12.1.2017

Односот помеѓу црвениот и златниот лав во делото „Грбовите на Македонија“ од академик Александар Матковски

Оваа статија е објавена во „Македонски хералд“ број 9
Автор: Иван Нацевски

Човечката природа е водена и изразувана преку симболи. Од наједноставно и интимно изразување љубов до поистоветување на групи и поединци, целото човечко општење е преплавено од симболи и преносни значења. Имајќи го предвид ова, никако не е за изненадување фактот што хералдиката од својата појава па до денешен ден, предизвикува особено љубопитство кај луѓето. Тоа љубопитство е насочено како кон ознаките, т.е. грбовите на одделни историски личности така и кон грбовите на цели царства, земји, територии и др.

Кај нас во Македонија, хералдиката, макар интересна, сè уште е недоволно позната и распространета во нашето секојдневје. Основната заслуга за почетоците на македонската хералдика му припаѓа на академик Александар Матковски1 и неговото дело „Грбовите на Македонија“2. Во него Матковски прави каталошки преглед на оние извори коишто нему му биле достапни во моментот на создавњето на делото. Собраните извори можат да се поделат на неколку групи: илирски грбовници, стематографии и други извори. Од вкупниот број доминираат илирските грбовници. Се разбира, ниедно истражување никогаш не е целосно. Така, денес знаеме дека има барем еден илирски грбовник којшто не му бил достапен на Матковски. Станува збор за лондонскиот грбовник3. Во книгата не се обрнува посериозно внимание на хералдиката како засебна наука4 со конкретни строги правила и норми, туку повеќе се прибегнува кон прибирање основни податоци за македонскиот грб, без притоа подетално да се анализираат. Од друга страна, и покрај фактот што Матковски наведува повеќе европски грбовници во коишто се дадени грбови на други балкански земји, заради отсуството на македонскиот грб во нив тој пребрзо констатира дека нашиот грб првин се појавува во илирските грбовници5, а потоа во европските. Денес, ние знаеме дека ова не е точно.

Уште на почетокот треба да се нагласи дека илирските грбовници се ракописни дела во коишто доминираат лични, т.е. семејни грбови, а грбовите на териториите се дадени како додаток или прилог. Стематографиите на Витезовиќ и Жефаровиќ од друга страна, не треба да се вбројуваат во илирските грбовници, бидејќи во нив се опфатени само грбови на територии6, т.е. нема семејни грбови. Она што е впечатливо и за двете групи е тоа дека во нив нема друга претстава на македонскиот грб освен лав. Зошто токму лавот се наметнал како најчест симбол за Македонија не може да се каже со аритметичка точност, но недвосмислено може да се заклучи дека не станува збор за случаен избор туку за резултат на распространувањето на митот и историјата на древна Македонија7, во почетокот на европската преродба.

За да се дефинира точно, хералдичкиот лав треба да биде опишан во однос на неколку основни карактеристики8. Тоа се пред сѐ бојата, положбата на телото, насоката на главата и поседувањето дополнителни атрибути како: круна на главата, вооруженоста, бројот и видот на опашката и др. Во однос на употребуваните бои лавот во македонските грбови, обработени во „Грбовите на Македонија“ се среќава или како црвен на златно поле или како златен на црвено поле.

