Преглед на правото на користење грб
1. Правото да се има и користи грб низ историјата
Во почетокот на времето на хералдиката, луѓето сами одлучувале за дизајнот на грбот. Набргу, поради основниот принцип на хералдиката за уникатност на секој грб, се јавува потребата од регулирања на оваа област. Поголемите великодостоинственици го земаат правото за регулирање на сферата на грбовите преку хералдите. Со јакнењето на монархијата, правото на доделување на грб го задржува царот, преку некој хералдички авторитет.
Со појавата на републиките и крајот на монархизмот, во најголемиот дел од државите, се губи и постоењето на официјални хералдички тела кои би се занимавале со давање на грбови, како и со грижа за тоа кој користи грб. Сепак остануваат тела кои се занимаваат со територијалната, воената или нобиларната хералдика.
Дури и во некои монархии не постои строга хералдичка легислатива, па така, во најголем број држави, секој може да си дизајнира и користи грб, под услов да не ги загрози правата на друг носител на грб.
Најсериозно хералдичката легислатива е сфатена во Шкотска, каде може да се заврши со големи казни доколку некој користи туѓ грб. И во Англија постои посебен традиционален суд кој ги решава споровите на армигерите, но овој суд последен пат заседавал 1954 година, по 223 годишна пауза. Судејќи според ова, иако правно овој суд постои, шансите да се впушти во расправа по конкретен спор на узурпирање на правата на грб се илузорни.
2. Кој денес може да поседува и користи грб?
Денес, за граѓаните на оние земји кои немаат официјални хералдички тела и закони, во која група спаѓаат поголемиот број земји, секој може да користи грб. Секој може да користи блазон како свој, освен ако грбот кој го одбрал веќе не е заштитен на некој легален начин.
Грбот може да биде и веќе постоечки, кој може да се користи во случај на легално наследство.
Сепак изработката на грб од некој познавач кој има достап до архивата на веќе изработени грбови, гарантира уникатност и следење на правилата, духот и традицијата на хералдиката за таа јурисдикција.
3. Хералдичкото уредување денес
Бидејќи во поголемиот дел на земјите не постои официјално хералдичко тело и законска рамка во која тоа би работело, денес, хералдички авторитет преставуваат разни хералдички здруженија, кои прествауваат приватни организации.
Актите на овие здруженија често немат правна моќ и се доброволни. Сепак имаат авторитет во хералдичките кругови. Здруженијата се занимаваат со креирање на грбови, водат евиденција за постоечките и новите грбови, и често вршат генеолошки истражувања како дел од евиденцијата за носителите на постоечките грбови и нивните наследници.
4. Правото за подарување грб
Право да подари грб има монархот преку хералдичко тело. Ова се случува со посебен документ.
Под поимот подарување на грб се подразбира акт на дизајнирање на грб и давање полно законско право за поседување и користење, од страна на владин орган, кој го прави тоа во согласност со правен акт.
Ова е најтесната дефиниција на законско стекнување со грб. Според оваа дефиниција, само неколку тела можат да подарат грб, а тоа се оние хералдички авторитети на монархии, каде ова е регулирано со уставот и соодветни закони.
Тука спаѓаат англискиот Колеџ на грбови, шкотскиот Суд на Лордот Лајон, шпанскиот Корониста. Овие институции подаруваат грбови само на свои државјани, со сосема мали исклучоци.
Единствено тело кое подарува грбови и на странски државјани е хералдичкото тело на Република Јужна Африка.
Во хералдичкиот свет се прифатливи и оние хералдички здруженија во републиките, кои ја продолжуваат традицијата на дворските хералди, или пак кои имаат подршка од изгонетите монарси.
5. Прашањето за јурисдикција
Отсекогаш хералдите имале определени јурисдикции односно територии на кои се протегала нивната хералдичка власт, а тоа било територијата на владеење на владетелот во чија служба бил хералдот. Затоа хералдите подарувале грбови само на свои поданици и на „странци“ кои имаат голем придонес во соодветната територија на дадениот владетел.
Ова преставува важно прашање кога станува збор за подарување грбови, односно регистрација, како понизок степен на официјализација на грбот.
Следува дека едно хералдичко здружение има јурисдикција само врз територијата која ја покрива. Затоа, се регистрираат грбови само на жители на таа јурисдикција како и иселеници кои потекнуваат од неа.
Регистрацијата на грб во друга јурисдикција каде армигерот нема практично присуство, нема хералдичка оправданост, освен лична сатисфакција на армигерот.
6. Приватни хералдички здруженија
Сите оние хералдички здруженија кои не се под покровителство на монархија, преставуваат приватни хералдички здруженија. Оние кои не живеат во Обединетото Кралство, Шпанија и Португалија, како хералдички авторитет останува да биде хералдичкото здружение кое има чисто хералдичка јурисдикција во местото на живеење или потекло.
Во Германија, регистацијата во некое од овие здруженија има правна сила, бидејќи според цивилниот закон, грбот преставува дел од идентитетот на една личност.
Во некои држави се јавуваат и неколку такви здруженија. Бидејќи тоа се приватни здруженија, кои се регистрирани различно, во согласност со соодветните закони во дотичната земја, не постои законска регулатива која би регулирала кое од нив е поавторитативно.
За жал, се случува како мотив за отварање на нови здруженија е желбата за приход. Често овие „здруженија“ покрај со хералдика се занимаваат и со продавање на разни титули и членства во витешки редови. Класичен случај за ова е обидот за „отварање“ на албански колеџ за грбови, кој покрај регистрација на грбови планирал и продажба на титули, за еден повисок износ. Овој обид заврши со судски процес.
Сепак, голем дел од хералдичките здруженија сериозно се занимаваат со прашања сврзани со хералдиката.
На територијата на Република Македонија делува Македонското Хералдичко здружение. Во околните држави делуваат и следниве здруженија: Српското хералдичко друштво „Бел Орел“, Бугарското хералдичко и вексилолошко друштво и Хрватското хералдичко и вексилолошко друштво.
Овие здруженија соработуваат и разменуваат информации и ги прифаќаат регистрациите од другите друштва и во својата јурисдикција регистрираните грбови ги сметаат како постоечки грбови.
7. Регистарација на грб во Република Македонија
Македонското хералдичко здружение е единствениот хералдички авторитет во Македонија. Регистрирано е како здружение на граѓани 2003г. Во регистрацијата како цели на здружението меѓу другото се наведени креирање на хералдички достигнувања и оформување на регистер во кои ќе се регистрираат истите и негово ажурирање.
Со заведување на грбот во регистарот, како јавен документ се официјализира постоењето на грбот поврзано со заведениот армигер. Овој документ се прифаќа од повеќето други хералдички здруженија како акт за постоење на дадениот грб во Република Македонија.
Законска регулатива во Република Македонија, на некој начин, ја регулира само сферата на грбовите на единиците на локалната самоуправа.
Постапката за заведување на грб во регистерот на Македонското хералдичко здружение е подробно објаснета во делот Постапка
8. Дизајнирање на грб
Македонското хералдичко здружение дизајнира хералдички достигнувања (грб, беџ, штандард и други хералдички знамиња) во согласност со традицијата, духот и хералдичките правила и усвоените стандарди, решенија кои се уникатни и непретенциозни. Овие решенија се подготвени за заведување во регистерот на Македонското хералдичко здружение.
Повеќе информации за постапката за дизајнирање грб се дадени во делот Дизајнирање на грб