Државното знаме
Република Македонија, прогласи независност во 1991 година, а беше примена во Организацијата а обединетите нации на 8 април 1993 година, но не ѝ беше дозволено да го подигне своето знаме заедно со знамињата на другите членки пред зградата на ОН во Њујорк. Тоа беше првпат во историјата на ОН да биде примена нова членка, но не и нејзиното знаме.
Оваа ситуација заврши со Привремена спогодба меѓу Македонија и Грција во која беше договорено Македонија да го смени знамето. Дополнително, Македонија со овој договор беше обврзана да ја обесхрабри јавноста да го користи своето поранешно знаме.[1]
Предлозите за дизајн на ново знаме на Република Македонија беа разработени од проф. Мирослав Грчев, архитект. Новото знаме мораше да биде различно, но да има тематски, визуелно-симболички и идентитетски континуитет со државните и националните знамиња, со сонцето (и со петокрака, сонцето е ѕвезда и со боите жолта и црвена. Биле разгледани основните вексилографски форми на сонцето, а од очигледни причини било отфрлено сонцето од типот Кутлеш (сл. 1).
По истражувањето на 12 верзии на сонцето, концептот се материјализира како сонце со осум дивергентни зраци кои излегуваат директно од дискот, без дополнителни елементи (сл. 2).[2]
Сепак, конечниот предлог беше изменет од проф. Костадин Танчев-Динката, ликовен уметник. Оригиналниот „златен“ однос[3] беше истегнат во 1:2 и зраците беа откачени од сончевиот диск со имплициран круг. Ова ја наруши избалансираната кружна симетрија на сончевите зраци, која беше симетрична и во квадратна форма.
Динката тврди дека тој самиот го дал предлогот, без никаква поврзаност со Грчев.[4] Од друга страна, новинарот Спасе Шуплиновски тврдел дека сонцето на знамето е негова идеја, поддржана од генералниот секретар на ОН Бутрос Бутрос Гали, кој го принудил претседателот на Македонија Киро Глигоров да го прифати. Според Шуплиновски, проф. Грчев ја направи само „компјутерската графика“.[5]
Гледајќи го финалниот дизајн, тешко е да се поверува дека оригиналното дело на Грчев не е вклучено во конечните дизајнерски измени направени од Динката. Затоа, дизајнот на знамето треба да се нарече како дизајн Грчев-Динката. Спасе Шуплиновски воопшто не работел на дизајнот на знамето и во никој случај не може да се смета за негов идеолошки или каков било друг вид творец.[6]
Либералната партија даде свој предлог за изгледот на сонцето со осум зраци, каде што тие се со иста дебелина, слично на британското знаме – Унион Џек. (сл. 3).
На 22 септември 1995 година беа објавени два предлога и постигнат е консензус за предлогот со сонцето со дивергентни зраци на Грчев-Динката. Предлогот беше прифатен од 86 пратеници.[7]
Институтот за знамиња од Лондон, испрати изменет предлог од Пол Ватсон до македонската амбасада. Предлогот „го користеше византискиот орел, црвено-црните бои на ВМРО и три ѕвезди за да ги претстави земјите во кои живеат Македонците. Можеби овој дел нема да им се допадне на Грците“ (сл. 4)[8].
Трите ѕвезди се наоѓаат и на верзијата на знамето користено на основачкиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во мај 1990 година. Тие ги претставуваат трите делови на Македонија поделени за време на Балканските војни 1912-1913: Вардарска (Србија), Егејска (Грција) и Пиринска (Бугарија) [9], а се сметаат за симбол на стремежот за обединување (сл. 5).
