Лав

Несомнено, лавот е најчесто среќаваниот хералдички ѕвер. Лавот од древноста па до денес претставува симбол на моќ, храброст, бестрашност, сила, но и на заштитништво, доблест и благородство. Неговата појава во европската хералдика би требало да се бара во источните симболиски влијанија донесени со крстоносните походи во Светата земја. Денес огомен дел од европските држави како симбол на својот грб го носат лавот. Некои примери се: Англија, Шкотска, Данска, Естонија, Белгија, Бугарија, Чешка, Шпанија, Норвешка. Се разбира, лавот е и најчесто среќаваниот симбол на Македонија.35

Лавовите во хералдиката се употребуваат стилизирани.36 Поради големото присуство на лавови во грбовите, а во согласност со хералдичкиот принцип за уникатност, за определување на амблемот на лавот потребни се и други три карактеристики: позата, положбата на главата и видот на опашката. Овие карактеристики можат да се јават и кај други животни, но далеку помалку. Лавот може да се сретне во осум основни и уште многу други дополнителни положби. При блазонирањето на лавот покрај бојата на лавот, неговата положба, положбата на главата и формата на опашката, се блазонира и бојата на канџите и на јазикот, при што се користи терминот вооружен.

Во хералдиката постојат основни атрибути, кои не се блазонираат. На пример, за лавот основна положба е разгневен, додека погледот на лавот е хералдичко десно. Најчесто среќавани положби на лавот се:

Положби на телото

  1. 1. Разгневен или само лав – претставува најчесто среќавана положба на лавот во хералдиката во која е прикажан подигнат на една задна нога како мавта со предните.
  2. 2. Исправен – претставува лав кренат на задните нозе со двете предни заедно кренати во воздух. Оваа положба е поретка за лавот, но се среќава кај други четириножни хералдички ѕверови и животни, како на пр. коњот.
  3. 3. Во од – претставува лав со крената предна десна шепа, а сите други на тлото.
  4. 4. Стоечки или стражар – прикажува лав со сите четири нозе на земја при што предните најчесто една до друга, а задните во расчекор. Лавот во оваа положба најчесто се среќава прикажан на челенки.
  5. 5. Седнат – прикажува лав седнат на карлица со предните шепи на земја.
  6. 6. Во пресрет – претставува седнат лав, којшто е целосно завртен кон гледачот со предните нозе размавани во воздух.
  7. 7. Легнат или мирен – лав легнат на стомак, но со исправена глава.
  8. 8. Заспан – лав легнат на стомак со спуштена глава врз предните шепи како во сон.

Положба на главата

  1. 9. Вперен – лав чија глава е свртена и вперена кон гледачот. Лавот може да биде во било која од положбите. Можеби најпознат лав е во ваква положба е оној од англискиот грб кој претставува вперен лав во од.
  2. 10. Обѕрнат – лав во некоја од основните положби чија глава е свртена во сротивен правец од телото.

Форма на опашката

  1. 11. Раздвоена или расцепена опашка – претставува лав чија опашка е разделена на две, но со еден корен.
  2. 12. Двојна опашка – лав практично со две опашки.
  3. 13. Преплетена опашка – лав чија опашка е врзана во јазол.
  4. 14. Испружена опашка – лав чија опашка е испружена право.

Формата на опашката како атрибут

  1. 15. Посрамотен или обеславен – лав без опашка.
  2. 16. Уплашен – прикажува лав во некоја од основните положби со подвиена опашка. Обично оваа положба се користела за означување слабост, пораз или кукавичност во борба.

Други атрибути

Од другите атрибути ќе споменеме само неколку

  1. 17. Двоглав – лав со две глави.
  2. 18. Тротелесен – лав со една глава но три трупа
  3. 19. Двотелесен – лав со една глава но два трупа.
  4. 20. Разоружан – лав без канџи и јазик.
  5. 21. Растргнат – лав со шепи, глава и опашка отсечени од телото.
  6. 22. Морски лав – полулав полу риба и со пловки на шепите.
  7. 23. Крилест лав – лав со крилја на орел – симболот на св. Марко и на Венеција.

Лавот е дефиниран со положбата на телото, видот на опашката, како и положбата на главата и присуството на круна или оглавник.

Делови од лавот

Главата на лавот може да се најде самостојно како фигура. Атрибутите на главите кај животните и птиците се опишани во делот за орелот.

Друг дел од лавот кој може да се најде самостоно е лавовската шепа.