Хералд

Хералдиката може да се дефинира и како активност на хералдот. Впрочем, и името хералдика доаѓа токму од зборот хералд. Зборот (Herr Alt) потекнува од двата старогермански збора воин и стар, со денешно значење „ветеран“.

Првата активност на еден хералд ја забележал хроничарот Гвилам Ле Маршел. Тој запишал дека битката кај Дринкорт, Нормандија, која се одвивала во јули 1173 год., ја набљудувал хералд.

На почетокот хералдите биле од војничкиот занает. Тоа биле луѓе познати по своите воени вештини во војна или на турнири. Биле познати и по својот карактер и по доблеста. Затоа, добивале улоги што барале комбинација на добар карактер, искуство, образование и други тајни вештини.

Хералдите ги организирале турнирите и се грижеле за нивната регуларност. Ги препознавале витезите што доаѓале на рингот и ги најавувале со трубење со рог. Потоа, ги читале наглас грбовите, кажувајќи ја нивната генеологија и воспевајќи ги нивните подвизи. Оттука, читањето на грбовите или нивниот опис се вика блазонирање. Потекнува од старогерманскиот збор „блазон“ (Blausen), што значи: дување во рог. Збор кој во францускиот јазик значи грб.

Најважниот дел од регуларноста, сепак, била грижата на турнирот да учествуваат само благородници. Затоа, хералдите добро ги познавале грбовите на витезите, како и нивните предци и роднини. Воделе евиденција и списоци на тие грбови во книги наречени грбовници. Првите грбовници се јавуваат околу 1250 год.

Познавањето на грбовите било од непроценлива важност на бојното поле, а тоа, всушност, значело и препознавање на воените единици, на пријателот и на непријателот. Ова било неизбежна алка во синџирот на командување.

Од широкиот спектар активности, на хералдите им останала само една и тоа во сферата на утврдувањето на стандардите за креирање, поседување, пренесување на грбовите и на другите хералдички достигнувања. Тие ги утврдувале правилата со креирање на грбовите. Со векови овие правила биле дел од тајните што не се запишувале, туку се предавале усно од генерација на генерација.