За да ја подготви јавноста за промената на знамето, ден пред објавувањето на новиот дизајн на сонцето, главниот дневен весник Нова Македонија објави анкета со која се тестира подготвеноста на граѓаните да го сменат знамето. Насловот на анкетата на весникот беше прилично индикативен: „Името не може да се смени – знамето може!“ Всушност, целата анкета повеќе се однесуваше на прашањата за името на државата и можните варијанти на знамето. На 56 отсто од испитаниците не им пречело промена на знамето, 26 отсто биле против.[10] Ова ја поддржа теоријата дека знамето е жртвувано за да се зачува името на земјата.[11]
На 27. седница на Собранието на Република Македонија, на 5 октомври 1995 година, беше усвоен Законот за знамето како и декларацијата за осуда на обидот за атентат врз претседателот Киро Глигоров два дена претходно. На исклучително кратка седница, без расправа (покажувајќи дека сите пратенички групи веќе се договориле за промена на знамето), со 110 гласа „за“, еден против и четири воздржани, беше донесен Законот за знамето на Република Македонија.[12]
Во член 2 од Законот за знаме се вели:
Знамето на Република Македонија е црвено со златно жолто сонце. Сонцето е со осум сончеви зраци кои се простираат од сончевиот диск со проширување до рабовите на знамето. Сончевите зраци се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала. Дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од должината на знамето. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на ширината и должината на знамето е еден спрема два.
Во прилог е даден и ликовно-графички приказ на знамето (сл. 6).
Новото знаме првпат беше поставено на 7 октомври во зградата на Собранието, а на 22 октомври пред зградата на Обединетите нации во Њујорк. Знамето беше пречекано со голема резигнација, како симбол на капитулација. Не беше развеано пред општините во Македонија под контрола на опозициската ВМРО-ДПМНЕ сѐ до следните локални избори.
Дизајнот на знамето е специфичен, со црвено поле и дивергентно сонце. Иако некои од димензиите на дизајнот на сонцето се наведени во Законот, некои се сè уште недефинирани, а некои отстапуваат од графичкиот приказ на знамето што е дел од Законот. Зраците на графичкиот приказ на знамето не се добиваат со едноставно сечење на дијагоналите на правоаголникот, како што е напишано во законот, туку од сложена структура на почетоците на рабовите на зраците кои формираат квадрат со сооднос 3:4 (сл. 7).
Знамето има пропорции 1:2. Дијаметарот на дискот е 1/7 од должината на знамето, односно неговиот радиус е 1/7 од висината; Целото жолто сонце и зраци се 33 % од површината на знамето; преостанатите 67 % се црвени. Сонцето има два хоризонтални, два вертикални и четири дијагонални зраци, секој поставен со различни карактеристики и различни појдовни точки, од кои само хоризонталните зраци се среќаваат во центарот на знамето. Нивната должина е 1 единица (E) (висина на знамето), нивната ширина е 0,2 E, а под агол од 11,53°.
Државното заме се дефинира како правоаголник со однос на страните 1:2. Но често пати е потребно знамето да биде со други димензии. На пример размерот на знамињата на учесничките на олимписките игри долго време биле според пропорциите на знамето на земјата домаќин. Денес знамињата се со пропорциите на олимпиското знаме 2:3. Или пак знамето на државите на дипломатските автомобили при официјалните посети, истотака се со зададени димензии.
Или пак, знамето се користи како дел од многу логоа и графики, или разни документи, како лична карта пасош, каде што димензиите се помали од пропишаните 1:2, но тие се всушност исечени од оригиналното знаменце со однос, што го прави знамето дел несиметрично како да недостигаат уште 4 зраци за пополнување на симетријата на сценографијата. (сл. 8).
Бидејќи дефиницијата за знамето во законот вели дека зраците се хоризонтални, вертикални и дијагонални, тогаш сонцето треба повторно да се нацрта за употреба во круг, квадрат и други димензии (сл. 9).
Од вексилолошка гледна точка, дизајнерските атрибути на знамето се сменија, но претставените симболи не. Знамето остана црвено со жолто сонце. Сонцето со конвергентни зраци го замени едното со дивергентни зраци, тоа не ги изгуби своите атрибути ниту доби други.
Новото знаме многу бавно почна да се прифаќа, што можеше да се види и денеска на спортските настани, каде што на повеќе од половина истакнато е новото знаме.
