Штит

Штит

Штитот како дефанзивно оружје отсекогаш бил добра основа за сликање. Во најголемиот дел од историјата тој бил направен од дрво, зајакнат со метални апликации, покриен со кожи. Неговиот облик не бил постојан во текот на времето, па така хералдиката не го зема предвид типот и обликот на штитот. Во блазонот не влегува обликот на штитот, кој му е оставен на хералдичкиот уметник да го исцрта во емблазонирањето, во зависност од модата, периодот и, се разбира од својот вкус.

Поради современото опишување на блазонот, се јавува потреба да се дефинира обликот на штитот. Постојат неколку системи на опишување на штитот. Едниот е „национален“, кој за штитовите со различен облик користи име на земја. Овој систем не е целосно оправдан бидејќи во различни периоди во сите земји се употребувале истите облици. 30

Вториот систем е штитовите да се нарекуваат според периодот во кој најчесто биле употребувани. И третиот е, секој штит да се нарекува со различно име.

Според македонското хералдичко здружение се користи комбиниран систем за да се продолжи традицијата, која веќе постои. Основни видови штитови се:

Варјашки – наједноставниот и најстар хералдички штит. Тој има приближно триаголен облик, но со конкавни страници, кои можат да бидат со помал или поголем радиус.

Готски – страните на штитот започнуваат паралелно, а потоа се спојуваат под тап агол.

Англиски – сличен на готскиот, но со таа разлика што во горниот дел е малку проширен.

Шпански – страниците почнуваат од врвот паралелни а на дното завршуваат во полукруг.

Француски – или квадратен, кој кого на дното линијата од конкавна поминува во конвексна.

Германски – тарч – често несиметричен штит кој има отвори од страните, кои во времето на турнирите служел за на него да се потпре копјето.

Ренесансен – штит сличен на класичните форми, но со повеќе заоблени линии.

Полски – штит со многу заоблени линии.

Барокен – штит со рамка од декоративни елементи.

Лозанж – ромбовиден штит, кој во Англија се користи во грбовите на жените.

Кружен или овален – штит кој во некои јурисдикции се користи на грбовите на жените и во црковната хералдика.

Во хералдиката страните на штитот се определуваат според оној што го носи штитот. Така десната хералдичка страна е лева додека левата хералдичка страна е, всушност, десно. Деловите на штитот се глава средина и подножје на штитот, како и лево и десно, како и со нивно комбинирање. Положбата горе хералдички десно (обично лево) се нарекува кантон.

Штитот може да биде од едно поле (целиот штит исполнет со иста боја или хералдичка шара) или да биде поделен на неколку полиња.

Основните поделби на штитот се:

расечен – вертикално,

пресечен – хоризонтално,

скосен – дијагонално од горниот десен до долниот лев агол,

лево скосен – дијагонално од горниот лев до долниот десен агол,

на крст – хоризонтално и вертикално,

на салтир – по двете диајгонали,

на шеврон (од долните краци на двете дијагонали),

на вила – како шеврон плус хоризонтална линија во горниот дел.

Тука спаѓа и на вртешка – во стандардната форма се состои од 8 полиња радијално поделени во две бои што се менуваат наизменично. Доколку има повеќе, нивниот број треба дополнително да се наведе.

Освен обични, можни се и повеќекратни поделби. Тие можат да се повторуваат, или да се комбинираат. Ако штитот се состои од четири полиња во различни бои, хоризонтално едно врз друго, тогаш штитот е трипати пресечен (една поделба на штитот дава две полиња, три поделби даваат четири полиња). Кога поделбите се комбинираат се наведува редот по кој се аплицирани поделбите.

На пример, пресечен и полурасечен на сребро, зелено, сино. Штитот е најнапред поделен хоризонтално, (горната половина е сребрена), а долната половина повторно поделена вертикално, десно зелено, лево сино.

Линиите на поделба, освен права можат да имаат и многу други различни облици. Бројот на ваквите линии на поделба е многу голем. Некои од нив се:

Лаковидна

Брановидно

Градобранска

Градобранска коса

Пламеновидно

Крлушковидна

Облаковидна

Забовидна

Блазонот ја содржи и линијата на поделбата. На пример: расечен пламеновидно, сребро и црвено.