74 години на знамето на СР Македонија
Црвеното знаме со жолто обрабена петокрака со однос на страните од 1:2, за првпат е утврдено како знаме на Народна Република Македонија, во член 4 од првиот устав од 31.12.1946 година.[1] На него се наоѓа црвена петокрака, која се забележува само по жолтиот обраб. Законот од 1974 година, го додефинира дијаметарот на ѕвездата на 0,33 од висината на знамето.
Основата на принципот за дизајнот на македонското знаме лежи во советувањето на Главниот штаб на народноослободителните партизански одреди на Југославија во Столице, во 1941 година, каде се удрени темелите на партизанските одреди на Југославија, со кои се дадени првите определби за идната државна заедница со Македонија како конститутивен.[2] Партизанските одреди биле дефинирани како борбени одреди на народите на Југославија. За нив како ознака се определува црвената ѕвезда петокрака, заедно со националното знаме. Со оваа наредба се задава општиот концепт на воена ознака – национално знаме плус црвена ѕвезда петокрака што ќе стане дел од новиот концепт на национални знамиња на народните републики во Федерацијата. Во оваа наредба, Македонија и нејзиното знаме не се споменуваат, но овој концепт ќе се почитува подоцна, при изработката на македонското знаме.[3]
Во летото 1942 година, за првпат било дискутирано за македонското знаме на состанокот на ГШ на НОПОМ, кога командантот Михајло Апостолски се подготвувал да излезе на терен да ги раководи партизанските одреди. Тој рекол: „Партизанските одреди треба да носат знаме. А какво ќе биде знамето?“ По анализа на знамињата на Илинденското востание, се зазел став знамето да биде црвено.[4]
Социјалистичката симболика се забележува и во текот на Илинденското востание, и тоа преку две знамиња. Најнапред, има извештаи дека во конкретниот период се веело и црвено знаме, без дополнителни симболи, кое може да се смета за знаме на востанието, како различно од она на организацијата. Имено, се забележува дека „…над градот Крушево сега се вееше црвеното знаме, наместо она црно-бело знаме со череп и крстосани коски, кое беше симбол на востанието“.[5]
Во согласност со одредбите за партизанските знамиња од Советувањето во Столице, и на македонското знаме во средината се најде црвената ѕвезда петокрака, со жолто-златен обраб на средината.[6] Во партизанската база на главниот штаб на НОВ и ПОМ на Лопушник, Кичевско, бил утврден и изгледот на македонското знаме – црвено поле со иста таква петокрака, но со жолти рабови.[7] Овој дизајн, но со испишани имиња на воените единици станува и урнек за воените знамиња. Но понекогаш ѕвездата е во кантон, како на фотографија од Кичево од март 1943 година.
[1] „Службен весник на НР Македонија“, 1/47.
[2] Билтeн главног штаба народно-ослободилачких партизанских одреда Југославије, 10 VIII 1941, број 1, 1.
[3] Ibid, 1 ХI 1941, број 7 и 8.
[4] Коце Солунски, Апостолски од раѓањето до генерал, Скопје, Матица македонска, 1993, 102.
[5] Stoyan Pribichevich, Macedonia, its people and history, The Pennsylvania State University Press, Pennsylvania, 1982, 128. Walter Laqueur, “IMRO”, Warfare: A historical and critical study, Transaction Publishers, New Brunswick, New Jersey, 2009, 182.
[6] Коце Солунски, Апостолски ….
[7] Симо Младеновски, „Mакедонските национални симболи во текот на НОБ“, Гласник 48, 1-2, 2004, ИНИ, Скопје, 24.
Јоновски Јован (2019) Сонцето и лавот како симболи во хералдиката и вексилологијата на Македонија, Скопје: Македонски грбословно друштво, 63-64.