Настани што го потпомогнаа ова се поставувањето на јарболи со големи знамиња на многу локации низ Македонија. Во декември 2008 година се поставија јарболи високи 30 м во Скопје на градскиот плоштад, пред Собрание, на скопското Кале и во Битола. Знамето е со димензии 4 м х 8 м. Во следните две години се поставија многу такви јарболи и знамиња. А врвот на промоцијата на знамињата е востановувањето на церемонијата на менување на знамето пропратена со интонирањето на државната химна пред Собранието и Владата на Република Македонија, кои се отворени за јавноста, како и во вилата Водно – кабинетот на Претседателот, кое поради затворениот карактер се одвива за поканети групи од разни заднини од ученици до пензионери (сл. 10). Првото церемонијално менување на знамето е изведено пред Собранието на Република Македонија на 15 мај 2010 година, сабота, замислено да се вика „Ден на знамето“.
Низ социјалните мрежи повторно се актуелизира 15 мај – денот на македонското знаме кога се повикуваат луѓето да постават слики со македонското знаме, при тоа не прецизирајќи на кое знаме с мисли, иако во дијаспората најчесто се подразбира дека станува збор за знамето од 1992 година (сл. 11).
Но, старото знаме никогаш не беше напуштено и сè уште се користи за лична употреба, а добива поголема популарност особено откако државата го осуди со Преспанскиот договор меѓу Грција и Македонија од 2018 година и се гледа како симбол против промената на името на Република Македонија, со додавање „Северна“. Со овој договор Македонецот беше принуден да го отстрани секое јавно појавување на старото знаме од Кутлеш/Вергина. Така, сонцето беше избришано дури и од капаците на шахтите. Старото знаме некои го гледаат како национално (етничко) знаме, додека новото е државно знаме.
Повеќето македонски Албанци, кои живеат во близина на границата со Албанија и Косово, никогаш не го прифатија ниту едното ниту другото знаме. Тие го веат само албанското знаме (црвено со двоглав црн орел) и го сметаат за етничко знаме. Употребата на ова знаме е прифатена со закон, кога се вее само ако е придружено со македонско знаме кое е 1/3 поголемо.[13] Сепак, ова ретко се забележува. Пример е обележувањето на денот на албанското знаме 28 ноември 2018, во општина Чаир, во Скопје со претежно албанско население, кога доминират албанското државно и народно знаме. Каде се присутни заедно, поголемо e знамето на Република Албанија (сл. 12).
Jonovski, J. (2022). Историја на македoнското државно знаме – History of the Macedonian National Flag. Македонски хералд – Macedonian Herald, (18), 3-29. https://doi.org/10.47763/mher2218003j
БЕЛЕШКИ
[1] Покраината Македонија во Грција (име што се користи од 1987 година, а претходно се нарекуваше Северна Грција) почна да користи сино знаме со златно или сребрено 16-зрачно сонце како симбол на „грчка Македонија“. Иако, хералдички, тоа не е проблем, бидејќи знамињата се со различни бои, грчката влада смета дека употребата на овој симбол од страна на Република Македонија е крадење на еден од нејзините симболи.
[2] Grchev, Miroslav (2011), “In Search of the New Flag,” Macedonian Herald 5. Skopje: Macedonian Heraldry Society.
[3] Grchev, Miroslav (2011a), Interview 2011.
[4] Величковски, Владимир (2019), Костадин Танчев – Динката, Скопје: Национална галерија на Македонија, 181.
[5] Шуплиновски, Спасе (2013), Заблуди и вистина за знамето (2), Македонски документи, https://documents-mk.blogspot.com/2013/04/2_23.html. Accessed on 26.6.2017.
6 Јоновски, Јован (2021), „Нов претендент за дизајнот на знамето“, 6.10.2021 https://heraldika.org.mk/news/nov-pretendent-za-dizajnot-na-znameto/ Пристапено/ Accessed on 16.4.2022.
[7] Дарковска , З, „Консензус за предлогот на новото знаме”, Нова Македонија, 23.9.1995.
[8] Star (1995) “Star of Vergina must go”, Flagmaster 80, 8.
[9] Малиот дел под Албанија не е отсликан тука.
[10] Дарковска, З, „Името не може да се менува—знамето може!”, Нова Македонија, 5.10.1995
[11] Petrov, Todor (2017). Interview, 2.12.2017.
[12] Законот за знаме на Република Македонија. „Службен весник на Република Македонија” 47/95.
[13] Закон (2005), за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, Службен весник 58/2005, 100/2011.