Академик Матковски хронолошки обработува триесет и еден (31) извор. Последниот се однесува на грбот на СРМ и како таков не се вклопува во хералдичките норми. Во поглавјето коешто го обработува грбот и печатите на Карловачката митрополија, Матковски погрешно го идентификува грбот на Дарданија како македонски. Дополнително, во уште три поглавја се зборува за лавот како македонски симбол, меѓутоа отсуствува конкретен хералдички пример9. Ова го сведува вкупниот број земски10 грбови на Македонија, коишто ги обработува академик Матковски, на дваесет и шест (26). Во осумнаесет11 (18) извора, македонскиот грб е присутен како засебен, а во осум12 (8) тој е или дел од општ грб или пак во поредица со други грбови. Заедничко за сите овие грбови е тоа што лавот во нив е секогаш разгневен13. Од атрибутите што може да ги има лавот, во десет14 (10) грба се среќава круна. Во пет (5) грба, лавот е крунисан15, а во другите пет (5), круната е засебен елемент во чело на штитот16. Двојната опашка како атрибут на лавот се среќава само во четири (4) грба17. Според Матковски, двојната опашка е унгарско влијание18 во претставата на лавот како хералдички ѕвер. Во однос на употребуваните бои, само за еден (1) грб немаме никаква информација. Тоа е грбот од палиниќевиот босански грбовник. За останатите дваесет и пет (25) грба, сознанија за боите постојат. Веднаш треба да се каже дека дваесет и четири (24) грба се поделени во две групи, едната – златен лав на црвено поле и другата – црвен лав на златно поле. Само еден (1) грб отстапува од овие комбинации и претставува сребрен лав на црвено поле. Станува збор за Белградскиот грбовник од 1640 год.

Грбовите со златен лав на црвено поле, за свој најран претставник го имааат грбот од грбовникот Корениќ – Неориќ. Грбовите со црвен лав на златно поле како свој најран претставник меѓу илирските грбовници го имаат делото „Кралството на Словените“ на Мавро Орбини19. Оваа книга е црно-бела, т.е. на грбовите не се користени никакви ознаки за бои. Во книгата на Орбини, македонскиот грб се наоѓа само на општиот грб на династијата Немањиќ, и тоа на четвртото хералдичко поле. Матковски, прифаќајќи го датирањето на грбовникот Корениќ – Неориќ од 1595 год. како сосема точно, изнесува став дека Орбини се служел со него, но направил пропуст кога ги нумерирал македонскиот и бугарскиот грб, т.е. им ги сменил местата. Бидејќи во сите познати обоени верзии на општиот грб на Немањиќите, четвртото хералдичко поле е претствено со црвен лав на златно поле Матковски се обидува да докаже дека се работи за погрешна позиција, а со тоа и за случајна или ненадејна инверзија на боите на овие два грба. Ист ваков став тој изнесува и за боите на македонскиот грб и во стематографиите на Витезовиќ и Жефаровиќ. Ваму оди дури еден чекор подалеку, кажувајќи дека Витезовиќ наводно ги сменил по грешка сликичките на двата грба20. Ваквото негово толкување на податоците не може да се смета за сосема објективно. Имено, и Орбини и Витезовиќ биле одлични познавачи на проблематиката со којашто се занимавале. Витезовиќ, во описот што го дава за грбот на Македонија, не само што е сигурен во својот став туку дава и описи на два други грба21, коишто наводно биле на Македонија пред и по Александар Македонски. Со истата децидност, Витезовиќ го опишува и бугарскиот грб, напомнувајќи дека некаде може да се сретне и како црвен лав на златно поле, но дека тоа е всушност грб на Македонија22. Истиот текст се среќава и кај Жефаровиќ.

Ако се направи пресек23 на сите овие грбови, ќе се види дека тринаесет (13) грба се со црвен лав на златно поле, единаесет (11) се златен лав на црвено поле и како што веќе беше спомнато, еден (1) е сребрен лав на црвено поле. Притоа треба да се напомене дека грбот од Оловскиот грбовник не е во боја туку црно–бел без шрафура, а е вбројан во грбовите со златни лавови заради ставот на Матковски, дека истиот во општиот грб е претставен во прво поле. Бидејќи не сме во можност да го потврдиме или побиеме овој став, ние се водиме по ставот на Матковски. Во секој случај, дури и ако на овие бројки се додаде и Лондонскиот грбовник, којшто отсуствува кај Матковски соодносот помеѓу црвениот и златниот лав би бил 13:12 во корист на црвениот.

Она што станува јасно од овие бројки е дека грбовите со црвени или златни лавови, врзани за Македонија, скоро еднакво се среќаваат низ изворите. Меѓутоа, исто така се забележува дека започнувајќи од втората половина на XVIII век, па до почетокот на дваесеттиот век, од вкупно десетте (10) извора што ги наведува Матковски, дури осум (8) се со претстава на црвен лав на златно поле. Ваквиот развој најверојатно се должи на огромното влијание на печатените стематографии коишто биле мошне подостапни.

