Основни хералдички фигури

Основниот, малиот грб се состои од штит и една или повеќе хералдички фигури. Со текот на времето бројот на фигурите на штитот се зголемувал.31 Хералдичките фигури се делат на чесни и обични. Чесните фигури се ординариите, основните геометриски фигури како и нивните деминутиви.32

Обичните фигури се делат во неколку основни групи. 1) крстови, 2) животни, 3) птици, 4) ѕверови, 5) хуманоиди 6) небесни, 7) флорални, 8) оружје, 9) секојдневни предмети 10) разни. Можно е да се изврши поделба и на подетални подгрупи.

Основни ординарии- чесни хералдички фигури се:

  1. Столб, претставува вертикална лента, која зафаќа 1/3 од ширината на штитот и минува низ центарот.
  2. Појас претставува иста таква лента, но поставена хоризонтално.
  3. Превез е дијагонална лента што започнува од горната десна хералдичка страна.
  4. Лев превез е во спротивната дијагонала.
  5. Крст се образува со пресек на столб и на појас.
  6. Андреев крст (Салтир), се образува со пресек на превез и лев превез.
  7. Глава претставува лента поставена во горниот дел на штитот со ширина од 2/7
  8. Основа хоризонтална лента во долниот дел на штитот.
  9. Стропило се образува од долните делови на превез и лев превез.
  10. Вила се образува од долниот дел на столб и од горните делови на обичен и лев превез.
  11. Клин е фигура што започнува од целата ширина на главата на штитот и завршува во средината на ширината на основата на штитот

Последниве три фигури имаат и обратна варијанта кога се свртени во обратна насока. Така клинот може да биде обратен (12), десен клин (13) и лев клин (14).

Некои од овие фигури имаат и демунитиви, кога нивната ширина е помала од онаа на основната чесна фигура, односно ординарија. Столбот ги има гредата и стапот, додека, пак, појасот ги има ременот и врвцата. Другите ординарии кои немаат специфичен назив се опишуваат со придавките тесен и потесен. Пример: тесен крст и потесен крст. Не е исклучено во иднина некои од овие демунитиви да добијат и свое име.

Ординариите можат да бидат и поместени од нивната централна положба. Пример: повишен превез (1), снижен појас (2), столб влево (3).

Дадената ширина зависи од распоредот на фигурите на штитот. Ако ординаријата се наоѓа помеѓу други фигури таа е малку потесна а доколку на неа има друга фигура, тогаш таа е поширока. Пример: Златен, на крст зелен, грифон златен (4); Зелен, крст помеѓу четири круни, сите златни (5).

Чесните фигури можат да бидат оформени и од линиите на поделбата, како и на други различни начини прифатени во хералдиката. Исто така, хералдичките фигури можат да се повторуваат. Примери: глава градобранска (6), двојно стропило (7).

Во блазонирањето се користи и терминот „во“ и одредена ординарија, што укажува на начинот на распределбата на фигурите, на пример: Црвен, три сидра во превез сребрени (8); Син, три ѕвона во столб златни (9).

Ординариите и нивните демунитиви, по правило се протегаат од едниот до другиот раб на штитот. Сепак, можат да имаат таква форма кога се целосно одвоени од работ на штитот и тогаш станува збор за отсечена фигура (отсечен појас) (10).

Друго својство на ординариите, како и на некои од фигурите, пред сè оние геометриските е орамување, или фимбријација, кога од ординаријата или фигурата е останата само рамката. Орамен столб (11), орамена шестокрака ѕвезда (12).

Субординарии

Субординариите се втори по значење по чесните фигури или ординариите. Тие секогаш се поставуваат последни, врз штитот, но и на некои од самите нив може да има грбовни фигури.33 Субординарии се:

  1. Обраб или бордура, кога работ на штитот е друго поле, кое може да биде обоено во боја или крзно, да биде поделено како и поле на штитот. Јасно, со оние поделби што имаат смисла на особеностите на обликот на обработ. Тој може да биде и посејан и на него да има други фигури. Во шкотската хералдика обработ е знак за каденција, односно со видот на обработ се означува и редот на наследувањето. Примери: обраб сино (1); обраб расечен сино и црвено (1б), злато, три црвени ѕвезди, обраб зелен посеан со лилјани (1в).
  2. Ореол или внатрешна бордура, е потенка од бордурата и е вовлечена во самиот штит и бидејќи е потенок, тој може да биде обоен само со боја или метал. Внатрешната бордура може да биде и двојна. Таа може да биде и од посебен вид, како што е во грбот на Шкотска каде што е двоен ореол – лилјан контра лилјан
  3. Четврт е фигура што зазема четвртина од штитот и се наоѓа во горниот десен агол. Доколку се наоѓа на левата страна, тогаш станува збор за лев четврт.
  4. Кантон е квадратна површина која како и четвртот се наоѓа во десна глава (горниот десен дел од штитот), но е со помали димензии, обично 1/9 од полето. Кантонот претставува посебно поле и често се користи за на него да се стават симболи на почести.
  5. Јака, или турнирска јака е фигура што во англиската хералдика се користи како знак за каденција за најстариот син, кој ја носи јаката до смртта на таткото, носителот на грбот, кога всушност најстариот син станува и законски носител на грбот. Оваа фигура може да се најде и во други позиции на штитот, но тогаш го нема ова значење на бризура.
  6. Штитче е фигура што се јавува во средината на штитот и, слично како кантонот, претеставува посебно поле, но овојпат на него можат да се стават грбови на функција, или на наследство, како што е обичај во англиската хералдика сопругот го става грбот на сопругата (нејзиниот татко) доколку таа е последен наследник во случај кога нема браќа. Штитчето може да се јави и како обична фигура и тогаш го нема ова значење на спојување на два грба.
  7. Плет е фигура која е преплет на две потенки превези и квадратна рамка во средината на штитот. Кога плетката се повторува повеќе од еднаш, станува збор за преплет.