Знамето со 16 зрачно сонце
Знамето со 16 зрачно сонце за првпат е употребено 1986 година од Македонската дијаспора во Австралија. Во наредните години се користи од Македонците во Австралија, Канада и САД. Во Македонија првпат јавно се вее на блокадите на грчката граница организирани од Светскиот Македонски Конгрес, пролетта 1990. Првичниот предлог ова знаме да биде државно е даден на 1.6.1992, од назависниот пратеник Тодор Петров и претседател на Светскиот Македонски Конгрес. На првото продолжение на 41 седница оддржано на 11.8.1992 година, е избрано знамето со сонце со 16 зраци кое подоцна ќе се нарече сонцето од Кутлеш или Ѕвездата од Вергина. Законот го дефинира:
<blockquote>Знамето на Република Македонија е црвено со златножолто сонце. Сонцето е со осум основни и осум споредни сончеви зраци, благо здебелени во првата половина, наизменично и симетрично наредени околу сончевиот диск. Основните сончеви зраци непосредно се одделуваат од сончевиот диск, а крајната надворешна должина на сите шеснаесет сончеви зраци се поклопува со надворешната периферија на сонцето. Дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од широчината на знамето. Односот на дијаметарот на сончевиот диск и должината на основниот сончев зрак е еден спрема два, а односот на должината на споредниот и основниот сончев зрак е седум спрема осум. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.</blockquote>
Јован Јоновски