Креативност 2010
По отворањето на изложбата Македонска хералдика во Музеј на Македонија и предавањето на хералдот Јован Јоновски следуваа неколку гостувања во емисии на домашни и неколку странски телевизии. Заедно со д-р Снежана Филипова беше снимена и емисија од Македонската телевизија за хералдиката во Македонија.
Во мај беа претставени и резултатите од сите три модула од предавањата и работилниците од проектот „Чудесниот свет на хералдиката“. Набргу потоа, по барање на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, МХЗ се зафати и со дефинирањето на инсигниите на институцијата претседател. Тимот го сочинуваа претседателот Јован Јоновски, секретарот Петар Гајдов и Стојанче Величковски. Величковски имаше и неколку интервјуа во пишаните и електронските медиуми за иницијативата за популаризација на македонскиот даб (Quercus Macedonica) за флорален симбол на Македонија.
Потоа следуваше и работата на грбот на Македонската православна црква, овој пат во тимот покрај хералдот беше и хералдичкиот уметник Стојанче Величковски. Поопширно за овие два проекта можете да прочитате во објавените написи во овој број.
По објавувањето на иницијативата за отфрлање на ѕвездата од грбот, следуваа многу написи, интервјуа, коментари, но сепак МХЗ не беше официјално контактирано од надлежните органи во врска со промената на грбот на Република Македонија.
Следуваа и две гостувања, првото во февруари на д-р Стојан Антонов, веќе добро познат на македонската хералдичка јавност, кој веќе неколкупати гостувал со своите предавања. Второто беше на проф. д-р Иван Балта од Осиек, Хрватска. И двајцата се здобија со почесно членство.
Во рамките на меѓународната соработка, делегација од МХЗ беше присутна на Годишното собрание на Бугарското хералдичко и вексилолошко друштво. МХЗ аплицираше за членство во Меѓународната конфедерација за хералдика и генеологија и се очекува дека ќе биде примена на Годишното собрание на конфедерацијата, кое ќе се одржи во рамките на 29. Меѓународен конгрес на хералдички и генеолошки науки во Штутгарт, Германија, во септември 2010 година.
(Македонски хералд бр5ој 4, 2010)