Развојот на хералдиката во Македонија

Хералдиката започнува во 12 век од двете страни на Ла Манш и бргу се проширува на целата територија на некогашното Западно Римско Царство. Хералдиката полека се шири и кон некогашното Источно Римско Царство, но повеќе како декорација и мотиви отколку со сите свои правила за составување, употреба и наследување на грбот.

Македонија се наоѓа на крстопат помеѓу истокот и западот, каде што идеите бргу се шират. Хералдичките мотиви во Македонија се присутни уште од самиот почеток на хералдиката. Во Св. Пантелејмон во Нерези, крај Скопје, подигната во 1164 г. од византискиот принц Алексиј Комнен, внук на истоимениот византиски император, се насликани шест свети воини, сите претставени со штитови.48

Во наосот на црквата, на западниот ѕид, од двете страни на вратата, се насликани по тројца свети воини. Кратенките од имињата на светците не преживеале до денес, но според аналогиите, може да се утврди нивниoт идентитет.49

На левата страна од вратата во долната зона се претставите на:

Св. Меркуриј, кој има мал кружен штит е свртен кон самиот воин и предната површина на штитот не е видлива.

Св. Теодор Стратилат стои пред штит што е издолжен, со полукруг во горниот дел и со остар агол во долниот дел, типичен за 12 в. Штитот е поделен на крст зелено и црвено, а полињата се дамаскирани со флорални претстави. Штитот има и декоративна златна рамка и поверојатно станува збор за декоративна рамка отколку за бордура. Ова декоративна златна рамка е присутна и на другите штитови, кои се видливи.

Св. Теодор Тирон, стои пред ист таков штит. Бојата на штитот не е зачувана. На полето се наоѓа златен пресечен-кентаур, врз сѐ златен превез. Ликот на човечката глава не може да се види бидејќи е покриен од превезот, но остатокот јасно укажува на човечка глава, која продолжува во коњско торзо. Интересна е примената на вакво митско дуално животно на штитот, што додава специфики на осликувањето на овој храм, кој инаку има нагласок на борбата против богомилството. Полето е посеано со осмокраки сонца или, пак, поверојатно претставуваат дамаскирање.

Од десната страна на вратата се преставите на:

Св. Ѓорги, кој е прикажан со штит, свртен кон самиот свет воин и не може да се блазонира.

Св. Димитриј стои пред долгнавест штит и се гледа само половината. Штитот има златна декоративна рамка, како и другите. На половината на штитот има лента со истиот мотив од рамката. Бојата на полето не може да се утврди. Во горниот дел од штитот се видливи делови од глава на животно со златна боја. Најверојатно станува збор за глава на лав. Хералдичката поза на лавот не може да се утврди бидејќи недостига најголемиот дел од телото. Повторно, полето е посеано или цизелирано со осмокраки сонца.

Св. Нестор има кружен штит поставен во профил. Боите на штитот се добро видливи. Полето е пресечено (или можеби на крст) црвено и зелено. На средината на штитот има мал кружен декоративен елемент.

Овие насликани штитови се предвесници на хералдиката сфатена преку мотивите, а не преку правилата, која ќе опстои во периодот до отоманското освојување на Балканот.

Подоцна, овој дел на Византија влегува во состав на Душановото Царство. Во 14 век хералдиката во Европа е во својот зенит и нејзиното влијание е евидентно во дворот на Цар Душан. Таму се наоѓала група германски витези и платеници на чело со витезот Палман, чие културно, и со тоа и хералдичко влијание, е неспорно.50 Великодостоинствениците од Македонија во средниот век користеле цели грбови или, пак, хералдички фигури на своите монети и печати.

Најстарата хералдичка претстава на грб на монети е на парите на Стефан Душан, каде што е претставен шлем со челенка во вид на перјаница. Монетите се ковани некаде во периодот од 1335 до 1345 година.

Позната е и надгробната плоча на големиот војвода Никола Стањевиќ (1346-1371 година), ктиторот на манастирот Свети Стефан во Конче. На плочата во средината се наоѓа поле со шлем со челенка со перница и со пердуви.

По распаѓањето на Душановото Царство, териториите на Скопје, Призрен, Приштина, албанските планини Дебар, Охрид, Преспа и Костур биле под власта на Волкашин, кој во 1365 година бил промовиран за крал. Неговиот син Крале Марко е негов совладетел до смртта на Волкашин во 1371 година на Маричката битка. Потекнуваат од семејството Мрњавчевиќ, чиј грб е присутен во илирските грбовници. Таму на челенката е претставена девојка што држи двобојно знаме со апликација на орел.

Зачувани се монети и еден печат кој е зачуван на една повелба од 1370 година во Дубровник. На неа во центарот се наоѓа шлем со челенка со глава на принцеза со круна. Од шлемот излегуваат две гранки, кои можеби и се дел од наметка.

Друг властелин по распаѓањето на Душановото Царство, кој бил северно до Волкашин е Вук Бранковиќ, кој во 1377 година го зазел Скопје од Крале Марко. Семејниот грб на Бранковиќи се наоѓа во илирските грбовници и е со претставен лав меѓу два рога.

Овој грб го потврдува печатот на Вук Бранковиќ, на кого има претстава на цел грб, со штит, шлем и челенка. На штитот е прикажан лав меѓу два рога, мотив што се повторува на челенката.51

Ова е крајната потврда дека благородниците во Македонија и во регионот кон крајот на 14 век користеле грбови. Грбови имале и пониските благородници. За тоа потврда се прстените со хералдички мотиви, најчесто со двоглави орли, но и со змеј.

На прстен од некрополата во Водоча е прикажан цел грб со штит и многу поголема челенка, како што може и да се очекува во тој период. На штитот се гледаат само линии што формираат некој вид шаховница и челенка од фигура на цело исправено животно со долга муцка. Животното е можно да биде волк. Околу прстенот има текст „Почитувајте работ божји Хлпен“ што можеби може да се поврзе со Радослав Хлапен, намесник на Бер и Воден, таткото на Јелена, сопругата на Крале Марко.52

Набргу со доаѓањето на Отоманската империја и нејзиното исламско сфаќање за ликовните прикази, хералдиката на овие простори замира. Некои од семејствата кои мигрират во странство се здобиваат со грбови, но веќе како дел од тамошното опшество. Некои од нив ги задржуваат спомените од „стариот крај“.

Едно такво семејство е Мацедониаи (Maczedoniai), кое се споменува во 1439 година во Војводина. Нејзин нај­истакнат член е Ладислав Мацедониаи кој во 1533 година бил поставен за владика на Велики Вараждин. Тој имал печат со грб од 1525 година, а e заведен во грбовникот на Зибмахер од 1605 година. Претставен е само малиот грб на кој има преставено орел, без бои или хералдичка шрафура.

Јован Монастирли, веро­јат­­но до Битола, се здобил со грбовница на 11 април 1691 година. Грбот е со лав со сабја кој стои на подножје, а на челенката има змеј.

Други пак сакаат да се надоврзат на славната историја на древните македонски цареви, како семејството Мацедонио од Неапол. Според семејната легенда тоа потекнува од Тесалоника, полусестрата на Александар Македонски, сопругата на Касандар. Во тоа време не било невообичаено семејните легенди да бидат исполнети со митолошки врски со стари благороднички и кралски семејства. Нешто што ќе го видиме подоцна е во историјата на семејството Охмучевиќ