Ако се знае дека влијанието на стематографиите не е силно и значајно само за оформувањето на идејата за македонски грб туку и за грбовите на останатите балкански земји, тогаш неминовно е да се заклучи дека тврдењето црвениот лав на златно поле е туѓ за македонската хералдичка традиција и свест – е историски и фактографски неточно. Се чини, стасано е времето кога треба одговорно и свесно да прифатиме дека не постои јасен победник помеѓу двете основни верзии на македонски грбови со лав. Прогласувањето на едниот за „помакедонски“ од другиот е невозможно од научна гледна точка. Што се однесува до изборот на едната или другата варијанта за државен грб, треба да бидеме свесни дека таквиот чекор бара прагматизам и усогласување не само со основните хералдички правила туку и со правилата за каденција, т.е. односот на нашиот потенцијален грб со другите државни грбови. Хералдиката како универзален систем го наложува тоа, без разлика дали нам ни се допаѓа или не.

 

НАВОДИ

1. Александар Матковски (1922 – 1992) е македонски историчар и член на МАНУ.

2. Првото издание на оваа книга е од 1970 година. Особено важно и влијателно е нејзиното реиздание од 1990. Оваа книга практично го моделира македонското поимање за она што е грб во основа, но и она што треба да биде грб на Македонија. Oвој напис ќе се обиде да даде бројчен пресек на изворите што се користени во неа.

3. Лондонски грбовник е ракописна збирка на грбови за којашто се смета дека настанала во периодот од 1595 до 1637 година, пронајдена во Лондон.

4. Првото поглавје од книгата на Матковски нуди краток вовед во хералдичката наука, но дава задлабочени познавања.

5. Александар Матковски, Грбовите на Македонија – прилог кон македонската хералдика, Мисла, Скопје, 1990, 43.

6. Треба да се напомене дека во овие Стематографии се прикажани грбови на голем дел од централно и источно–европските земји, како и на земјите од Балканот.

7. Причината за употребата на лавот би требало да се побара во древномакедонскиот бит, легенди и обичаи. Најверојатно немала улога играта и пропагандата на Александар I Филхелен и идејата за Херакле како митски предок на македонците, т.е. митот за победата на Херакле над немејскиот лав. Од сочуваните извори знаеме дека ловот на лавови бил омилен спорт на македонското благородништво.

8. Македонски хералдички терминолошки речник: Лав, Македонски херaлд бр. 7, Скопје 2013.

9. Тоа се поглавјата за македонскиот грб на печатите на воените лица во Војводина, за македонскиот грб на повелба од манастирот Горњак на Млава и лавот на илинденските знамиња.

10. Под земски грб Матковски подразбира грб којшто претставува дадена етно-георафска целина. Види Матковски, 20.

11. Види табела.

12. Види табела.

13. Види Македонски хералдички терминолошки речник: Лав, Македонски херaлд бр.7, Скопје 2013.

14. Види табела.

15. Крунисан е во: Палиниќ, Алтханов, Белградски 1620 год., Скороевиќ и Оловски.

16. Засебен елемент е во: Корениќ – Неориќ, Фојнички, Берлински, Фестетиќ и Гај.

17. Види табела.

18. Mатковски, 169.

19. Мавро Орбини (средина на XVI век – 1614) е средновековен историчар од Дубровник. Во 1601 год. Орбини го Издава делото „Il Regno de gli Slavi“ со коешто практично ги удира темелите на панславизмот и панилиризмот.

20. Матковски, 112.

21. Јован Јоновски, Грбовите на Македонија, Македонски хералд бр. 3, Скопје 2009.

22. BULGARIA, sulvo coronatoque Leone in campo rubeo armatur. In quodam manufcripto reperi, Leonem rubrum fuper aureo campo : qui Macedoniaе cenfetur…. (Paulo Ritter Vitezovic, Stemmatographia sive armorum Illyricum, 1701, 63.)

23. Види табела.