7 години од Симболите на Македонија
Преглед на книгата
Пред 7 години излезе од печат книгата Симболите на Македонија, каде на 376 страни со преку 600 илустрации се претставени симболите на Македонија и нивниот развој.
Делото Симболите на Македонија од Јован Јоновски несомнено претставува камен темелник на современото истражување и проучување на македонските симболи како низ историјата така и денес. Во него се разработени речиси сите аспекти од развојот и примената на симболите во Македонија. Делото опфаќа семиотика – теоријата на симболите, хералдика – наука за грбовите, вексилологија – наука за знамињата, химнологија – за химната и фалеристика – за медалите и ордените.
Она што особено го прави ова дело значајно е неговиот сериозен, сеопфатен и строго научен пристап кон хералдиката и вексилологијата. Во таа смисла делово претставува прво дело во македонската наука од овој обем кое се занимава со хералдиката не како некаква помошна историска дисциплина туку онака како што е исправно, имено, како самостојна мултидисциплинарна наука која во себе опфаќа историски, културолошки, социјални и правни односи меѓу грбовите со нивните грбоносци и грбовите меѓу себе. За ова сведочи делот на живата хералдика претставен од месно – хералдичкиот систем на Македонското грбословно друштво и личната хералдика и секако, обидот сериозно да се обработи и пообемен терминолошки материјал.
Јоновски со своето дело прави сериозен придонес во истражувањето на историскиот развој на грбовите на Македонија со што на најдостоен начин го продолжува она што беше започнато од Александар Матковски во втората половина на минатиот век. Особен интерес за македонсктата наука претставуваат грбовите на кралот на Македонија како и грбовите на Александар Македонски чије овдешно претставување е резултат на голгогодино истражување.
Делото е напишано на научно – популарен стил и изобилува со илустративен материјал што го прави пристапно и исклучително интересно четиво. Во него се наоѓаат многу одговори во врска со симболите на Македонија, но истото покренува и нови со што создава основа за нови понатамошни научни истражувања.