се нема еден обединувачки концепт, симбол, амблем. Одлуката на крајот сепак ќе биде политичка, бидејќи на крајот треба да го изгласа Собранието. Тука е и бадинтеровото мнозинство потребно за изгласување на ваков проект, со што на површина ќе дојдат сите пазарења.

Зошто и дојде до тоа да ни остане овој стар, социјалистички грб кој воопшто нема врска со духот на тековната историја?

– Пред сè немањето чувство за важноста на грбот. Некако цело време преовладуваше чувството, дека прашањето на грбот е премногу чувствително прашање во моментот за некој да се зафати со негово решавање, па постојано имаше изговор, да го оставиме за понатака, кога нема да биде толку чувствително. За жал, како поминува времето станува сè поосетливо, а со тоа и сè помалку решливо. Кога СДСМ имаше апсолутно мнозинство не го реши овој проблем, и кога ВМРО-ДПМНЕ се најде во слична позиција, не донесе грб. Рамковниот договор и бадинтеровото мнозинство дополнително ја усложнуваат и политизираат целата работа.

Од сите предлози кои беа јавно искажани, само еден влезе во собранието, но не стигна од собраниска расправа, бидејќи седницата не се оддржа поради расправии за некоја друга точка. Тоа беше предлогот од Мирослав Грчев.

Зошто грбот со лав на црвена позадина не може да биде официјален грб на Македонија? Само заради Бугарите и нивната навремена реакција со прогласувањето на нивниот државен грб и со заштитување со интелектуалната сопственост на светско ниво?

– Во хералдичките извори, боите на земските грбови на Македонија и Бугарија, боите на полето на штитот и лавот, златната и црвената се често заменети. Така во стематографијата на Жефарович, кое долго време бил единствениот хералдички авторитет на овие простори, за Македонија е претставен црвен лав на златно поле, а за Бугарија златен лав на црвено поле, од каде е земен за грб на Бугарија од 1879 година, кој опстана како грб на Бугарија до 1949 година, кога полето на штитот посине. По промената на системот, на Бугарија и беше потребно 7 години додека го затвори прашањето на грбот со, практично, преземање на грбот на царска Бугарија во 1998 година. Со тоа конечно заврши можноста и Македонија да го има златниот лав на црвено поле.

Единствената разлика може да е двојната опашка која понекогаш се сретнува и тоа на три грбовници од иста серија, но за две соседни држави, територии, тоа би било само знак на каденција за колатерланите гранки, или со други зборови за помалиот брат. Не верувам дека тоа е пораката која Македонија ќе сака да ја промовира низ светот. Слична ситуација имаше и грбот на република српска, која пак имаше да претстави сосем поинаква порака.

Што според вас би требало да содржи новиот грб на Македонија? Може ли да се најде решение со кое сите граѓани и етникуми на Македонија би биле среќни со еден таков симбол?

– Грбот треба да се побара во припишаните грбови на Александар Македонски, кои се јавуваат долго пред илирските грбовници. Од оние кои се најконзистентни се грбовите со следниве описи: На златно, црвен лав; на црвено златен лав седнат на златен трон кој во рацете држи копје; како и на црно златен грифин. Од нив, црвениот лав на златно поле е застапен и во стематографиите на Витезовиќ и Жефаровиќ.

Секако, не е можно да се направи нешто, а сите да бидат среќни, но тоа веќе е прашање на обликување на јавното мислење.

И грбот влегува во оние идентитетски прашања кои така упорно некој сака да ни ги избрише. Зошто тоа самите досега не сме го решиле или сме го решиле на ваков млитав и нејасен начин, со само еден потег – бришење на петокраката од грбот на СР Македонија?

– Грбот и знамето се дел од идентитетот на една држава и нејзините граѓани. Кога дојде време за промена на грбот по осамостајувањето, беше формирана комисија која спроведе јавен конкурс. За жал, комисијата не дојде до еден симбол кој би го изнел пред Собранието да биде изгласан. Оттогаш постои голема подвоеност по тоа прашање. Најбезболно некако изгледаше само бришењето на петокраката, што преставува избегнување на решавање на проблемот. Бришењето на петокраката беше единствениот момент за кој имаше консензус.

Од друга страна, знамето во 1995 година беше променето отсечно, без да се земе во обзир чувствителноста, оставајќи времето да се погрижи за прифаќањето на симболот. Денес 17 години подоцна, прифатеноста на знамето е се поголема, што може да се забележи и на спортските натпревари на кои навивачите се повеќе се поистоветуваат со знамето. За жал, некои се уште се обраќаат кон знамето со погрдни зборови како вентилатор итн, а од друга страна очекуваат другите да го прифатат и да го истакнуваат.

Најголемиот проблем беше преломот во идентитетот, поради неспремноста да се биде независен, поради тезата дека македонското прашање е решено во рамките на Југославија и дека надвор од Југославија Македонија не може да опстои. Целокупниот систем беше насочен кон изградување на братството и единството и југословенството како наш идентитет на сметка на националното, кое во Македонија беше посилно отколку во другите републики. Однсот кон симболите е нешто што се создава со векови.