Хералдика

Хералдиката е социо-културен феномен, кој се родил во западноевропското феудално општество, веројатно во содејство со истокот. Таа се занимава со проучување на  грбовите – нивниот настанок, употреба, правилата кои го регулираат нивното составување, употреба и наследување и спојување. Хералдика е систем на  грбови кои се наследни ознаки, насликани на штит, според одредени правила. Хералдика е науката која го истражува тој систем и неговиот историски развој.

Иако луѓето отсекогаш употребувале симболи за идентификација.хералдиката настанува  во 12 век од двете страни на Ламанш и бргу се проширува низ поголемиот дел од Европа.  Грбовите од лични симболи за идентификација набргу стануваат и симболи на идентификација, на градови, цехови, компании.

Грбовите најнапред биле насликани на штит, а потоа од штитот излегуваат и се применуваат и на други медиуми, ѕидови, текстил, камена пластика.

Грбовите го претставуваат носителот и некое негово право: функција, привилегија имот итн

Хералдиката е интердисциплинарна наука коj опфаќа покраj историjа, уметност, право, филозофиjа итн.

Како систем на симболи кои пренесуват информација, освен како текст во рицарските турнири, хералдиката оформува и еден метатекст на односи: Слобода (со право на носење оружје), сопственост (и неговата наследност). Единствено слободните субјекти на правото имаат право на грб, а механизмот за давање и добивање грб е во надлежностите на повисоките хералдички власти. Затоа грбот е правна институција и наважен знак за идентификација. Затоа занимавањето со ликовни симболи ја става хералдиката на посебно место во науката и уметноста.

Хералдиката се занимава со систем на наследни симболи, систем настанат во Европа во 12 век. Хералдиката имала свои успони и падови, била воздигана и била негирана. За некои е безвременски јазик на симболи, други, пак ја прогласувале за мртва веќе многу векови. За едни била тајна предавана од колено на колено, за другите пак, кои не ја познаваат, само интересни сликички.

Суштината на хералдиката лежи во симболите. Луѓето отсекогаш употребувале симболи, се поистоветувале со нив, ги украсувале своите домови со нив, своите облеки и разни предмети. Симболите брзо го наоѓаат своето место и на оружјето и на воената опрема. На античките вазни гледаме многу воини со штитови на кои се насликани симболи. Луѓето се поистоветуваат со магиските карактеристики на симболите. Употребата на симболите е двозначна, луѓето се поистоветуваат со симболот, но и симболот е поистоветуван со својот носител.

Хералдиката се раѓа со развојот на културата и односите во феудалното опшество во Европа. Закрепостените селани, кои покрај економската обврска спрема своите земјопоседници, имале и таканаречена воена обврска. Тие, по потреба ги придружувале своите господари во разните воени потфати, одбранбени и завојувачки. Писменоста била резервирана за свештенството, а во обичната комуникација се употребувале визуелни симболи.

Општествените односи во феудал­ното општество довеле до раѓање на еден нов слој од помладите синови на феудалните господари. Имотот бил неделив и бил наследуван од најстариот син, додека другите, освен некаква финансиската поткрепа, немале многу други права на имотот. Eден дел од нив се школувал за свештеници, додека другиот, поголемиот дел, го барал својот дел во општеството. Се раѓа една нова класа – витези.

Втор момент, кој придонел во раѓањето на хералдиката, е развојот на воената опрема и техника на војувањето. Околопот станувал сè поголем и покривал поголем дел од човечкото тело. Природната идентификација на воините преку лицето била невозможна. За личната идентификацијата биле потребни надворешни визуелни симболи, каков што е штитот.

Воената тактика во тоа време се состоела од борба на помали единици на бојното поле, најчесто воени обврзници на еден феудалец. Така, на бојното поле се појавила потреба од идентификација на одделните единици, како на својата страна, така и на непријателската. Затоа, биле потребни јасни симболи кои се еднозначни и не се повторуваат.

Трет момент, кој одиграл голема улога во развојот на хералдиката, се крстоносните војни. Со повикот на папата Урбан Втори од собирот во Клермонт во 1095 година, голем дел од витезите го прифатиле овој повик како нешто повеќе од само заштита на Исусовиот гроб. Бидејќи немале вистинско место дома, поради неможноста да наследат имот, ова изгледало како добар потег.

Многумина и од закрепостените селани го сметале заминувањето во Светата земја за добра замена на секојдневниот тежок живот и се пријавувале како доброволци.

И како што кажува самото име, крстот бил далеку најзастапениот симбол и идентификацијата и командувањето на единиците станувало многу тешко. Така, се јавила потребата од дефинирање на еден систем на организација на симболите. Зачувана е повелба од 13 јануари 1188 год. од Гисор, каде што кралевите на Франција и Англија, Филип Втори и Хенри Втори како и грофот Филип од Фландрија се договориле различните нации да се идентификуваат преку крстови со различна боја и на различна заднина.13 Ова им претходи на знамињата на неколку европски држави (Англија, Шкотска, Данска, Норвешка).

Оние коишто се враќале од крстоносните војни се враќале со нови симболи од Истокот, кои засекогаш ќе ја збогатат европската „симболистика“.

Четвртиот момент, кој веројатно е најзаслужен за развојот на хералдиката, се витешките турнири. Настанокот на турнирите се поврзува со средбата на Лудвиг Германецот и неговиот брат Карл во 844 год. кога свитите на двата крала во Стразбур одржале натпревар во вид на војна. Годфри де Преули, од Франција, прв ги составил правилата на турнирот14 во средината на 11 век. Тоа биле забавни настани во кои најмногу се натпреварувале витези, а служеле и за забава на народните маси, кои биле публика.

Турнирите се одржувале на панаѓурите и претставувале повеќедневни настани во кои се натпреварувале витези со докажано благородничко потекло, во повеќе дисциплини. Хералдите ја имале главната задача и главната улога на овие турнири.

Читај понатаму