16.10.2022

Ја чуваме и унапредуваме македонската хералдика

Македонско грбословно друштво
Македонската хералдика ја разгледуваме од повеќе аспекти, прво се опфаќа она што го има проучувано Александар Матковски, а потоа и друго, вели Јован Јоновски

За хералдиката во Македонија се повеќе се зборува и е се повеќе присутна. Хералдиката се занимава со проучување на грбовите, нивниот настанок, употреба, наследување…
Главен придонес во нејзината популарност кај јавноста дава Македонско грбословно друштво. Тоа од 2018 година ги продолжило традициите на Македонското хералдичко здружение основано уште во 2003-та година и кое се занимаваше со хералдика, вексилологија, фалеристика, шивалристика и нобиларни прашања во Македонија. Нивниот претседател Јован Јоновски, заедно со своите колеги се вградуваат во оваа значајна дисциплина.
– Детскиот интерес добива посериозна форма во текот на моите студии во Будимпешта и особено во Лондон. Во 2000 година го поставувам и сајтот Хералдика во Македонија на кој најнапред се земските грбови и текстови од книгата Грбовите на Македонија од Александар Матковски. Следните години на сајтот се добавуваат и други содржини за лични, семејни и општински грбови, како и секции за хералдика. Околу сајтот се собираат заинтересирани и во 2003 година е формирано здружението, ни објаснува Јоновски.
МГД сега има десетина високообразовани членови. Некои се интересираат претежно за ознаки на униформи, други за амблеми на спортски клубови итн. Го уредуваат и списанието „Македонски хералд” во кое се објавуваат стручни статии.
– Македонската хералдика ја разгледуваме од повеќе аспекти. Се опфаќа она што Матковски го има проучувано и објавено во 1968-72 година. Тука спаѓаат грбовите со златен лав на црвен штит и обратно, црвен лав на златен штит од илирските грбовници и стематографиите. Второ е припишаниот грб на Александар Македонски во средовековните извори од Европа, каде покрај грбот со лав во двете комбинации на бои, се јавува и грб со грифин, со змеј, со три круни или пак три камбани… Тука спаѓаат и грбовите на Македонија… Понатаму тука се државниот и општинските грбови, како и лични грбови, наведува Јоновски.
МГД има бројна активност, поврзано е се другите соседни хералдички здруженија, членува во светските асоцијации, заслужно е за отворањето на постојаната поставка за хералдиката во Македонија, во Музејот на Македонија, утврдувањето на Македонскиот месно хералдички систем, според кој се дизајнирани неколку општински грбови, за издавање на две книги за хералдиката, вексилологијата и за другите области, за грбовите на Претседателот на Република Македонија и предлогот за грб на Македонија 2013 година и тн.

Грб може да има секој поединец
– Грб може да има секој поединец кој доволно се интересира. Процесот на креирање на грб е таков што ги спојува карактеристиките на личноста за кој се креира грб и хералдичка композиција. Готовиот грб потоа се заведува во регистерот на грбови. Во нашата традиција првиот што го добива грбот е личен, а потоа станува семеен со наследување од неговите потомци, објаснува Јован Јоновски.

Македонско ехо, 13.10.2022