27 години од првото знаме на Република Македонија со 16 крако сонце
На првото продолжение на 41 седница оддржано на 11.8.1992 година, е избрано знамето со сонце со 16 зраци кое подоцна ќе се нарече сонцето од Кутлеш или Ѕвездата од Вергина. Тоа не беше предлог пристигнат на распишаниот анонимен конкурс за грб, знаме и химна на Република Македонија, туку предлог на назависниот пратеник Тодор Петров. Првичниот предлог даден на 1.6.1992, претрпе три ревизии на димензиите на сончевите диск и зраци за на крајот да биде утврден како:
Знамето на Република Македонија е црвено со златножолто сонце. Сонцето е со осум основни и осум споредни сончеви зраци, благо здебелени во првата половина, наизменично и симетрично наредени околу сончевиот диск. Основните сончеви зраци непосредно се одделуваат од сончевиот диск, а крајната надворешна должина на сите шеснаесет сончеви зраци се поклопува со надворешната периферија на сонцето. Дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од широчината на знамето. Односот на дијаметарот на сончевиот диск и должината на основниот сончев зрак е еден спрема два, а односот на должината на споредниот и основниот сончев зрак е седум спрема осум. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.
Јован Јоновски