Блазонирање

 

Еден од главните предмети на хералдиката е опишување на грбовите. Тој опис – Блазон ја определува суштината на грбот, кој за хералдиката е поважен од ликовниот приказ – Емблазон. Процесот на опишување на грбот (пишување на блазонот) се вика блазонирање. Притоа блазонот мора да биде јасен и недвосмислен, така секој хералдички уметник да може да го емблазонира – ликовно да го нацрта токму тој грб.

Хералдиката, покрај грбот, се занимава и со хералдичките знамиња и беџевите. Сите хералдички елементи што ги поседува армигерот-грбоносецот – оној што поседува грб: грб, хералдички знамиња и беџеви е хералдичко достигнување.

Грбот може да биде прикажан во три претстави, кои се нарекуваат мал грб, среден и голем грб. Малиот грб е само штитот. Тој го претставува и основниот облик на грбот – односно малиот грб или често само – грб. Малиот грб се состои од поле (површината на штитот) или полиња доколку штитот е поделен, и една или повеќе хералдички фигури.

Средниот грб се состои од малиот грб на кој е додадена челенката. Големиот грб се состои од штит, шлем со челенка и мантија и мото, како и други дополнителни и незадолжителни елементи.

Полето и фигурите се карактеризираат со боја. Боите можат да се прикажат на три начини: Со аплицирање боја, со хералдичка шрафура (петрасанкта) и со означување, кога се користат само букви. Боите на полето се делат на три групи:

  1. Метали: злато (З) (жолта) и сребро (С) (бела);
  2. Бои (тинктури, емајли): црвена (Ц), сина (Сн), зелена (Зл), црна (Цр) и пурпурна (П)
  3. Крзна: хермелин и верверица, како и пердуви и скргунки

Иако не може да се зборува за значењето на боите како нивна карактеристика, сепак низ историјата се провлекуваат значења поврзани со боите:

Злато: светост, трајност, богатство, правда, милосрдие, разбирање, углед, храброст.

Сребро: невиност, чистота, мудрост, радост.

Црвена: крв, кралство, храброст, слобода, љубов.

Сина: верност, постојаност, отменост.

Зелена: младост, растеж, плодност, здравје, убавина, надеж.

Пурпурна: благочестивост, сувереност, умереност.

Црна: тага, мудрост, цврстина, црква.

Низ историјата боите во хералдиката се означувале со благородни камења и со планетите поврзани со нив:

Злато топаз – Сонце

Сребро бисер – Месечина

Црвена рубин – Марс

Сина сафир – Јупитер

Зелена смарагд – Венера

Пурпурна аметист – Меркур

Црна дијамант – Сатурн

Друга хералдичка „боја“ е „природна“ – таа може да биде секаква боја. Овој термин се користи кога се опишува некоја хералдичка фигура која е изобразена на грбот со своите природни бои и текстури. На пример, човечкиот тен се прикажува со розикава боја или, пак, оклопот се претставува со челично сива боја. Кога некоја птица е обоена природно, тогаш се преставува со нејзнините „природни бои“. Тука не станува збор на фотографско пренесување, туку сепак, за едно традиционално гледање на природните бои на хералдичките фигури.

Во некои јурисдикции има и дополнителни бои, како портокалова или кафеава. Понекогаш се употребува небесносина боја.

Крзната како карактеристика на полето потекнува од практиката дрвениот штит да се прекрива со разни видови кожи и крзна. Најзастапувани крзна се хермелинот и верверицата. Црните дезени на хермелинот ги преставуваат опавчињата на животните од кои се добива ова крзно. Има 4 видови хермелин.

Хермелинот е на сребро црни опавчиња. Контра хермелинот е на црно бели опавчиња. Златниот хермелин има црни опавчиња на златно, и пеон, златни опавчиња на црно. За крзната не важи правилото на боите.28

Верверичка, пак, е крзно сошиено од кожи на верверички, белиот дел го преставува мешето на верверичката. Другиот дел традиционално е син. Според начинот на составување на поединечните крзна разликуваме неколку видови на верверица:

Верверица, верверица во столб, контра-верверица и Верверица во крај. Постои и друг вид верверица кога крзната на верверичката се во облик на буквата „т”. И таму се користи истата логика во називите.

Освен овие два вида крзно, понекогаш се употребуваат стргунки и пердуви.

Покрај основните бои на полето постојат и два вида хералдички шари. Едниот е кога полето е поделено повеќепати. Вториот, пак преставува посеано поле. Посеано поле е кога на полето се повторуваат голем број мали фигури кои тогаш не се сметаат како фигури туку како шара, односно како самото поле.

Законот на боите вели дека метал не се става врз метал, ниту боја врз боја. Ова е од причина што таквите комбинации тешко се идентификуваат од далечина, што е една од целите и улогите на грбот.