18.8.2023

Медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија

Медал за учество во хуманитарни или мировни операции

На 18 август, претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, за првпат го додели медалот за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија на 13 припадници на Армијата во знак на јавно признание и почит кон првите мировници од Армијата на Република Македонија кои беа упатени во мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, и кои со својата пожртвуваност, професионализам, дисциплина и посветеност кон доделените задачи придонесоа за воспоставување на мирот во земјите каде што беа ангажирани, воедно афирмирајќи ја нашата татковина на меѓународен план.

Медалот за учество во хуманитарни или мировни операции, заедно со уште медал на честа и медал вечно сонце се воведени со дополнување на законот за одликувања и признанија на Република Македонија во 2012 година. Иако во периодот што следеше беа одржани три конкурси за идејно решение, но тие не беа избрани. Дури на 28.7.2023 година претседателот донесе одлука со која се уредува изгледот на Медалот за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија.

Според автор на ликовно-графичкото решение, поднесено на конкурсот 2014 година,  Коста Стаматовски: „На медалот е претставена стилизирана ѕвезда со 16 краци со силно заоблени врвови на која се поставени зраци, глобус и стилизирана маслинова гранка. Лентата и рибонот на медалот се комплементарни со лентите и рибоните на останатите медали и ордени, а се диференцираат со вметнување на сината боја.“

Медалот за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија на кој се претставени називот на операцијата и бројот на учеството, се доделува на: припадниците на безбедносните сили на Република Македонија, како и на граѓаните на Република Македонија ангажирани во активности во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија.

Медалот се доделува за секое учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, и тоа:

– прво учество, медал со чист рибон,

– второ учество, медал со бронзена ѕвезда на средина на рибонот,

– трето учество, медал со бронзена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот,

– четврто учество, медал со сребрена ѕвезда на средина на рибонот,

– петто учество, медал со сребрена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот,

– шесто учество, медал со златна ѕвезда на средина на рибонот и

– за учество во секоја следна мисија, медал со златна ѕвезда и со последователен број на средина на рибонот.“

Извори:

http://heraldika.stamatovski.com/medal-operacii/

https://pretsedatel.mk/dennaarmija_2023/