Грбот на Претседателот на Република Македонија
На 02-12-2009 година Претседателот на Република Македонија доби грб на функцијата. Тој преставува шпански штит во црвена боја на кој е поставено златно осмокрако дивергентно сонце, со диск обрабен црвено во средината, Штитот е обрабен обратно обоено.
Под штитот се поставени две вкрстени гранчиња од Македонски даб (Quercus Macedonica) со по 8 ливчиња и 8 желади.
Грбот на претседателот на Република Македонија содржи два симбола, Сонцето е древен симбол на Македонија и истото е претставено на знамето и во химната на Република Македонија.
Вториот, флорален симбол е ендемскиот вид на даб, Македонскиот даб, познат по своите карактеристики, особено жилавоста и издржливоста на надворешни влијанија.
Идејата на сонцето е превземена од знамето на Република Македонија, но тука дебелината на златните краци и просторот помеѓу нив е еднаков.
Употребата на знамето со сонце во амблем на државна функција е во согласност со законот за Грб, Знаме и Химна на Република Македонија.
Амблемот е дело на авторите Стојанче Величковски, Петар Гајдов и Јован Јоновски, членови на Македонското хералдичко здружение.
Авторите добиле стручна поддршка од Александар Куров од Германија, Виктор Ломанцов од Русија, Жељко Хејмер од Хрватска и Стојан Антонов од Бугарија, меѓународни експерти за хералдика и вексикологија (наука за знамињата).