3.7.2019

Знамето и грбот на Република Македонија според работната група во 1992

Со осамостојувањето, се јави потреба за утврдување на грбот, знамето и химната на Република Македонија. Процесот фактички започна со спроведување на конкурс за избор на идејни решенија. Потоа беа претставени предлози на закон и редица амандмани за изгледот на грбот, знамето и химната, која остана иста.

Уставот на Република Македонија, од 17.11.1991 година не ги утврди државните симболи, туку дека грбот, знамето и химната на Република Македонија се утврдуваат со закон, а според уставниот закон државните симболи треба да се донесат во рокот од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот.

Собранието на Република Македонија на 26.12.1991 година, ја усвои информацијата за активностите што треба да се преземат за подготвувањето и донесувањето на Закон за грбот, знамето и химната на Република Македонија и донесе роковник според кој: во јануари 1992 година ќе се спроведе конкурсот, а во март Предлогот на Законот ќе се стави на јавна дискусија која би требало да трае до крајот на месецот. Во април 1992 ќе се разгледа извештајот од јавната дискусија, и најдоцна до 20 мај ќе се донесе Законот за грбот, знамето и химната на Република Македонија. Работната група за спроведување на постапката за избор на идејни решенија за грбот, знамето и химната на Република Македонија заседава дури на 20 март 1992 година, кога е згуснат роковникот, со цел донесување на законот до 20 мај.

Комисијата за уставни прашања беше задолжена да ги превземе сите активности, подготвување текст на Предлогот за донесување на закон за грбот, знамето и химната, како и да распише конкурс за избор на идејни решенија за грбот, знамето и химната. и да основа работна група за избор на идејни решенија за грбот, знамето и химната на Република Македонија, во чиј состав покрај членовите на Комисијата беа вклучени и одреден број членови на Македонската академија на науките и уметностите од областа на науката, ликовната и музичката уметност. Жири комисијата за утврдување грб и знаме на Република Македонија беше во состав: Анета Светиева – етнолог, Александар Цветковски – ликовен уметник, Коста Балабан – историчар на уметноста, и Димитар Кондовски – ликовен уметник. Во комисијата е предложен и Александар Матковски.

Работната група со огормно мнозинство се определи за предлог за знаме и за грб да биде избран предлогот од шифра ФЕНИКС 92: на црвена боја бел тријаголник и без апликација на грбот. Додека за грбот е усвоен црвен лав на златна основа. Автори на шифрата ФЕНИКС 92 се Костѕадин Танчев- Динката и Владимир Боројевиќ (Величковски 2019, 180).

Уставната комисија на 8 јуни одлучи за предлог за химна да биде „Денес над Македонија“. Следниот ден, комисијата заклучи знамето на Република Македонија да биде црвено со апликација на жолто златно сонце и побара од авторите да додадат решение кое воопшто не го имаа предложено, со што излегоа од рамките на конкурсот. На 17 јуни, биле готови предлозите за црвено знаме со сонце со 32 зраци во бела и жолта варијанта.

Јован Јоновски, „Oсврт на процесот на усвојување на државните симболи на Република Македонија во 1992 година“, Македонски хералд 12, 2019.