10.2.2016

Реакција на новодонесениот амблем за грб и знаме на Општина Пробиштип

Со големо жалење и огромно разочарување Македонското Хералдичко Здружение (МХЗ) јавно констатира дека Општина Пробиштип по трет пат не успеа да добие хералдички грб и вексилолошко знаме. Иако на почетокот на спрведувањето на процедурата за избор на идејни решенија за нов грб и знаме, сѐ започна ветувачки, од за нас нејасни причини работите добија сосема друг тек. Чувствуваме стручна и морална одговорност пред Советот на Општината и пред стручната и широката македонска јавност да информираме дека избраниот предлог е во грубо нарушување на конкурсните барања, а особено барањето новиот грб и знаме да бидат хералдички и вексилолошки исправни и да ги задоволуваат одредбите од мaкедонскиот месно – хералдички систем. Со ова постапката за избор на грб и знаме е прекршена.

Дури ни учеството на претседателот на МХЗ, м-р Јован Јоновски, во комисијата за спроведување на постапката за избор на нов грб и знаме не беше доволно за коректно и доследно спроведување на изборот. Имено, и покрај сите укажувања и реакции од страна на претседателот на МХЗ, Комисијата на своја рака реши на Советот на Општина Пробиштип да му достави нехералдички предлог. За да бидеме прецизни овде ја даваме направената хералдичка анализа на избраниот предлог од страна на м-р Јоновски:

„Предлог грбот под шифра Малена (шифра на избраниот предлог б.н) не може да се блазонира односно, хералдички да се опише што е минимумот една композиција да преставува грб! Имено, штитот нема препознатлива хералдичка поделба ниту пак употреба на основни хералдички фигури. Елементите се поставени во едно ниво без дефиниран хералдички сооднос.
Целата композиција е во стил на класична социјалистичка амблематика и за да стане хералдичка е потребно темелно да се реорганизира и да се постави на хералдички принципи, односно со други зборови, да се направи комплетно нова композиција. Со мали корекции оваа графичка композиција не може да се хералдизира.
Графичкиот пристап на предлог грбот под шифра Малена не може да се блазонира.
Поради горенаведеното, овој предлог за грб не ги исполнува конкурсните услови и како таков не треба да се зема за понатамошно разгледување.“
Знамето под шифра Малена го нарушува конкурсното барање целиот грб да не биде преставен на знамето. Имајќи предвид дека и самиот грб е нехералдички и не може со мали корекции да се измени невозможно е да се дадат упатства за мали корекции за замена на големиот грб присутен на знамето со некој дел од спорниот грб односно, не е можно со мали корекции да се постигнат минималните технички барања.“

Уште еднаш сакаме да потенцираме дека МХЗ како единствено стручно хералдичко тело во Република Македонија свесно и одговорно тврди дека избраниот амблем е нехералдички и дека со употребата на предвидените параферналии за општина со урбано седиште од месно – хералдичкиот систем на МХЗ се врши груба злоупотреба на одредбите од тој систем.

Длабоко сме уверени дека ова наше излагање ќе биде доволно Советот на Општина Пробиштип да го преиспита својот избор и работата да ја врати до Комисијата за законска завршница. Ова пред сѐ со цел Општина Пробиштип конечно да добие соодветни симболи со кои ќе се гордее и кои ќе останат на идните поколенија како аманет за верност и вредност, а не како срамен артефакт од матно минато.