27.11.2009

Сериозни активности 2007-2009

Од претходниот број на Македонски Хералд, којшто беше објавен пред две години, се случија многу настани. Продолжи соработката со Музеј на Македонија при што беа реализирани неколку предавања и работилници, во координација на членот на МХЗ, Лена Анѓелкоска. Предавањата по предметот хералдика на Философскиот факултет, институт за историја на уметноста со археологија, кои ги држи д-р Снежана Филипова, доскорашен потпретседател на МХЗ, добиваат сè повеќе заинтересирани студенти.
Во овој период хералдиката беше присутна и во медиумите. Следеа десетина написи во дневните весници поврзани со хералдиката воопшто, како и со државниот и општинските грбови. Најголемиот дел од овие написи се публикувани на http://heraldika.blog.com.mk. Хералдот Јован Јоновски гостуваше во неколку емисии на телевизија, зборувајќи за хералдика и особено објаснувајќи го грбот на Македонија, како и Земскиот и денешниот Државен грб.
Покрај предавањата, и работилниците во Музеј на Македонија, имаше и соработка со студентската организација Егзодус од Скопје.
Комисија од МХЗ учествуваше во разгледувањето на трите предлози за грб на општина Крива Паланка кои комисијата за утврдување на грб и знаме на Општината ги одбра од пристигнатите трудови на конкурсот, при што изврши и хералдичка анализа.
Во меѓународната активност, Претседателот на МХЗ го посети Хрватското хералдичко и вексилолошко друштво и го ислуша  предавањето на Јосип Колановиќ, „Грбовите на единиците на локалната самоуправа“.. Се запозна и со Валт Јуречич  проминентен хералдички работник од Словенија. Хералдот го посети и Бугарското хералдичко и вексилолошко опшество, кое пак учествуваше во подготовката на хералдичкиот дел од изложба во Велико Трново, посветено на стогодишнината од независноста на Бугарија.
Беше посетено и Српското хералдичко друштво „Бел орел“ чиј претседател и главен Хералд, Драгомир Ацовиќ на саемот на книгата во Белград, во ноември 2008 г. го прикажа и своето грандиозно дело, книгата „Хералдиката и Србите“, која со своите 800 страници и со преку 2600 илустрации, претставува најсериозен хералдички труд на овие простори и пошироко.
На 31.10.2007, на годишното собрание беше избран и новиот Извршен одбор. За претседател, повторно беше избран м-р Јован Јоновски, додека за потпретседател, на местото на д-р Снежана Филипова е избран м-р Кирил Трајковски, археолог и советник во Музејот на Македонија. За секретар е реизбран Петар Гајдов.
Исклучителен настан за промовирање на хералдиката во Македонија, а особено нејзиното хералдичко наследство е влегувањето на хералдиката во постојаната поставка на Музејот на Македонија. Главен советник во прибирањето и одбирањето на материјалот е хералдот на МХЗ. Од неговото перо почна да излегува „Хералдички буквар“ кој е посветен на историската, теоретската и практичната хералдика.
Во Регистерот на грбови на МХЗ беа запишани неколку лични грбови, од кои дел се прикажани на задната корица на овој број на Македонски Хералд

(Македонски хералд број 3, 2009)