Македонско хералдичко здружение

Македонското грбословно друштво ги продолжува традициите на Македонското Хералдичко Здружение кое во своето 15 годишно постоење (15.7.2003-15.7.2018) се занимаваше со хералдика, вексилологија, фалеристика, шивалристика и нобиларни прашања во Македонија.

Почетоци

Прв кој се занимавал со хералдика во Македонија е академик Александар Матковски, кој своите истражувања ги објавил во книгата „Грбовите на Македонија, прилог кон македонската хералдика” која е објавена 1970. Во книгата Матковски го документира присуството на Македонскиот грб во неколку илирски грбовници кои се наоѓаат на територијата на тогашна Југославија.  Книгата е повторно фототипно издадена 1990 година кога ја популаризира хералдиката и пред сè, македонскиот земски грб: Црвено, златен двоопашест крунисан лав; Над штитот круна.

Десет години подоцна, се јавува и веб страницата „Хералдика во Македонија” од Јован Јоновски, која објавува грбови и исечоци од книгата на Матковски, на англиски и македонски јазик. Страницата почнува да објавува информации за историската, теориската и хералдиката воопшто. Околу веб страницата се собра група заинтересирани, претежно македонци од странство. Кога конечно се собраа доволно заинтересирани за поорганизирано дејствување во Македонија, летото 2003 г. беше основано Македонското хералдичко здружение.

Активности

Популаризацијата на хералдиката се остварува преку предавања, работилници, и присуство во медиумите. Првата поголема активност е предавањето на хералдичарот Андре Воциал од Франција со наслов „Територијалната хералдика во Франција“ одржано, на велигден 2004. Потоа следуваа низа од предавачи од земјата и од странство. Меѓу предавачите од странство беа д-р Стојан Антонов, претседател на Бугарското хералдичко и вексилолошко друштво, проф. д-р Иван Балта од филозофскиот факултет од Осијек, кои на неколку наврати имаа свои предавања, како и д-р Вујадин Иванишевиќ од византолошкиот институт од Белград.

Предавања за теоретската хералдика и работилници со практично оспособување се одржуваат во соработка со неколку организации. Најголема е соработка со Музејот на Македонија и проектот „Чудесниот свет на хералдиката“во текот на кој три години се одржуваа предавања и работилници на кои многумина средношколци, студенти и други заинтересирани граѓани можеа да добијат искуство од прва рака како да се дизајнира грб. Соработката со Музејот на Македонија се круниса со уредување на делот „Хералдика во Македонија“ од постојаната поставка на музејот.

Популаризацијата на хералдиката, како и вексилологијата и фалеристиката се остварува и преку многуте написи во дневниот печат, гостувања на електронските медиуми, и емисијата на МТВ за хералдиката во Македонија. За таа цел се користи и гласникот на здружението, „Македонски хералд“ кој излезе во 10 броја.

Истражување

Истражувањата на македонското хералдичко наследство се централен дел на активностите на здружението. Достапноста на сè поголем број на извори и документи на интернет, го прави истражувањето полесно, па така од удобноста на сопствениот дом може да се стигне до важни податоци. Сепак истражувањето на терен е незаменливо. Така исражувања се вршени по архиви, библиотеки, приватни колекции во Загреб, Штутгарт, Брисел, Вашингтон.

Резултатите од истражувањата се разменуваат и надополнуваат со колегите од други земји на конгреси и симпозиуми , како и на дискусиони групи и форуми.

Дизајн

Македонското хералдичко здружение се занимава и со дизајнирање на грбови, знамиња, и слично. Меѓу позначајните ќе ги споменеме грбот на институцијата Претседател на Република Македонија и грбот на Македонската православна црква. МХЗ постојано ги коментира општинските грбови, а за неколку беше и консултирана при изборот на неколку општински грбови.

Една од активностите на МХЗ е формирање регистер на хералдички достигнувања во кој се регистрираат стари и нови грбови. За регистрираните грбови, МХЗ издава и соодветна матрикула. Истите се објавуват и во Македонски хералд.

Меѓународни активности

Еден важен аспект се активностите на меѓународен план. Тука се и логистичка подршка за основање на Бугарското Хералдичко и Вексилолошко Друштво. На годишните собранија редовно учествува делегација на МХЗ.

Претседателот на МХЗ присуствуваше и на основањето на Хрватското хералдичко и вексилолошко друштво, со кое развива стручна соработка и пријателски односи. Соработка има и со Српското хералдичко друштво „Бели Орао“, како и повеќе други здруженија.

На меѓународен план се и членство во меѓународни организации. Од септември 2010 година, на 29. меѓународен конгрес на генеолошки и хералдички науки во Штудгарт, Германија,. МХЗ стана полноправна членка на Интернационалната Конфедерација за Генеологија и Хералдика (CIGH)

На 24 Конгрес на Меѓународната федерација на вексилолошки друштва (FIAV) во август 2011 во Вашингтон, САД, МХЗ стана полноправна членка на оваа престижна организација.

Извршен одбор

Во текот на своето 15 годишно постоење, во извршниот одбор членуваа:

д-р Јован Јоновски, Претседател (2003-2018)

  • член на комисијата за одликувања на Претседателот на Република Македонија, член на Меѓународната комисија за витешки редови, вонреден член на Меѓународната академија по хералдика.

д-р Снежана Филипова, Потпретседател (2003-2007)

  • професор на катедрата за историја на уметноста на УКИМ, Скопје.

м-р Кирил Трајковски, Потпретседател (2007-2012)

  • кустос-советник во Музејот на Македонија.

Петар Гајдов, Секретар (2003-2012), Потпретседател, (2012-2015)

  • Правник.

Александар Гижаровски, Секретар (2012-2015)

  • софтверски инженер.

Проекти

• „Чудесниот свет на Хералдиката“, Музеј на Македонија. 2007-2009

• Постојана поставка „Хералдиката во Македонија“, Музеј на Македонија. 2009

• Грбовите на Александар Македонски во европските грбовници, Министерство за култура. 2010-2011